1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дракрон" - конкуренција за германско-францускот „мотор“?

Бернд Ригерт
18 јуни 2022

Германија и Франција досега важеа за „мотор на ЕУ.“ Дали двоецот - италијанскиот премиер Драги и францускиот претседател Макрон прават противтежа?

Frankreich | Paris | Treffen von Emmanuel Macron mit Mario Draghi
Фотографија: Francois Mori/AP/picture alliance

Изминатите недели и месеци францускиот претседател и италијанскиот премиер покажаа голема слога во однос на европско-политички прашања. Се обидуваат да му вдахнат живот на Договорот кој беше склучен во Рим во ноември 2021 меѓу Франција и Италија. Темелниот договор разработен од 2017 често се споредува со „Елисејскиот договор” од кој произлезе „Договорот од Ахен” кој посебно ги сплоти германско-француските релации. Германија и Франција од секогаш важеле за мотор или тандем на ЕУ, без кој не може да се спроведе ниту еден голем план во Унијата. 

Италијанскиот премиер  Марио Драги,  кој од 2021 води релативно стабилна технократска влада во коалиција од голем број партии, сака Италија да ја врати во центарот на европската бина. Односите спрема медитеранскиот сосед кои беа нарушени во изминатите пет години посебно поради популистичкото движење „5 ѕвезди” треба да бидат подобрени и зацврстени. Некои медиуми во Италија и Франција веќе пишуваат за дуетот Драги и  Макрон како „Дракрон”, како алузија на креации од типот на „Меркози” кои своевремено го опишуваа германско-францускиот водечки тандем Ангела Меркел и Никола Саркози. 

Рим и Париз во ист такт 

Паѓа во очи како Драги и Макрон, и двајцата дипломирани банкари, ги синхронизираат своите претстави за Европа и по почетокот на руската војна против Украина. Макрон во мај предложи Европска политичка заедница, во која ќе може да бидат здружени кандидатите за членство во ЕУ, вклучително и Украина, Грузија и Молдавија. Таквото членство од втор ред Италија веднаш го одобри. 

Италијанскиот министер за европски прашања, Винченцо Амендола, во Европскиот парламент рече дека француските предлози ќе доведат до тоа клучно да се унапреди соработката во енергетиката и надворешната и одбранбена политика. Италија експлицитно го поддржува Макрон, појасни тој. „Само преку  единството во ЕУ  во овој историски момент може да се заштитиме од опасноста од војна", рече Амендола. Италија и Франција се согласни и дека Договорите за ЕУ треба да претрпат промени во правец на тоа да се можни  мнозински одлуки  за надворешната политика и други важни прашања, односно да нема потреба од едногласност. Премиерот Драги зборува за „прагматичен федерализам”. На крај ќе мора да има промени на кои сакаат да им пријдат со „храброст и сигурност”, рече тој. 

Германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги во БриселФотографија: Olivier Hoslet, Pool/AP/picture alliance

Берлин набљудува 

Од Берлин, пак, едната половина од досегашниот мотор на Унијата, не се слушаат такви јасни сигнали. За француско-италијанската иницијатива се вели дека промени на Договорот се екстремно тешки. Канцеларот Олаф Шолц предлозите на Макрон за  „Европска политичка заедница”  ги нарече „занимливи”, но од него немаше децидна согласност како што ја даде Рим. Шолц го потсети Макрон на заедничката прес-конференција на почетокот на мај во Берлин на тоа дека на шесте кандидати од  Западен Балкан  им биле дадени цврсти ветувања. Макрон, исто како и Драги, е скептичен во однос на полноправното членство на овие земји. Италијанскиот весник „Кориере дела сера” во коментар за говорот на Шолц на Светскиот економски форум во Давос, вели дека на канцеларот му недостига европска визија. За предлозите на Драги и Макрон едноставно молчел. 

Хомогена политика за Украина 

Во однос на политиката за рускиот агресор и Украина, францускиот претседател, италијанскиот премиер и германскиот канцелар главно се согласуваат. Сакаат да постигнат преговаран крај на војната. Марио Драги дури има предложено мировен договор во координација со ООН, во кој се предвидува каков и да е компромис меѓу Рисија и Украина. 

Макрон привлече внимание со неговата изјава дека не смее да го понижат рускиот владетел Путин. Олаф Шолц и натаму е многу внимателен во изборот на зборови и не кажува често дека Русија мора да биде поразена. Тоа пак придонесе за остра критика од страна на полскиот национал-конзервативен претседател Анджеј Дуда кој остро ги осуди телефонските разговори меѓу ЕУ- политичарите со Путин во едно интервју во германскиот весник „Билд”. „Дали некој разговарал со Адолф Хитлер за време на Втората светска војна? Дали некој кажал дека тој мора да го сочува својот образ?" Дуда рече дека не познава такви. „Сите знаеја дека мора да го поразат Хитлер.”

Лабава финансиска политика

Целосно согласни се францускиот претседател и италијанскиот премиер кога се работи и за парите. Уште пред војната во Украина, во декември 2021 година во прилог за „Фајненшал тајмс” тие бараа државните буџети да се финансираат со поголеми задолжувања на европско ниво. Така според нив треба да се обезбедат и инвестиции за заштита на климата и за одбраната. Сега двете земји, кои веќе се длабоко во минус, сакаат да воведат и ограничување на цените на енергенсите во ЕУ. Последиците од инфлацијата според нив треба да бидат ублажени со уште поголеми задолжувања и трајно променет Пакт за стабилност на еврото. Германската влада засега го одбива таквиот курс на „Дракрон”. Дополнителни задолжувања на ЕУ, кои Германија би требало во добар дел да ги покрива, и лабава политика на задолжување во еврозоната едноставно не се на дневен ред за германскиот министер за финансии. 

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во БерлинФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германија фундаментална за Франција"

Дали француско-италијанскиот тандем во ЕУ ќе стане поважен од германско-францускиот? Дали во ЕУ се формираат два пола на моќ? Марк Лазар, француски историчар и познавач на приликите во Италија, не верува во тоа. Во интервју со францускиот весник „Ле ехо”, Лазар вели дека за Франција односите со Германија секогаш ќе бидат фундаментални и поважни отколку другите. Но, француско-германскиот брак е заморен и затоа според него не е чудо што Макрон бара и други партнери. „Француските дипломати секогаш прво гледаат кон Германија", вели Лазар, кој предава на елитниот универзитет Сајенс По. „Италија сонува за врска Париз-Берлин-Рим, бидејќи од многу историски причини страда од еден вид на комплекс на пониска вредност во однос на германско-француските релации”, вели тој.

На Самитот на крајот на јуни, Макрон и Драги сакаат заеднички да го рекламираат нивниот предлог за реформи во Унијата. Тоа го договориле на неформален ручек во Елисејската палата во Париз неделава. Но, такви договори традиционално има и меѓу францускиот претседател и канцеларот. Шолц исто така има контакти со Рим. Со Марио Драги на почетокот на април договори поголема соработка во одбранбената и политиката за вооружување, како и за поттикот на иновации. Драги нема многу време на располагање за неговите планови за Европа. Изгледа дека на изборите напролет нема да излезе како премиер. Десните популисти, исто како и за Макрон, се закана за него. Тие би можеле да станат најсилна партија во Италија и тогаш картите одново ќе се делат.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми