1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еленовски - за функција во НАТО, се врати во старото јато

БГ
28 февруари 2018

Владата вчера го назначи Лазар Еленовски за нејзин специјален пратеник за НАТО-интеграции во Брисел. Според информации на ДВ, Еленовски оди во Брисел на инсистирање на ДУИ.

Nato-Hauptquartier in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Лазар Еленовски ќе ги застапува владините интереси за интеграцијата во НАТО во Брисел. Вчерашната одлука на владата предизвика многу реакции и неодумици во јавноста. Реакциите во најголем дел се поврзани со политичкиот бекграунд на Еленовски, кој две години беше министер во владата на Груевски, а потоа и нејзин амбасадор во Белгија.

На Еленовски му завршил мандатот во Белгија пред осум месеци. Оттогаш лобирал кај СДСМ и ДУИ за нова функција во Белгија, затоа што неговата сопруга останала да живее таму. Во таа насока, неговата СДУ склучува и коалиција со СДСМ за локалните избори и освои едно советничко место. Според извори на ДВ, премиерот Зоран Заев го одбил барањето на Еленовски да добие функција во Брисел, но тој успеал да помине кај лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Притисокот од ДУИ вродил со плод и Еленовски ја добива посакуваната функција.

Лазар ЕленовскиФотографија: MIA

Партиски дресови

Еленовски е поранешен министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ и НСДП од 2006 до 2008 година. Пред формирањето на НСДП на Тито Петковски, Еленовски долги години беше висок функционер на СДСМ и раководеше и со партискиот подмладок. По раскинувањето на коалицијата во 2008 година, Еленовски ја напушта НСДП и формира нова партија Социјалдемократска Унија (СДУ) чиј лидер е една година. Во 2007 година го напушта лидерското место во партијата, а владата на Груевски го испраќа за амбасадор во Белгија.

Во Владата не сакаат да го коментираат именувањето на Еленовски и упатуваат на официјалното соопштение во кое се наведува дека сметаат оти тој „ќе придонесе кон интегративниот пат на Република Македонија во НАТО“.

Од тужби до соработка

Македонија има свој амбасадор во НАТО, а тоа е Зоран Дабиќ кој е на функцијата од ноември 2014 година. Испразнето и натаму останува амбасадорското место во ЕУ, откако од МНР беше повлечена номинацијата на актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Во 2007 година, слична функција, специјален претставник за европски и евроатлантски интеграции во Брисел, доби и актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Мисијата на Еленовски овојпат е ограничена само на НАТО.

Каква соработка ќе имаат Шекеринска и Еленовски во владата? Фотографија: DW/P. Stojanovski

Еленовски во 2009 година ги тужеше и тогашните пратеници во Собранието, Радмила Шекеринска, Горан Минчев и Горан Мисовски за клевета, откако беше објавена снимка на која тој изјавува дека тогашниот премиер Никола Груевски прифатил промена на името на државата. На седница на неговата тогашна партија - НСДП, Еленовски јавно кажал дека Груевски пред заминување на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година имал намера да прифати промена на името.

На тројцата пратеници на тогашната опозиција судот им изрече опомена за навреда на Еленовски. Шекеринска денес е министер за одбрана во Владата и треба да соработува токму со Еленовски во делот на интеграцијата на земјата во НАТО.


Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми