1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

ЕК: Границите на ЕУ затворени до 15 јуни

ЖА / агенции
8 мај 2020

Европската комисија бара продолжување на забраната за влез во ЕУ поради пандемијата на коронавирус за уште еден месец. Образложение - ситуацијата е сѐуште нестабилна.

Geschlossene Grenze Polen Ukraine bei Medyka
Фотографија: picture-alliance/PAP/D. Delmanowicz

Европската комисија денеска на земјите-членки на Европската унија им предложи задржување во сила на ограничувањата за патувања кои не се итно потребни до  15 јуни. Од аспект на ЕК, прво би требало да бидат укинати контролите на внатрешните граници во ЕУ, пред да се пристапи кон олабавување на ограничувањата за патување во ЕУ. Не е исклучено потоа да следи уште едно продолжение.

Ограничувањата за патување во ЕУ беа воведени на средината на март, а потоа следеше нивно пролонгирање до 15 мај. Тие не се однесуваат на граѓани на ЕУ и странци кои постојано живеат во некоја од државите на ЕУ. Од забраната за влез во ЕУ се исклучени и медицински персонал, експерти потребни во сузбивањето на пандемијата на коронавирус, како и вработените во транспортната бранша и сезонските работници.

Додека некои од членките на ЕУ преземаат „први чекори во ублажување на рестрикциите воведени заради спречување на ширењето на пандемијата, состојбата во Европа и во светот останува нестабилна“, образложува ЕК. „Од таа причина е неопходно останување во сила на мерките на надворешните граници, заради минимирање на ризикот од натамошно проширување на болеста преку патувања во ЕУ.“

Повеќе:

Коронавирусот ги затвора границите на ЕУ

Љубов во време на коронавирус: Двојката која се среќава преку граница

Коронавирус: Изолација во поврзаниот свет

„Нашата највисока цел е повторно востановување на целосно функционален Шенген-простор, во кој ќе важи целосна слобода на движењето веднаш штом здравствената ситуација тоа ќе го овозможи“, истакна еврокомесарката за внатрешни работи Жилва Јохансон. „Ограничувањата на слободното движење и контролите на внатрешните граници мора постепено и координирано да бидат укинати. Дури тогаш можеме да ги укинеме и рестрикциите на надворешните граници.“

Првично, надежта на ЕК беше со затворање на надворешните граници на ЕУ да ја спречи трката на државите членки во воведување гранични контроли во Шенгенскиот простор, во кој во нормални услови патувањата се одвиваат целосно слободно. Но, намерата на ЕК не успеа, во најголем дел од ЕУ државите поради пандемијата беа затворени националните граници.

Ограничувањата за влез во ЕУ на надворешните граници досега ги применија сите ЕУ-држави со исклучок на Ирска, како и асоцијацирачките Шенген-земји Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Европската комисија има право само да предложи продолжување на затворањето на границите, додека примената е во надлежност на националните влади.

Комисијата не исклучува да дојде до натамошни пролонгирања на ограничувањата на влезот во ЕУ, тоа ќе зависи од развојот на епидемиолошката ситуација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми