Експозето на Груевски ќе трае 15 минути
26 јули 2011![](https://static.dw.com/image/6268925_800.webp)
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски заедно со координаторите на пратеничките групи денеска го утврдија текот на седницата за избор на новата влада што треба да започне утре на пладне. Се очекува мандатарот Никола Груевски да има експозе, во кое ќе ја образложи Програмата и Предлогот за состав на владата пред пратениците, кое, според најавите, би требало да трае околу петнаесет минути, а потоа ќе се обратат претставници на сите шест пратенички групи во Собранието.
Повеќе време за опозицијата
Според договорот постигнат на координативната средба, односот на говорниците што ќе зборуваат потоа ќе изнесува два спрема еден во полза на опозицијата.
Координаторите се согласиле со укажувањата дека не треба да се претерува со репликите за да се овозможи што поголем број пратеници да се обратат на седницата. Во тек е продолжение на координацијата, на која се утврдува редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот, иако според Деловникот за работа на Собранието него го утврдува претседателот на Собранието.
Новата влада до четврток на полноќ
Почетокот на седницата е закажан за утре на пладне и според најавите од Кабинетот на претседателот ова прво продолжение на седницата се очекува да заврши околу 20 часот. Седницата за избор на новата влада ќе продолжи во четврток во 11 часот и ќе трае до полноќ кога, според Деловникот на Собранието, треба да се гласа за новата влада.
Гласањето за избор на владата се врши по Предлогот за состав на владата во целина со јавно гласање.
Автор: СН/миа/макфакс
Редактор: Горан Чутаноски