1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК се заканува со тужби против загадувачите на воздухот

Бернд Ригерт
31 јануари 2018

ЕУ врши притисок за намалување на загадувањето на воздухот. Планот на Германија не остави добар впечаток во Брисел. Кој треба да се подобри- автоиндустријата или политиката?

EU-Kommission Luftverschmutzung Demo Greenpeace
Фотографија: picture alliance/dpa/E. Metz

Нивото на прашина и азотен оксид во воздухот во европските градови и натаму е екстремно високо, соопшти европскиот комесар за животна околина Кармену Вела по состанокот со претставници на девет земји членки во Брисел. На сите овие држави им се заканува тужба од Европската комисија пред Европскиот суд, затоа што со години ги надминуваат дозволените граници на загаденост. „Сите рокови се пречекорени. Веќе не можеме да толерираме одложувања", рече Вела. Неприфатливо е 400 илјади граѓани на ЕУ годишно да умираат поради загаден воздух. „Губиме животи поради загадениот воздух. Мораме да ги заштитиме нашите граѓани", рече Вела.

Со тоа во принцип се согласуваат и министрите од деветте држави, меѓу нив и Германија, Франција, Италија и Шпанија. Од гледна точка на ЕК, овие земји преземаат многу малку во битката за чист воздух. Од 2010 година важат актуелните дозволени нивоа на загадување со прашина и азотен оксид. Од 2015 година во сила се и казните за прекршителите. По долго одолговлекување, сега ЕК се заканува со тужби пред Европскиот суд кои можат да доведат до парични казни. За ЕК, состанокот во Брисел беше последна шанса да се избегне тужба.

Дизел автомобили кои емитуваат најмногу азот диоксид во воздухот

(Не)Успесите на Германија

Актуелната вршителка на должноста министер за животна околина на Германија, Барбара Хендрикс се обиде да ја искористи шансата во Брисел уште еднаш да го презентира акцискиот план на нејзината влада за намалување на загадувањето на воздухот. Владата годинава ќе инвестира една милијарда евра за нови автобуси во градовите. Во градовите треба да се стимулираат електрични возила, и да се подобри железничкиот сообраќај. Во 20-те најзагадени градови како Штутгарт, Келн и Минхен треба да се развие нов сообраќаен концепт. Барбара Хендрикс се обидуваше да ги претстави досегашните обиди на владата како успех.

Дали комесарот Вела ги прифати тие образложенија, останува отворено прашање. Тужбата против Германија и натаму е реалност.

Еврокомесарот Кармену Вела и германската министерка за животна околина Барбара ХендриксФотографија: picture alliance/dpa/G. Vanden Wijngaert

Подобрување на дизелите, без забрани

Европската Комисија не им наложува на земјите-членки како и со кои мерки да го подобрат квалитетот на воздухот. Тоа државите мораат самите да го одлучат. Од гледна точка на ЕУ, Германија многу нежно постапува со својата клучна индустрија - автомобилската. Дизел возилата, кои се во најголем дел одговорни за високото ниво на азотен оксид во градовите, треба да добијат нов софтвер и филтри. Хендрикс ветува дека таквата обврска ќе им биде воведена. Досега се спроведени само половината од најавените софтверски апдејти. Тоа ќе треба да го финансираат самите производители. Но забрана за возила нема да има. „На тој начин проблемот ќе им го наметнеме само на сопствениците на дизел возила. Тоа ќе биде неправедно", вели министерката Хендрикс. Но, со тој проблем ќе треба да се занимава идната германска влада, за чие формирање сѐ уште се преговара.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми