1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештај на ЕК: Пофалби и критики за Северна Македонија

ДТЗ
19 октомври 2021

Одлагањето во официјалниот старт на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ, предупредува Европската Комисија.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по европскиот пат. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето во делот на ЕУ-реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на конкретни резултати и натаму. Ова се наведува во извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија, кој е објавен во Стразбур. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји денеска го презентираше извештајот пред пратеници од Комисијата за надворешни работи на Европарламентот.

Во извештајот се упатуваат пофалби, но и критики за земјата. Европската Комисија е задоволна што Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување на ЕУ и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Таа предупредува дека одлагањето на официјалниот старт на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ.

Поради тоа, билатералните прашања меѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени. Комисијата наведува дека со нетрпение очекува и ја истакнува важноста од постојано имплементирање на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни. Комисијата очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи што поскоро, штом се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година.

Политички критериуми

Во однос на политичките критериуми, се наведува дека Северна Македонија ги продолжила своите напори за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, како и со активирање на постојните механизми на проверка и контрола и преку опфаќање на клучните политички и законодавни прашања. Земјата ја покажала својата посветеност да постигне резултати во клучните области на фундаменталните права, вклучително и преку агендата „Европа дома“ и „Акциониот план 21“ за борба против корупцијата.

Во документот се наведува дека Владата треба да го задржи реформскиот импулс и да се фокусира на имплементација на постојната правна рамка, наместо да започне спорадични нови иницијативи. Навременото и суштинско спроведување на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целина.

Се препорачува земјата да го зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби.

Владата треба да го задржи реформскиот импулс и да се фокусира на имплементација на постојната правна рамкаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Јавна администрација

Северна Македонија е умерено подготвена во реформата на својата јавна администрација. Постигнат е одреден напредок во финализирањето на хоризонталната функционална ревизија на државната администрација. Важно е ревизијата да биде усвоена од Владата.

Северна Македонија во моментов ја разгледува законодавната рамка за управување со човечки ресурси преку ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавните служби и воведува нов Закон за врвни менаџерски услуги. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и ќе придонесе за обезбедување на подобра почит за вработувања, унапредувања и отпуштања засновани на заслуги, вклучително и на високо ниво на менаџмент.

Судство

Судскиот систем во Северна Македонија се оценува дека е умерено подготвен. Постигнат е одреден напредок во однос на имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, со што дополнително се разгледале препораките од Венецијанската комисија и групата на високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Сѐ уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акционен план за стратегијата за реформи во судството и стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството.

„Важно е да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Новиот предлог закон за Академијата за судии и обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена точка за влез во судството и обвинителството и треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии“, се наведува во извештајот.

Судскиот систем во Северна Македонија е умерено подготвен, се оценува во извештајот на ЕКФотографија: DW/P. Stojanovski

Корупција и криминал

Во извештајот се наведува дека Северна Македонија е умерено подготвена во превенција и борба против корупцијата. Постигнат е одреден напредок, бидејќи земјата продолжила да го консолидира својот учинок за истрага, гонење и судење на неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, и ја зајакна својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„Случаите иницирани од поранешното СЈО продолжија да напредуваат, со што се утврди одговорност за незаконските прислушувања. Голем број случаи беа предмет на првостепени пресуди и беа отворени нови случаи врз основа на истражен материјал од поранешното Специјално обвинителство. Државната комисија за спречување корупција беше проактивна во спречувањето на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучително и против службеници на високо ниво. На Државната комисија ѝ беа доделени нови простории. Како и да е, напорите за подобрување на нејзиното функционирање треба да продолжат, особено со доделување дополнителни средства за регрутирање стручен кадар“, се вели во извештајот.

Во извештајот се додава дека треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Во него се нотира и дека е постигнат одреден напредок и во борбата против тероризмот и спречување насилен екстремизам.

„Забележано е подобрување во однос на вклучувањето на родот и правата на жените, иако жените се меѓу категориите што се најтешко погодени од пандемијата. Препораките на европските и меѓународните тела за човекови права, особено во врска со третманот на притворените и осудените лица мора целосно да се спроведат без одлагање. Исто така, е важно за земјата да го зајакне спроведувањето на законодавството за говор на омраза и националниот акционен план за спроведување на одредбите од Истанбулската конвенција. Цивилниот механизам за надворешен надзор над полицијата не е целосно функционален, а отсуството на вистински независни иследници ги попречува напорите да се одговори на неказнивоста на полицијата и ефективното гонење. Земјата треба да продолжи да ја подобрува состојбата во затворите и дополнително да ги зголеми алтернативите на притворот“, се вели во извештајот.

Медиуми

Во извештајот се оценува дека е потребно е да се продолжат напорите за саморегулација и проследени со конкретни резултати за напредок во професионалните стандарди на новинарството. Треба да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Властите треба да ги зголемат своите напори за реформа на јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост.

Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Економија

Во однос на економските критериуми, се оценува дека С. Македонија постигнала одреден напредок и е на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Владата, се наведува, спровела силен фискален одговор за да го ублажи влијанието на кризата врз домаќинствата и фирмите. Фискалниот дефицит се зголемил на 8,2 % од БДП во 2020 година, додека нивото на јавниот долг нагло се зголемил на 60,2 % од БДП, бидејќи требало да се покријат дополнителните финансиски потреби. Капиталните расходи биле намалени при ревизија на буџетот за да се создаде простор за трансфери поврзани со кризи, но сепак тие биле многу недоволно извршени.

Во него се наведува дека е потребен поголем напредок во наредната година во однос на внатрешниот пазар, имено слободното движење на стоки, услуги и капитал, интелектуална сопственост и политика за конкуренција, бидејќи е релевантен за подготовките на С. Македонија да ги исполни барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и за развојот на Заедничкиот регионален пазар.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми