Експлозија пред училиште во Италија
19 мај 2012Според наводи на спасувачките екипи, експлозивот бил најверојатно сместен во еден контејнер пред училиштето. Весникот „Ла Република“ на својата интернет страница пак, јави дека станува збор за два експлозива, кои биле сместени во ранци пред училиштето. Експлозијата се случила околу 07:45, кога учениците доаѓале во зградата, а причините за неа засега не се познати. Нема индикации за тоа кој би можел да стои зад нападот. Министерката за внатрешни работи Ана Марија Канчељери пред неколку дена обелодени дека има планови за зголемување на степенот на безбедност околу некои „чувствителни цели“, вклучувајќи и јавни објкети, по серијата закани против даночните власти.
Училиштето „Франческа Морвиљо Фалконе“ во Бриндизи го носи името на сопругата на познатиот ловец на мафијаши Џовани Фалконе. Тој беше убиен со сопругата и тројца телохранители во атентат на Сицилија, пред 20 години.