1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екс-Југосите најголеми криминалци во Австрија

31 мај 2010

За две третини од кражбите на автомобили, како и упади во приватни домови во Виена се одговорни странци. Австриското министерство за внатрешни работи истакнува дека меѓу нив предничат „поранешните Југословени“.

Фотографија: Bilderbox

Ова е само извадок од статистиката што настана во изминатите неколку години, откако австриските власти поинтензивно настојуваат да излезат на крај со, како што ги нарекуваат, „бандите од исток“. Во првата половина од минатата година, упадите во куќите и становите забележале пораст од 40 проценти, додека кражбата на автомобили е зголемена за 70 проценти. Иако само секое седмо кривично дело добива правна разврска и сторителите се пронајдени и казнети, веќе сега е јасно дека во две третини од случаите прекршителите се странски државјани, вели Михаел Такач, портпарол на специјалната виенска полициска единица Ост.

„Најчесто можеме само да нагаѓаме кои се сторителите, но од друга страна јасно е дека во Виена интензивно оперираат групи од поранешниот Источен блок. Најголемиот дел од нив доаѓаат од подрачјето на поранешна Југославија, а нивното поле на делување се најчесто приватните станови.“

Виена е во „незгодна позиција“

Специјалната единица Ост делува нешто повеќе од една година, се состои од околу двесте специјалци, кои прават се` што е во нивна моќ за жителите на Виена повторно да се чувствуваат безбедно, откако во ЕУ беа примени земјите од Источниот блок и откако ЕУ ги укина визите за дел од земјите од Балканот. Единиците Ост патролираат на граничните премини, на автопатите кои од истокот на Европа водат кон внатрешноста на Австрија, меѓутоа се` поприсутни се и по виенските улици.

Виена - еден од градовите со најдобар животен стандард во светотФотографија: picture-alliance/dpa

„Досега се уапсени повеќе од стотина лица, а меѓу нив има и неколку членови на една грузиска мафија“, вели Михаел Такач, додавајќи дека Виена е во „незгодна позиција“.

„Од една страна е богатата, западна Европа, од друга поранешниот Источен блок. Виена е точно на границата и со тоа директно на удар на овие банди“, вели Такач.

Единиците Ост се само „мачкање очи“

Австриските власти вложуваат големи средства во заштитата од овие „источни банди“, но во виенската полиција не се сите на мислење дека специјалните единици Ост се вистинското решение за овој проблем. Хервиг Хајдингер е поранешен шеф на одделението за криминал на виенската полиција и тврди дека единиците Ост се само залажување на виенчани.

„За да се сопрат вакви банди не се потребни само неколку стотини полицајци, кои зачестено патролираат по улиците, туку потребни се специјално обучени инспектори кои, во најдобар случај, имаат и долгогодишно искуство во сузбивање на меѓународен криминал“, истакнува Хервиг.

Минатата година беа пронајдени 170 украдени автомобили, но за тоа беа потребни четиринаесет илјади патроли, чија прекумерна работа исто така мораше да биде платена.

Автор: Емир Нумановиќ / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми