Елитни спортски училишта за подршка на млади таленти
29 мај 2007Врвниот спорт живее од таленти. Организираните клубови и спортски друштва ангажираат посебни стручњаци, таканаречени скаути или ловци на таленти, за откривање млади со предиспозиции за врвни постигнувања. За таквите спортски таленти, меѓутоа, проблем е како паралелно со спортот да бидат успешни и во школувањето. Во Германија има 38 елитни спортски училишта, кои се обидуваат да го премостат тој јаз. Ви претставуваме едно од нив.
На прв поглед сосем “нормално” училиште, а всушност нешто посебно за деца воодушевени од спортот. Овде може од петто одделение да се одбере спорт како посебна гранка, во која тој е во преден план. Поради тоа некои ги споредуваат елитните училишта со поранешните спортски школи во некогашната Источна Германија.
Но, не е баш сосем точно, смета Петер Гатерман, соодговорен за спортската гранка: “За нас како училиште посебно е важен школскиот развој на учениците - тие од една страна да можат да се занимаваат со квалитетен спорт, а од друга еднакво да напредуваат во наставата како и во секоја друга гимназија. Според она што го слушам, во старите кадровски школи на Германската Демократска Република било поинаку – таму спортските постигнувања биле апсолутно во преден план”.
Тоа е овде навистина поинаку: основците-четвртоодделенци кои сакаат да се запишат во оваа гимназија, мораат да го положат спортскиот тест, но и да имаат добри оценки во свидетелството. Оти, не секој што ќе ја одбере оваа школа на крајот станува и врвен спортист.
Поголемиот дел, всушност, и не започнуваат директно овде, туку се префрлуваат на ова училиште за да можат да профитираат од оптималните услови. “Предноста сосем јасно е згриженоста во самото училиште, но и бесплатната дополнителна помош, ако нешто во наставата не си го разбрал доволно. Се разбира, тука е и едноставното ослободување од часови за да може да се оди на тренинг или на натпревар, за што во други училишта се креваат цели востанија” – вели ученикот Бенјамин Хедерман, фрлач на кладиво.
Добрата соработка меѓу училиштето и спортскиот клуб не само што е важна за усогласување на календарот на натпревари и термините за настава, туку е и предуслов за да се има статус на елитна спортска школа. Спортското друштво Баер Леверкузен е важен партнер на оваа гимназија. Најголемиот дел од 40-те спортисти-гимназијалци настапуваат за екипи на Баер. Со тоа училиштето профитира од професионалниот тренинг и згриженост, од добрите спортски терени и широкиот спектар на застапени спортови.
“Друштвото Баер Леверкузен е едно од најголемите и врз најширока основа поставени спортски друштва во Германија. Тоа значи дека, на пример, ги имаме 4-те големи спортски игри со топка, потоа во последно време и многумина добри атлетичари, кои учествуваа и на светски јуниорски првенства”, вели Петер Гатерман.
Бенјамин Хедерман, на пример, на последното светско првенство за атлетичари до 20-годишна возраст го освои 7-то место во фрлање кладиво. За него тоа ни оддалеку не е доволно. По две години тој треба да матурира во гимназијата, а во меѓувреме и да ја унапреди својата спортска кариера. Предусловите се тука, но на крајот на краиштата тој самиот мора да учи и тренира за успехот што го посакува: “Се разбира, олимписки игри и светски првенства; воопшто - да бидам колку што е можно поуспешен на меѓународен план” – вели Хедерман за своите желби и планови.