1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК решава за преговорите со Хрватска за приклучување во унијата

20 април 2004

Европската комисија денеска треба да донесе решение дали набргу ќе почне преговори за приклучување на Хрватска во унијата или не. Најважната пречка се чини дека е надмината – судот за воени злосторства во Ден Хаг конечно потврди дека владата во Загреб не ја блокира соработката.

Хрватско приморје
Хрватско приморје

Европа осозна што презема Хрватска за да ги исполни меѓународните обврски, изјави хрватскиот претседател, Стјепан Месиќ на крајот на јануари во Европскиот парламент. Останува уште нерешеното прашање на пензионираниот хрватски генерал, Анте Готовина, кој е обвинет од судот за воени злосторства во Ден Хаг за злосторства извршени врз српски цивили. Но, Готовина, според претседателот Месиќ, не се наоѓа во Хрватска и со тоа е надвор од дофат на хрватските полициски и судски власти. Претседателот Месиќ истовремено упати уверување – новата влада ќе ја докаже својата подготвеност за соработка во сите нови обвиненија. Нема да има втор случај Анте Готовина. И, навистина. Следеа нови обвиненија против хрватските генерали Маркач и Чермак, кои во најкусо време по предавањето на обвиненијата се предадоа во Ден Хаг. Сега и главниот обвинител Карла Дел Понте и потврди на Европската комисија по еден телефонски разговор со комесарот задолжен за проширување на ЕУ, Гинтер Ферхојген, дека во последните денови и недели соработката на Загреб и Ден Хаг се зголемила и значително се интензивирала.

Новиот хрватски премиер, Иво Санадер, од преземањето на должноста на почетокот на годината, досега, беше трипати во Брисел за да агитира за приклучување на Хрватска кон ЕУ. Тој таму вети...

"...дека хрватската влада ќе стори се на патот кон ЕУ да ги исполни не само критериумите од Копенхаген, туку и политичките критериуми, на пример, враќање на бегалците, соработка со судот за воени злосторства, но и реформа на правосудниот систем.“

Новата влада под раководство на конзервативната ХДЗ прави исто толку напори како и социјаллибералната претходна влада да ги усогласи хрватските закони со стандардите на ЕУ. Она што од страна на Брисел често е критикувано е заштитата на етничките малцинства. Во меѓувреме, постојат законски одредби кои ги исполнуваат барањата на унијата.

Хрватска своето приклучување кон ЕУ го гледа не само како шанса за сопствените граѓани, туку и за целиот регион. Премиерот Санадер нагласува:

”Хрватска може да биде успешна приказна. Хрватска може да го трасира патот за останатите земји од соседството во ЈИЕ, зашто само обединета Европа нема шанса ако повторно има линии на поделба, ако некои земји останат надвор од процесот на обединување.”

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми