Експлозија во термоцентрала кај Приштина
6 јуни 2014Претседателот на Бордот на директори на Косовската електро-енергетска корпорација, Берат Рукичи, за агенцијата Бета изјави дека во силната експлозија загинале три лица, а неколкумина се повредени. Тој потврди дека несреќата се случила во погонот за електролиза и дека, според прелиминарните информации, предизвикувач на несреќата е експлозија на гас.
Портпаролот на косовската полиција, Беки Кељани, изјави дека експлозијата се случила во објектите на термоцентралата „Косово А“.
Директорот за производство во енергетската компанија КЕК, Арбен Ѓука за весникот „Експрес“ рече дека експлозијата била премногу силна и дека „полицијата врши истрага“.
Во инцидентот причинета им е материјална штета на луѓето кои живеат во близина на термоцентралата. Пристапот до „Косово А“ е блокиран, а пристап имаат само итните служби.