Францускиот претседател ги покажува првите знаци на слабост. Неговите реформи се отфрлаат, министерот за животна средина го напушта, а телохранителите му се тепаат... Макрон е под притисок и тоа е лошо за неговиот проект
Реклама
Слаткото, летаргично лето измина. Французите се враќаат од годишни одмори. Многу продавници по подолго се време се повторно отворени. Метрото е полно, а на децата им почна учебната година.
Помина и политичката толеранција со која Французите се однесуваа кон својата влада. Тие со нова енергија и острина сега ја следат политиката на Елисејската палата. Тоа најмногу на своја кожа го чувствува претседателот Емануел Макрон. Неговото лето не беше слатко и летаргично- туку бурно. Се започна со аферата со неговиот телохранител Александар Бенал. Французите беа вознемирени од тоа што еден службеник на Елисејската палата може да примени сила на улица без последици.
Според политологот Жером Сен-Мари од парискиот институт за истражување на јавното мислење „ПолингВокс“, тоа уште еднаш го покажува авторитарниот стил на Макрон поради кој тој ја губи популарноста во испитувањата на јавното мислење. „Убавите времиња поминаа. Многу гласачи сега со недоверба гледаат во својот претседател. Тоа е новина“, вели Сен-Мари.
Интервју на Макрон за ДВ/АРД
00:58
Според тие испитувања, дури 59 отсто од Французите се незадоволни од својот претседател. Она што треба да го загрижи Макрон е дека критиките не доаѓаат само од неговите политички противници. Три четвртини од неговите гласачи се незадоволни и тоа поради: цврстата рака во политиката кон синдикатите, намалувањето на субвенциите за домување, намалување на бројот на вработени во железницата.
Европска офанзива на шарм
Претседателот, кој во моментов се наоѓа на патување низ Европа, доживеа дополнителен удар и од Никола Ило, министерот за животна средина, кого Макрон го претставуваше како ѕвезда. Макрон веќе посети 16 земји-членки на ЕУ. Последни меѓу нив беа Данска и Финска. Целта на сеопфатната европска турнеја беше придобивање на гласачите за европските избори кои се одржуваат во мај следната година. Политичката амбиција на Макрон е да ги сведе гласачите на два табора: националисти и прогресивци.
Според аналитичарот Бруно Котре од центарот „Цевипоф“, Макрон сака да ги подели европските десничари и на крајот со својата партијата Републиката напред да се појави како единствена алтернарива и својот успех да го повтори на европско ниво.
Но францускиот претседател ни оддалеку не поминува во Европа онака како што посакува. Напротив, експертите, меѓу нив и Оливие де Франс од аналитичкиот центар ИРИС, забележуваат силен отпор кон Макрон на европско ниво. Покрај Чешка и Австрија, и Унгарија на Орбан веќе подолго време негуваат остар евроскептичен тон.
Европски десничарски фронт
Дополнителен ветар в грб на унгарскиот премиер му дава и фактот дека со него е и Италија, една од земјите основачи на ЕУ. Дури може да се прогнозира дека и либерална Шведска на претстојните избори јасно ќе сврти кон десно. „Емануел Макрон не се соочува само со неколку проблематични земји, туку со комплетно нов став во Европа“, вели Котре.
Макрон во моментов нема многу истомисленици. Во четврток во Париз тој се среќава со германската канцеларка Ангела Меркел која се смета за негов сигурен партнер. Заедно сакаат да промовираат реформски идеи, како што е на пример заедничката одбрана на ЕУ.
Котре е уверен дека изборите за Европскиот парламент ќе ги одлучува прашањето за миграциите. Затоа, смета овој аналитичар, Европа не треба да биде изненадена доколку партијата на Макрон не мине добро на европските избори, туку- за разлика од претседателските избори во Франција- многу добар резултат забележи неодамна преименуваниот Национален фронт. Доколку тоа се случи, тоа ќе биде преран крај на француското и макроновото лето.
Пријателите и непријателите на Меркел
Во потрагата по „европско решение“ за миграциската криза, на Ангела Меркел ѝ се потребни сојузници меѓу шефовите на влади во ЕУ. Но, сојузници има сѐ помалку, а некои настапуваат се поодлучно против неа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O.Matthys
Партнер
Ако постои политички пријател на сојузната канцеларка, тогаш тоа е францускиот претседател Емануел Макрон. И тој, како и Меркел, сака европско решение, зашто исто така се плаши за опстанокот на ЕУ. Баварската ЦСУ пак верува дека Макрон ја поддржува Меркел зашто го „купила“ со финансиско-политички отстапки.
Фотографија: picture-alliance/Tass/dpa/M. Metzel
Хуманист полн со разбирање
Новиот шпански премиер Педро Санчез постапи во согласност со политиката на Меркел, дозволувајќи во неговата земја да пристигне брод со африкански бегалци, одбиен од владата на Италија. Толкава доза хуманост е ретка деновиве. Но, социјалистичкиот политичар сепак нагласи дека на неговата земја ѝ е потребна помош во совладувањето на миграцијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Soriano
Посредник
Холандија е трговска нација, отворените граници во ЕУ се многу важни за Холанѓаните. Во тоа премиерот Марк Руте се согласува со Ангела Меркел. Од друга страна, расположението во неговата земја во меѓувреме е повеќе антимигрантско. Руте воопшто не сака во ЕУ да влезат лица кои немаат право на азил. Во тој контекст, тој би можел да преземе улога на посредник.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
Тактичар
Меѓу Ангела Меркел, демохристијанка и левичарот Алексис Ципрас постојат огромни идеолошки разлики. А сепак грчкиот премиер се залага за „европска солидарност“ во решавање на миграциската криза и лично ја поддржува Ангела Меркел. Причина за тоа би можело да биде разбирањето кое Меркел го покажа во контекст на грчката криза - Ципрас се надева на нови отстапки.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Радикал
Данецот Ларс Леке Расмусен не изгледа како радикал, но е радикален по прашањето на миграцијата. Данската влада спроведува строга политика на „застрашување“ на азилантите, построга отколку другите земји. Расмусен прв ја лансираше идејата за прифатни центри надвор од ЕУ. Тој не сака прераспределба на азиланти во земјите членки на ЕУ.
Фотографија: imago/Belga
Противник
Австрискиот канцелар Себастијан Курц се однесува љубезно кон Ангела Меркел, но не го крие длабокото несогласување кон нејзината либерална бегалска политика. На друга страна, Курц одлично се согласува со противниците на Ангела Меркел на внатрешнополитички план - министерот за здравство Шпан и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, како и баварскиот премиер Маркус Зедер.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Притиснат
Непартискиот италијански премиер Џузепе Конте е еден од најтврдите ореви за Меркел. Конте никако не сака да прифати (вратени) бегалци, првпат регистрирани во Италија. Притисок врз него врши пред сѐ италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини од ксенофобната Лега: „Ние не можеме да прифатиме веќе ни едно единствено лице“. Со такви изјави, во Италија расте популарноста на Лега.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress
Незаинтересиран
Никој толку жестоко не ја критикуваше политиката на отворени граници на Ангела Меркел како унгарскиот премиер Виктор Орбан. За него, кризата е проблем на Меркел, а не негов. Тој воопшто не отпатува на мини-самитот за бегалците, за разлика од другите лидери на т.н. Вишеградска група (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска). Сите тие категорично одбиваат прераспределба на бегалци.