1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина: Монтирани процеси против Ујгурите

Наоми Конрад | Јулија Бајер | Чери Чан
8 јуни 2020

Повеќе од еден милион Ујгури се исчезнати во кинеските кампови за превоспитување во Шинџијанг. Според истражувањето на ДВ, многумина таму биле присилувани сами да ги пријават своите „престапи” за потоа да бидат осудени.

China Xinjiang Dabancheng Uiguren Umerziehungslager
Фотографија: Reuters/T. Peter

Жената се загледува во фотографијата на екранот - многу згради и висока ограда: таму, под јарболот, се одржувале утринските смотри. Во зградата до неа се одвивале „процесите”, монтирани и без каква било правна помош за обвинетите. Без можност за одбрана или приговор, вели оваа жена.

Почнува да плаче, бесшумно, неколку минути и со раката си ги брише очите. Сеќавањата на времето во кинеските кампови за превоспитување ја погодуваат: самоволието, сослушувањата за кои жените со кои делела ќелија честопати биле будени среде ноќ, нечистотијата и постојаниот страв. „Страшно е таму, ти ја земаат и последната трошка слобода”, раскажува таа.

Се забележува дека е трауматизирана од престојот во кампот, измачувана од кошмари и дека, како што вели, изгубила волја за живот. Жената е припадничка на Ујгурите, претежно муслиманско малцинство кое живее во провинцијата Шинџијанг на северозападот на Кина, далеку од Пекинг. Културолошки и етнички Ујгурите имаат повеќе заеднички нешта со соседите во Казахстан или Киргистан, отколку со Хан-Кинезите кои се мнозинство во земјата. Од страна на комунистичкото раководство Ујгурите, кои одамна се стремат кон поголема независност, се дискриминирани во многу области, шиканирани и надгледувани. Наводно затоа што претставувале безбедносен ризик. Како на пример во 2009 година, кога во главниот град на провинцијата Шинџијанг, Урумчи, дојде до насилни протести против Хан-Кинезите, во кои загинаа 140 лица. Или во 2014., кога атентатор самоубиец изврши напад врз пазар во кој загинаа повеќе десетици лица. Пекинг се повикува на таквата опасност од терористички напади.

Повеќе:

 Ексклузивно: Кина без причина ги испраќа Ујгурите во логори

Кина тргна по опасен пат

Монтирани процеси во логорите за превоспитување

Кон крајот на 2016 година кинеската влада започна да постапува сѐ поригорозно против Ујгурите. Оттогаш е создадена мрежа од логори за превоспитување и затвори. Според проценките на организации за човекови права и активисти, таму се затворени најмалку еден милион лица. Кој ќе биде отпуштен од кампот и натаму е следен на секој чекор и често приморуван да работи во фабрики кои делумно произведуваат за странски компании, меѓу нив и германски. Кинеската влада зборува за „доброволни центри за професионална едукација”, чија цел е „борба против екстремистичка идеологија“. Во реалноста Ујгурите таму се присилувани да се откажат од својата религија и култура и да учат мандарински јазик.

Апсењата се произволни, Куран во плакарот може да е доволен за некој да исчезне со месеци или години. Често пријателите и роднините може само да погодуваат зошто нивните блиски или колеги се исчезнати. Во повеќемесечно истражување ДВ откри дека во некои случаи затворениците во камповите мораат да си ги изберат сопствените „кривични дела”: жената со која ДВ со недели беше во контакт раскажува дека еден ден добила список со 75 наводни кривични дела и била присилена да избере едно. Значи, самата морала да одлучи за што воопшто била затворена. Делата на листата, а тоа го потврдуваат и тројца други поранешни затвореници, биле во многи случаи секојдневни нешта: носење шамија, молење или контактирање роднини во странство.

Ујгурите во Шинџијанг се изложени на константен надзор од страна на државатаФотографија: picture-alliance/dpa/D. Azubel

Властите казнуваат верски и културолошки обичаи

„Им реков дека ништо од тоа немам сторено, но тие ме натераа да изберам едно дело. Ни се закануваа дека ќе останеме таму додека не избереме“, раскажува жената чиј идентитет од безбедносни причини ќе остане тајна.

Таа денес, како и други затвореници со кои разговараше ДВ, живее во соседен Казахстан. Веројатно кинеските власти веројатно ѝ дале согласност да отпатува откако казахстанската влада и роднините извршиле притисок. Но, престојот на жената не е регулиран и таа стравува за своите роднини во Шинџијанг кои може да бидат предмет на притисок. Таа раскажува дека избрала нејзино „дело” да биде посета на странство, бидејќи со сопругот се преселила во Казахстан. За време на посета на роднини во Шинџијанг била уапсена. Фактот дека повеќето од 75-те „дела” на листата биле од религиска природа, укажува на тоа дека властите ги прогонуваат религиозните и културолошки практики на Ујгурите, како што активисти за човекови права тврдат со години - и како што поткрепи и истражувањето на ДВ од почетокот на годината. Кина, изгледа се обидува Ујгурите да ги доведе во ред и да ја избрише нивната култура и религија.

„Доброволните центри за професионална едукација“ во Шинџијанг се херметички затворени (архивска фотографија, 31.05.2019)Фотографија: AFP/G. Baker

„За две години ќе умрам“

Поранешните затвореници раскажуваат дека по изборот на нивните „злосторства“ биле повикувани во една соба – на фиктивен процес без одбрана, јавност или можност за жалба. Процедурата очигледно се разликува од камп до камп: во некои случаи им се суди на повеќе затвореници одеднаш, некаде поединечно. Во еден камп биле присутни и роднини.

На затворените мажи и жени потоа им се изрекува пресудата и времетраењето на казната. „Потоа затворениците мора да кажат: Се каам за мојот престап и ветувам дека никогаш нема да ги повторам своите злодела“, раскажува една жена која добила двегодишна казна. Таа точно се присетува на моментот кога ѝ била изречена казната - како во неа да умрел и последниот зрак на надеж: „Тогаш си помислив: За две години ќе умрам."

И покрај тоа, таа имала среќа: другите биле осудени на десет или повеќе години. Долгите казни, согласни се поранешните затвореници, ги добивале оние кои од листата избрале верски „престапи“, како на пример - редовни молитиви.

Токму овие затвореници се оние кои исчезнувале, навечер извлекувани од кревет, или прибирани од училниците. Каде се однесени, никој од сведоците не знае да каже. Камп за превоспитување, вели една жена, „не е место каде се поставуваат прашања“.

Многу е веројатно дека осудените се испратени или во екстремно обезбедуваното место во кампот, или во затвор. Од 2018 година, според истражувањата на австралискиот Институт за стратегиска политика, владата претворила дел од логорите во место со највисоко ниво на безбедност, додека останатите логори се демонтирани, или претворени во места за сместување на принудни работници.

ДВ повеќе месеци интервјуираше затвореници од три различни логори во Шинџијанг кои ги доживеале овие „процеси“ – и последователно беше во можност да ги лоцира овие три логори со помош на сателитски снимки и јавно достапни извори, како огласи.

Трите логори лоцирани со помош на сателитски снимки и јавно достапни извори

Ујгурите „целосно изложени на самоволието на бирократите“

Сведоштвата на затворениците се совпаѓаат во суштински аспекти – и сугерираат дека ваквите монтирани процеси од Шинџијанг се веројатно широко распространети. Според експертите, тоа веројатно се должи на централизираната контрола во логорите. Иако тој досега не чул за вакви монтирани процеси, Рајан Тум од британскиот Универзитет Нотингем вели дека му изгледа уверливо дека се навистина спроведувани такви процеси. И надвор од логорите, вели Тум, Ујгурите немаат шанса за фер судење. „Тие се целосно препуштени на самоволието на бирократите и партиските членови кои лесно може да направат тие да исчезнат."

Во светот има постојано протести против кинескиот однос кон Ујгурите, како овие од 22 декември 2019 година во ХонгконгФотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Jin-Man

И роднини на ујгурските затвореници раскажуваат за очигледни произволни „постапки“, за тоа дека затворениците се произволно преместувани од затвори во логори за превоспитување и обратно. Една жена која живее во Германија за ДВ вели дека повеќе роднини двапати биле осудени со затворска казна само за да ги вратат назад во камповите за превоспитување: „Си играат играчки со затворениците."

Одговорот на Кина

Повторуваните барања со детален каталог прашања до кинеската амбасада во Берлин и Минстерството за надворешни работи во Пекинг остануваат неодговорени. Наместо тоа, дипломатското претставништво во Берлин до ДВ испрати линк со објаснување објавено на крајот од 2019 година на веб-страницата на амбасадата. Насловот гласи: „Неколку факти на тема Шинџијанг."

Во него стои дека во Шинџијанг нема “„логори за превоспитување“, туку само „доброволни центри за професионална едукација”. Со тоа им се помага на овие луѓе кои, како што се вели, „биле заведени од терористички и екстремистички мисли, но сѐ уште не предизвикале конкретна и сериозна штета“. Целта е „тие да се вратат на вистинскиот пат, да се заштитат од тероризам и екстремизам, како и да им се осигура сигурно вработување и подобар квалитет на живот“, така што Ујгурите ќе може да водат „среќен живот."

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми