1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милијардите на Заев: Експертите скептични, бизнисот воздржан

Костадин Делимитов
10 август 2019

На македонската економија и требаат и повеќе од 5 милијарди инвестиции, но и способни кадри тие да ги реализираат, реагираат упатените. Годинава државата реализирала само 20 отсто од капиталните проекти.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Влегува ли конечно македонската економија во инвестициски циклус тежок милијарди евра? Ако се суди според најавите на премиерот Зоран Заев, вечните најави наскоро треба да станат и реалност. Во ситуација кога државата досега не успеа да реализира ни 20 отсто од капиталните проекти, прашањето е има ли земјата воопшто капацитет да реализира 5 милијарди евра инвестици? 
Деновиве Заев обелодени низа инфраструктурни проекти, чија реализација треба да влијае на зголемување на конкурентноста на земјата:

„Следува инвестициски циклус од околу пет милијарди евра. Проектирани се една милијарда во патишта, над една милијарда во железница, над една милијарда во енергетика, со ХЦ Чебрен, со далекуводот кон Албанија и со гасоводот, нов Клинички центар, инвестиции во земјоделството и руралниот развој, пречистителни станици за отпадна вода, регионални фабрики за прибирање и обработка на отпад, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки и други проекти за реалните потреби на луѓето“, рече Заев.

Без инвестиции нема развој

Најавата на премиерот звучи добро и не е ниту прва. Но ќе биде прва ако успее да се реализира. Експертската јавност е скептична и воздржана, бизнис заедницата нестрплива:

„Целата светска економија е исклучиво базирана на трошење средства кои треба да вратат нови средства. И тоа во инфраструктура, како што се патишта, железници, сообраќај и енергетика, но и образование. Другото што е потребно е да има правна држава. Нема бизнис заедница која нема со две раце да го прифати инвестирањето од 5 милијарди. Дали ќе одиме со задолжување, јавни приватни партнерства или било што друго воопшто е неважно, заради тоа што тие инвестиции се враќаат“, коментира стопанственикот Горан Рафајловски. 

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Инфраструктурата клучна за инвеститорите

Инвестициите за кои што зборува Заев се токму онакви какви што посакува домашната бизнис заедница. Нивната реализација нема да биде клучна само за домашното стопанство, туку и за странските инвеститори кои се присутни, но и кои ја скенираат земјата како можна инвестициска дестинација:

„Странските инвеститори кога доаѓаат прво што гледаат е инфраструктурата, какви се патиштата, железницата, колку имате енергија, па потоа гледаат кадар или образование што можат да го искористат и број на луѓе. Ние низ годините ја изгубивме младата и квалификувана работна сила, а како најново за жал и неквалификуваната. Тоа е проблем на кој ќе мора сериозно да се обрне внимание уште во основното образование. Оти бизнис заедницата досега постојано се жалеше на лоша инфраструктура и скапа енергија, но сега се` почесто се жали на немањето на чеовечки ресурси. Затоа, не 5 милијарди евра, и 15 милијарди ако треба да се инвестираат е подобро отколку што е досега“, реагира Рафајловски.

Фали сериозен економски тим

Најавените 5 милијарди евра инвестиции на премиерот се еднакви колку на пример еден ипол буџет на државата. Или во превод, сите во земјата година и половина да не прават ништо, а предвидените пари да се потрошат за инвестиции. За упатените не е дилема висината на сумата, начините на кои тие ќе се обезбедат, туку капацитетот на оние кои тоа треба да го спроведат во пракса:

„За да направите 5 милијарди евра инвестиции треба да имате сериозен економски тим, треба да имате сериозен министер за финансии, сериозни министри за економија, транспорт и врски, но и сериозни економски експерти кои ќе советуваат, а не партиски кадри на какви што досега сме научени. Дополнително и администрација која не е руинирана. Но со овој тим во оваа ситуација се плашам дека станува збор за приказни за мали деца. И тоа не го мислам само јас туку цела бизнис заедница, но кој има храброст тоа и јавно да го каже. На Македонија и е неопходен сериозен економски тим кој за жал сега го немаме“, предупредува Рафајловски.

Конкретни активности

Од она што досега е познато во јавноста, приоритет во реализацијата на најавениот инвестициски циклус добиваат здравството и железницата. Односно новиот Клинички центар и пругата кон Бугарија. Првиот проект веќе е во фаза на тендер. За вториот, во тек се консултации и подготовки за заеднички настап со Бугарија за обезбедување на поволни финансиски средства за заокружување на цеокупниот процес на железничко поврзување помеѓу двете земји.

Повеќе:

-Стопанството подготвено за полет, но младите го губат трпението

-Странските инвестиции „лапнале“ близу 200 милиони евра!?

Тендерот за новиот клинички центар е веќе објавен. Тој е меѓународен, по моделот клуч на рака со поддршка при менаџирање на проектот и на него може да учествуваат домашни и странски компании. Целиот проект ќе чини 500 милиони евра, што ќе се обезбедат со кредит од комерцијалните банки „Ерсте груп“, „Рајфајзен банк“ и „Уникредит“, кои доставиле најдобра понуда. Целиот проект според најавите треба да биде готов за седум години.

Опозицијата пак критикува дека најавите на премиерот се предизборна манипулација за дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и ја обвинија власта за неспособност да ги реализира ниту капиталните инвестиции што ги предвидела во буџетот. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски дури и предупреди дека се подготвувала најголема пљачка во поновата историја.

Слаба реализација

Како оди реализацијата на предвидените инвестиции од страна на државата покажуваат податоците во делот на реализацијата на капиталните проекти. Досега според податоците, реализирани се само околу 20% од предвидените капитални инвестиции во буџетот за цела година. Или околу 86 милиони реализирани од близу 400 планирани со буџетот. Овој проблем не е карактеристичен само за оваа година, туку е хроничен, повеќе или помалку низ годините наназад. СДСМ и ВМРО ДПМНЕ перманентно се препукуваат на оваа тема иако ниту една од нив не може да се пофали со позначајни резултати во овој сегмент во кој било период од нивното владеење.

Историјат на неисполнети ветувања

Ова не е прво ветување за инвестициски циклус вреден неколку милијарди. Своевремено и Никола Груевски од позиција на премиер вети 8 милијарди евра кои што останаа само на ветување. Слично заврши и ветената милијарда на Васил Тупурковски пред изборите во 1998 година. Наместо инвестиции, таа ни донесе проблеми со признавањето на Тајван и судски процеси за злоупотреби на финансиски средства обезбедени по овој основ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми