1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ексел-табелите го откриваат „печатот“ на УБК

Катерина Блажевска29 април 2015

Табелите за прислушкувани лица објавени од СДСМ, се истите кои се користеа од Управата за оперативна техника во 2001 година, тврди Горан Митевски, поранешен директор на УБК

Фотографија: DW/P. Stojanov

По објавувањето на 27-мата „бомба“ на СДСМ, според која, нарачатели на масовното прислушкување во Македонија биле премиерот Никола Груевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков, а не странски служби, многу нешта стануваат појасни, велат поранешни безбедносни функционери, но и лица задолжени за парламентарна контрола врз работата на МВР.

Веројатно, на сите кои ја слушале комуникацијата меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, им стана јасно колку тие неодговорно го сфаќале Законот за следење на комункацииите, но и парламентарната контрола врз неговото спроведување, вели Тито Петковски, поранешен претседател на собраниската Комисија за надзор врз работата на УБК.

„Ја кроеле законската регулатива на крајно импровизаторски начин, без анализа и истражувања на состојбите и на ефектите од примената на законот. Бареле начин само како да се испазарат за донесување на законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство, а притоа внимавале да немаат никакви обврски кон надзорот. Целта е јасна: да се спречи каков било обид за контрола со посета во МВР, како и увид во документацијата за примената на посебните истражни мерки (ПИМ). Тие апсолутно немале никаква намера да предвидат законски можности за одговорност на МВР во однос на злоупотреба на ПИМ“, вели Петковски.

Во 2011 и 2012 година тој бараше од министерката Јанкулоска информации дали се применети посебни истражни мерки за Љубе Бошкоски, лидер на „Обединети за Македонија“. По долга преписка со министерката, доби одговор дека за Бошкоски не се применети ПИМ. Но, се покажа дека имало, откако годинава на Јутјуб се појавија снимки кои му претходат на апсењето на Бошкоски.

Табелите исти како во 2001 година

Горан Митевски, поранешен директор наУБК, во доказите презентирани од опозицијата ги препознава обрасците за работа на службата.

„Ексел-табелите кои беа објавени на прес-конференцијата на СДСМ, се истите табели кои се користеа од страна на Управата за оперативна техника во 2001 година. Тие табели немаат назнака строго доверливо и можат да се користат како круцијален доказ дека МВР нелегално прислушувало. Самиот факт дека има околу 10.000 страници таков материјал ја покажува масовноста на опфатот на прислушувани граѓани во текот на повеќе од четири години. Најголем дел од презентираните разговори се поврзани со преговорите со опозицијата околу начинот на контролата на парламентарната комисија за следење на работата на УБК и АР. Самите разговори покажуваат колкав е 'демократскиот капацитет' на министерката за внатрешни работи и директорот на УБК, но и на претседателот на Собранието. Овие разговори претставуваат уште еден доказ за нефункционирање на поделбата на извршната и законодавната власт“, вели Митевски.

На листата презентирана од опозицијата, за лица чии комуникации наводно биле следени, се наоѓа и името на Есад Рахиќ, под кодно име „НДС Расад“. Апсурдот е во тоа што токму Рахиќ е поранешен член и претседател на парламентарната Комисија за надзор врз работата на УБК.

„Во периодот од 2002 до 2006 година бев член на таа комисија и под водство на г-дин Ефтим Манев од ВМРО-ДПМНЕ направивме неколку посети на подрачни единици на службата низ Македонија. Меѓутоа, никогаш не прозборевме за прислушкувањето. Можеби поради настаните во 2001 година. Можеби и поради фактот што г-дин Манев беше заменик претседател на г-дин Љубе Бошковски, а тогаш постоеше перманентен судир помеѓу двете партии - ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-Народна. Во периодот од 2006 до 2008 година, кога јас бев претседател на истата Комисија, и покрај бројните седници, никогаш го немавме задоволството да го видиме г-дин Мијалков да поднесе извештај за работата на крајот на годината, а ни во сон не можевме да се доближиме ни до капијата на УБК. Како претседател на Комисијата имав пратено барање за посета на УБК, меѓутоа на тоа писмо никогаш не беше одговорено позитивно“, објаснува Рахиќ.

Тврдењата на Заев не докажуваат ништо, велат од ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/K. Blazevska

Преседан во модерната историја

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и во сите “бомби“ досега, ја обвини опозицијата за монтирани материјали.

„Очигледно е дека во СДСМ се уште се во шок по фијаското на референдумот во Центар, па со прес-конференцијата на која Заев објавуваше креирани и монтирани материјали чија веродостојност не е утврдена, си дадоа нов автогол. И покрај тоа што дополнително покажаа дека одработуваат единтвено за туѓи интереси, покажаа и дека немаат никаков капацитет за водење на реална политика. Заев е толку завлезен во деструктивност што веќе навлезе и во сопствено и партиско дефакторизирање и автодеструкција... Во однос на фалењата на Заев дека поседува еден куп незаконски прислушкувани и креирани, сечени и монтирани материјали и смс-пораки, СДСМ може да кажат дека доставиле и 5 милиони страници материјали, но ако во нив нема ниту еден аргумент, како што очигледно нема во овие досега објавени материјали, тогаш залудно им е се. Бројката не е воопшто предиспозиција и показател за квалитетот“, се вели, меѓу другото, во реакцијата од владејачката партија.

Според Рахиќ, неспорен е фактот дека во Македонија перманентно се прислушкуваат политичари, политички неистомисленици, а во последно време и поголем број граѓани. Но, она што оваа власт го направила во последните неколку години слушајќи огромен број граѓани, го смета за преседан каков што во модерната историја не е забележан во кој било систем.

„Вакво неселективно слушање и масовно кршење на човековите права мора да заврши и тоа со најостри можни санкции. Очигледно е дека од делата на овие луѓе се гледа дека станува збор за организирана група луѓе, кои на криминален начин ја злоупотребувале позицијата и власта за да си ги сочуваат своите позиции и заради остварување на некои само ним познати интереси. Решение за ова има. Компетно нов политички амбиент со луѓе кои што поинаку ја разбираат политиката, со носење строги законски мерки и нивно применување на секој обид на злоупотреба на инструментите на власта. За да се дојде до тоа, сите оние кои досега на ваков начин се огрешиле треба да бидат санкционирани и засекогаш оддалечени од политиката. Искуствата од западните системи можат да послужат за градење нов систем на вредности во секој сегмент, вклучувајќи вистинска цивилна контрола врз безбедносните системи. За сето ова единствено е потребна политичка волја на елитите, но се надевам не на овие што во последните 20 години ги кршеа правилата на игра“, порачува Рахиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми