1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ел Чапо е само мит

Анабел Хернандес
22 јули 2019

Еден нарко-бос оди на доживотна робија. Но судењето во Њујорк не го ни допре вистинското прашање - кој ја движи дрогата низ светот и врти милијарди? За ДВ пишува Анабел Хернандес, мексиканска истражувачка новинарка.

Mexiko Joaquin "El Chapo" Guzman Merchandise
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Pardo

Во средата светот го обиколи веста за пресудата против мексиканскиот нарко-бос Хоакин Гузман Лоера, познат како Ел Чапо. Меѓу мнозинството, не така бројни и добро упатени набљудувачи на овој процес, се рашири задоволство: Ел Чапо е осуден на доживотна казна затвор плус уште 30 години, а треба да врати 12,6 милијарди долари колку што наводно заработил во текот на дведецениската криминална кариера.

„Процесот на векот“ беше следен како ТВ новела. Ел Чапо три месеци седеше на клупата за обвинети во Бруклин, Њујорк. Слушаше 14 поранешни партнери и подредени, како и неговата поранешна љубовница и мексиканска конгресменка, кои го раскажуваа бизарниот историјат преполн со насилство, одмазда и суровост. Адвокатите му наложија на Ел Чапо да молчи, бидејќи секој збор само би ги влошил неговите изгледи. Последните зборови кои славниот нарко-бос ги изговори пред изрекувањето на пресудата не беа особено слави: „Тука нема правда“, рече и се пожали на „нечовечкиот третман“ во затворот. „САД не се ништо подобри од било која друга корумпирана земја“, се пожали тој.

Тоа беше и крајот на еден мит кој го создадоа властите во САД и Мексико, а медиумите го пренесоа ширум светот. Приказната за селанецот од планината Синалоа, генијалниот криминален ум со неспоредлив шарм, човекот кој едвај знае да чита и пишува, но сепак стана еден од најбогатите луѓе во светот. Дејвид Коперфилд на кокаинот кој треба само да кликне со прстот и дрогата од еден крај на светот ќе се појави на друг.

Сето тоа со помош на мал број соученици, но и некои високи државни службеници од системот на поранешните претседатели на Мексико, Фелипе Калдерон и Енрике Пења Нието. Тука е и поранешниот висок функционер на тајната служба Ѓенаро Гарсија Луна, во чиј случај исказите на сведоците останаа тајна.

Вистинското прашање не е поставено

Од почетокот на процесот американскиот судија Брајан Коган стави вето на испитувањето на деталите од коруптивниот систем на картелот Синалоа во Мексико и надвор од него. Не е мексиканската власт на обвинителната клупа, рече Коган во ноември на сослушувањето затворено за јавност. Јас сепак стигнав до транскриптот.
Според Коган, требало само да се разјассни дали е Ел Чапо виновен за десет злосторства кои му се ставаат на товар: производство и меѓународно растурање дрога, перење пари, користење на огнено оружје и.т.н.

Анабел Хернандес

Но, како воопшто можат да се објаснат злосторствата на Ел Чапо и нивните последици, а да не се зборува за корупцијата во Мексико и пошироко? За корупцијата која на нарко-босот, но и на многу други им овозможи да извезуваат наркотици низ целиот свет? Како да се објасни тоа што картелот заработува милиони долари на секој тон дрога, а да не се спомене правниот систем кој овозможува тие валкани пари да се исперат? Како да се објасни тоа што картелот Синалоа и натаму игра улога во глобалната трговија со дрога иако Ел Чапо веќе две години е во строг затвор во Њујорк?

По 14 години истражување за историјатот, структурата и начинот на работа на Синалоа добро знам дека позадината е далеку подлабока и покомплексна одошто ни се претставува со сведувањето на процесот на Ел Чапо.

Според Институтот за анализа на безбедноста, тинк-тенк кој го советува американското Министерство за одбрана, картелот на Ел Чапо е застапен на 80 проценти од Земјината топка: на целиот американски континент, во земји како Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Германија, на западот на Африка, во метрополите на Кина и Индија, па се до Австралија и Нов Зеланд. Територијалната застепеност на картелот и импресивните количества пари од трговијата со дрога бараат работата да се набљудува поинаку.

Според еден книговодител, чие сведочење во овој процес помина речиси незабележано, картелот во Колумбија, Перу и Боливија купува килограм кокаин за 2.500 долари. Истиот килограм во Мексико има големо-продажна цена од 15.000 долари. Една четвртина или петтина од пазарната цена се доволни за да ги покријат бруто-трошоците за производство, вклучително и транспортот. Останатото е профит. Без разлика каде во светот ќе заврши кокаинот, картелот има профит меѓу 300 и 400 проценти од набавната цена.
Бројките се интересни кога килограмот дрога патува понатаму. Во Лос Анџелес на големо се продава за 20 илјади долари, во Чикаго за 25.000, во Њујорк - 35.000. Во Италија достигнува и 55.000 долари, а во Австралија дури 140.000.

Пет полначи и три телефони

Овој бизнис сеприсутен го прават парите, а не криминалниот талент на Ел Чапо. Дали кој било сериозен може да поверува дека бизнис моделот со вакви маржи може да се запре така што Ел Чапо ќе заврши во затвор? Што ќе се случува тогаш со овие профити? Тоа е прашање на кое требаше да одговори процесот против Ел Чапо. Но, никој не сака да одговори на тоа.

Бројките треба да се стават во врска со најчуваните тајни на мексиканската власт: колку недвижности, фирми, банкарски сметки, накит и пари биле запленети од Хоакин Гузман Лоера, неговото семејство или блиски лица од 2006 до крајот на минатата година? Значи во време на шестгодишниот мандат на претседателите Калдерон и Нието кои најавуваа „силна“ и „немилосрдна“ војна против трговијата со дрога?
Барав, брз основа на мексиканскиот закон за транспарентност, новите власти на левичарскиот претседател Лопез Обрадор да ми ги достават овие податоци. Тие одбиваа повикувајќи се на истрагата која е во тек и на националната безбедност.

На крајот сепак ги добив податоците. Одговорот гласи: запленети се три рачни часовници, една парцела, пет парчиња огнено оружје, 171 патрон, пет полначи, еден компјутер и три мобилни телефони. Смешниот список и неговото срамно држење во тајност говорат за себе.

Мексико го израчи „Ел Чапо“

00:37

This browser does not support the video element.

Големата игра на моќта во вид на трговија со тони дрога во САД и на други места ќе продолжи и без Гузман Лоера. Вистинските господари и натаму играат. Хоакин Гузман Лоера е само шаховска фигура во оваа партија.

Пресудата против Ел Чапо во Њујорк ќе предизвика само лажно чувство на правда. Но, нема да ги заплаши ни оние кои одлучуваат да бидат шрафови во непрегледната машинерија на меѓународната трговија со дрога, а не пак вистинските босови и другите големи профитери во системот. Ел Чапо не е еден од нив. Вистинските виновници не се во затвор.
 

Новинарката и писателка Анабел Хернандес со години ги истражува и пишува за нарко-картелите и корупцијата во Мексико. По повеќе смртни закани ја напушти татковината и сега живее во Европа. Годинава ја доби наградата на ДВ за Слобода на говорот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми