1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економска 2020: Да не се повтори никогаш!

Костадин Делимитов
30 декември 2020

Ударот од пандемијата предизвика драматични последици врз македонската економија. Периодот што претстои е критичен и уште понеизвесен.

Karikatur von unserem Karikaturisten Sergey Elkin

Економско заздравување или продолжување на битката за преживување? На преодот кон Новата година македонската економија е пред сериозен предизвик - да се биде или не во кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19. Ако 2020. беше година на досега невидена криза по речиси сите основи, 2021 е неизвесна како ниту една година досега. Барем не во годините на македонската самостојност.

Последиците се длабоки за сите: за граѓаните, стопанствениците, за државата. Колку длабоко, покажува веројатно очекуваната, но сепак депримирачка рецесија, големиот број загубени работни места - над 50 илјади - од кои една третина директно како последица на кризата. Дополнително, еден куп пропаднати зделки и бизниси, загубени пазари, осиромашени граѓани.

Статистиката е немилосрдна, а бројките се поразителни и покрај антикризните мерки од над 300 милиони евра, или севкупната помош по сите основи од над една милијарда евра. Од Владата велат дека помошта сепак превенирала ударот врз домашната економија да биде многу посериозен: 

„Благодарение на четирите пакети на економски мерки не дозволивме поголем пад од проценетите -4,4% во 2020 година. Дури и да биде поголем падот, ударот ќе биде помал отколку кај нашите главни трговски партнери. Досега, заклучно со третото тримесечје, економскиот резултат е -5,9%, со најголемиот квартален пад од 14,9% во второто тримесечје“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Статистиката е немилосрдна, а бројките се поразителни и покрај антикризните меркиФотографија: Colourbox

Последиците од кризата ќе се чувствуваат уште долго

Помошта од државата беше добредојдена за стопанството, но само за да издржи во кризата. Дилемите се сепак дали можеше подобро и повеќе?  

„Како држава не можеме да речеме дека ги презедовме најдобрите можни мерки во однос на кризата, но не потфрливме. Ако резимираме, и државата и приватниот сектор и сите други институции не беа на највисоко ниво, но држеа солидна кондиција за да може да се преброди ковид-пандемијата, барем засега. Државата навистина помогна во тоа што можеше, се задржа структурата на бизнисот и тоа е факт", изјави претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Сепак, неизвесноста останува, а, според Азески, фер е да се каже дека кризата што ја предизвика пандемијата ќе има последици уште најмалку 10 години. Критичен ќе биде моментот, кога ќе почне да престанува државната помош. Во вакви услови, според него, клучно е да се поддржат успешните компании, но и да се обезбеди владеење на правото:

„Ако нема владеење на правото, нема ни раст на бизнисот. Ние сме заинтересирани за апсолутно стабилизирање на државата, посебно на правосудниот систем“, предупреди Азески.

Повеќе:

Просечната плата расте, стандардот тапка во место

Аплаузи за буџетот, свирежи за опозицијата- касата за 2021 тежи 4 милијарди евра

„Имаш куќа - врати стан“ - трипати поголеми даноци за богатите

Дел од бизнисмените немаат дилеми дека кризата се прелева и во 2021 година. Надежите се полагаат на брзата вакцина против Ковид-19 која треба да овозможи и побрзо враќање во нормала. Сепак, без засилени мерки и решавање на системските проблеми нема оптимизам дека економијата бргу ќе застане на здрави нозе:

„Дефинитивно е потребен нов пакет мерки за економски спас и Сојузот на стопански комори, како глас на економијата, ќе продолжи да го застапува приватниот сектор и да придонесува со предлози базирани на факти, да се помогне со финансиски и нефинансиски мерки за да се надмине здравствено-економската криза. Ќе продолжиме да се залагаме за надминување на клучните предизвици, односно за потребата од воспоставување на систем на владеење на правото, законите да важат подеднакво за сите и да се применуваат неселективно. Од бројните предизвици, еден од најважните, кој останува неадресиран, е институциите серозно да се посветат на сузбивање на сивата економија која е во експанзија", изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Извозот бележи пад за дури 12,8%, а увозот намалување од 11,5% споредено со истиот период ланиФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Нов пакет антикризни мерки во новата година

По четири пакети антикризни мерки, од Владата најавуваат дека во Новата година ќе следува и петти, кој директно ќе биде насочен кон поддршка на најранливите категории. Пари во буџетот има, а допрва ќе се утврдува кому и по колку ќе се распределат. За синдикатите е клучно овој процес да биде ефикасно спроведен:

„Помошта и зачувување на работните места треба да останат како приоритет. Најверојатно најголема ќе биде помошта за угостителскиот сектор, кој е најпогоден периодов. Очекуваме и посакуваме, барем овојпат, помошта за работниците директно да се исплати на сметките на работниците, оти еве гледаме дека и последниов пат повторно имаме злоупотреби од некои газди. Ќе побараме да се стопираат извршителите ако може, но и да има наменски кредити за граѓаните. Сепак, од ова што го гледаме нема некој оптимизам дека ќе биде подобро, напротив -  може да биде и полошо“, коментира Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации. 

Повеќе:

Македонската економија и официјално е во рецесија

Македонските „златни кокошки“ ќе ги оправаат „бизнис аматери“

Деспотовски: Ќе привлекуваме квалитетни инвеститори кои ќе делат и повисоки плати

Освен поддршката од страна на државата, во одржување на кондицијата на македонската економија значаен придонес имаат и странските извозно ориентирани компании кои, можеби изненадувачки, постигнаа солидни резултати. Компаниите од автомобилската индустрија очекуваат дека 2021 година ќе биде во знакот на раст и постепено враќање кон нормала:

Дел од економските мерки од оваа година, кои по својата природа не се антикризни, туку системски, како што е временото усогласување на царинските стапки по иницијатива на Асоцијацијата на странските инвеститори при Стопанската комора, веќе имаат позитивно влијание и ги раздвижуваат процесите во индустријата. Дополнителната конкурентност која ќе произлезе од овој процес на усогласување на царинските стапки со оние во ЕУ мора да биде катализирана од зголемен и фокусиран ангажман на државните институции во подобрување на деловното опкружување и поддршка во решавање на проблемите на присутните инвеститори“, напиша во колумна за „Капитал" Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

Сепак, генерално, податоците за трговската размена се негативни. Заклучно со октомври, извозот бележи пад за дури 12,8%, а увозот намалување од 11,5% споредено со истиот период лани. Лошиот биланс е главно резултат на слабата кондиција на домашните извозни компании, но и на рестрикциите во Германија, која важи за главен трговски партнер на македонската економија.

Онлајн трговијата забележа раст од 141%Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

На многумина им се стемни, но на некого и му се раздени

Кризата влијаеше и во делот на странските инвестиции кои за девет месеци изнесуваат едвај 119 милиони евра. Истовремено, регистриран е одлив на капитал од 5,4 милиони евра, само во третиот квартал. Владата во последниве неколку месеци раскина договори со 4 странски инвеститори кои навреме не ги стартувале градежните активности на терен. Добрата вест е сепак што ниту еден од постојните инвеститори не заминал од државата, туку, напротив, дел од нив веќе работат и на проширување на инвестициите.

Една од клучните стратегии за позитивни промени на овој план ќе биде привлекувањето на квалитетни инвеститори кои ќе креираат додадена вредност, но ќе делат и повисоки плати. Новиот директор на Технолошко индустриските развојни зони Јован Деспотовски најави и иницијатива за засилување на регионалната соработка во насока на заеднички пристап во привлекувањето на странските инвеститори.

Ако во кризата на најголем дел од бизнисите им се стемни, сепак на некои дејности им се раздени. Принудното затворање и ограничување на движењето предизвика зголемување на онлајн трговијата, која според податоците забележа раст од 141%. Освен онлајн трговијата, во кризата не поминаа лошо ниту банките, кои не само што ја задржаа добрата кондиција, туку во најголем дел остварија и позитивни финансиски резултати.

Во очекување на податоците за последниот квартал од 2020 година, Владата веќе ги позиционира проекциите за 2021 година. Буџетот е тежок 4 милијарди евра, со проектиран раст на економијата од 4,1%. Очекувањата се дека извозот ќе забележи раст од 14%, се очекува закрепнување на инвестициите, на потрошувачката и надворешната побарувачка. Бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9%, а невработеноста да се намали. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми