Смртта на Елвис Присли пред 40 години беше шок за неговите фанови. До денес многумина не веруваат дека „кралот“ навистина почина пред 40 години.
Реклама
На 16 август 1977 година девојката на Елвис го пронајде во бањата. Ниту лекарот ниту брзата помош не успеаја да го оживеат. Околу 15 часот лекарите во болницата во Мемфис констатираа смрт предизвикана од откажување на срцето.
„Кралот“ веќе го нема, но тој сепак и натаму живее. Тој е инспирација не само за фановите организирани во клубови во 38 држави во светот и за музичките фестивали, туку и за модната индустрија. Успешна компанија се специјализираше за производство на познатите Елвис-комбинезони.
Елвис Присли беше еден од најпознатите музичари на 20. век. Неговото име е овековечено во рокабили, госпел, кантри музиката, како и во рокенрол халите ширум планетата. Неговата популарност не се намалува. Досега се продадени над една милијарда носачи на звук со неговата музика.
„Грејленд“, имотот на кој што некогаш живееше Елвис во Мемфис, во сојузната држава Тенеси, денес е магнет за публиката. Околу 500.000 фанови секоја година пристигнуваат во Мемфис да му оддадат почит на својот „крал“. Елвис има огромна заедница обожаватели и во Германија. Конечно, кралот на рокенролот во Бад Наухајм беше на отслужување на воениот рок. Тука ја запозна и својата сопруга Присила. Повеќе за времето на Елвис во Германија, од галеријата со слики:
47 години по смртта, Елвис сѐ уште живее
Кралот на рокенролот со својата музика беше симбол на многу генерации. Неговото наследство живее и 47 години по неговата смрт.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Од провинцијалец до суперстар
Елвис Присли е роден во малото гратче Тупело, во американската сојузна држава Мисисипи. Кога имал 13 години неговото семејство се сели во Мемфис, Тенеси. Таму во 1954 година, во студијата на познатата музичка компанија Сан Рекордс, ги снима првите песни и го креира својот препознатлив рокабили-саунд. Две години подоцна доживува пробив со хитот „Heartbreak Hotel“.
Фотографија: picture alliance/AP Images
Профит по смртта
Најуспешниот соло-уметник на сите времиња почина на 16 август 1977 година, на својот имот „Грејсленд“ во Мемфис. По Белата куќа, тоа е најпосетуваната историска куќа во САД. „Елвис Присли Ентерпрајсис“ управува со „Грејсленд“, но и со целото наследство на кралот на рокенролот и секоја година заработува милиони долари.
Фотографија: courtesy O2 exhibition
Војник во Германија
Од 1958 до 1960 година Елвис е стациониран како војник во Фридберг. Наместо да живее во војнички бараки, како останатите, тој со баба му, татко му и двајца телохранители, е сместен во хотел во блискиот Бад Наухајм. Денес гостите во хотелот можат да преноќеваат во „Собата на Елвис“.
Фотографија: picture alliance /
Поглед во минатото
Времето на Елвис во Германија е добро документирано. Во 2011 година тројца колекционери, меѓу кои и Андреас Шреер (фото), го отворија „Музеј Елвис“ во Диселдорф. Во музејот има најголема збирка Елвис-експонати надвор од САД. Во Диселдорф може да се видат над 600 експонати, голем дел од времето кое го минал во СР Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хитови настанати во Германија
Иако за време на отслужувањето на воениот рок му се забранети настапи, „Кралот“ сепак наоѓа време за најголемата страст - музиката. Во Германија Елвис ги создава хитовите „One Night“ и „Fool Such as I“. Освен тоа, ѝ помага на германската народна песна „Muss I denn zum Städtele hinaus“ да стекне светска слава. Во негова верзија таа се вика „Wooden Heart“.
Времето во Германија за Елвис значи не само брзи автомобили и рокенрол, туку тука ја запознава и својата сопруга Присила, ќерка на американски офицер која во моментот на запознавање има само 14 години. Двојката се венчава во 1967 година во хотелот Аладин во Лас Вегас. Со Елвис се поврзуваа многу афери надвор од бракот. Елвис и Присила се разведоа во 1973 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bert Reisfeld
„Кралот“ живее и натаму
Наследството на Елвис се чува во цел свет. Во Бад Наухајм секоја година се одржува „Европски Елвис Фестивал“, на кој се собираат двојници на Елвис. Освен тоа, „Кралот“ има официјални фан-клубови во 38 држави во светот. Го има и на поштенски марки. Првата поштенска марка со неговиот лик се појави во шпанскиот град Гранада веќе во 1978 година, а во Германија тоа се случи во 1988-та.
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/T. Maury
Легендарен моден тренд
Легендата вели дека Елвис „се колнел“ во комбинезон за настап, откако за време на еден концерт му се скинале панталоните на бина. Која и да е причината, овој стил стана апсолутен моден хит. Во продавница во Чарлстаун, Индијана, се изложени копии на Елвис-комбинезонот кои се верни на оригиналот. Фановите и двојниците мора да чекаат по 14 до 16 недели на ваков раскошен примерок.
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/B. Cahn
Свеќи за „Кралот“
Фановите на Елвис секоја година на 16 август се сеќаваат на својот идол со палење свеќи во „Грејсленд“. Во 2012 година, кога се одбележуваше 35-годишнината од неговата смрт, пред портите на куќата каде што живееше кралот на рокенролот се собраа повеќе од 70.000 луѓе од цел свет.