1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонце и ветер како замена за јаглен

ДТЗ /ДВ
26 јануари 2021

До 2040 година постепено ќе се заменува производство на електрична енергија од обновливи извори

BG Sommerhitze | Photovoltaikanlage mit Solarmodulen
Фотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

Северна Македонија постепено ќе го менува производството на електрична енергија од јаглен со производство на електрична енергија од обновливи извори. За енергетската транзиција неопходни се инвестиции од 800 до 900 милиони евра на годишно ниво до 2040 година. Предизвиците во однос на климатските промени престојат пред земјата, која се надева дека со помош на зеленото сценарио ќе овозможи позелена и поодржлива иднина кон можностите за искористување на хидро, соларната и енергијата на ветерот, Надежите се дека со инвестициите во обновливите извори на енергија до 2030 година ќе се отворат многу поголем број на работни места во земјата. За Стратегијата за енергетика и Програмата за нејзината реализација на онлајн конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“ денеска дебатираа повеќе соговорници од областа на енергетиката, домашни и странски експерти и консултанти. 

Стратегија

Целта на проектот е да се даде поддршка на Владата во ревизија на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и изработка на Програма за имплементација на Стратегијата во наредниот петгодишен период. Програмата се очекува да биде готова до март. Зеленото сценарио и понатаму останува најприфатливото за развојот на земјата, кое треба да обезбеди и економски и еколошки бенефит.

-повеќе на темата: Греење без јаглен, нафта и гас - можно ли е тоа?

Надлежните најавуваат дека енергетската транзиција на земјава ќе се одвива и годинава, преку неколку важни енергетски проекти кои се очекува да ја раздвижат економијата. Меѓу приоритетите се хидроелектраната Чебрен, за која минатата година се појавија неколку заинтересирани инвеститори, потоа фотоелектраните во Осломеј, ТЕЦ Неготино која може да се трансформира во електрана на гас или да се изгради нова и други.
Во последните три години интензивно се инвестира и во гасификација на земјата и се планираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште. Во меѓувреме се усвои и законот за енергетска ефикасност, се работи и на подзаконските акти, а ќе се создава и Фонд за енергетска ефикасност за реализација на проекти пред се во јавниот сектор. Целта е во наредните пет години да се влезе во инвестициски циклус кој ќе обезбеди земјата да биде позелена, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор. Предвидени се и мерки во транспортниот сектор за подмладување на возниот парк и намалување на загадувањето и во последната верзија на законот за возила во текот на годинава, во соработка со Министерството за животна средина, веројатно ќе се зголеми стандардот за увоз на возила од Еуро 4 на Еуро 5. Се најавуваат и нови мерки за кои се бараат финансии како субвенции за купување на хибридни возила, но и субвенции за сите кои поседуваат автомобили со понизок стандард од Еуро 4, да ги заменат со Еуро 5 или 6.

Чекот по чекор

С.Македонија работи и на долгорочна стратегија и Закон за климатска акција, кои ја институционализираат рамката за спроведување на обврските за редуцирање на стакленичките гасови, потребната праведна транзиција кон чиста енергија и воедно обезбедува општо подобрување на животната средина, што на долг рок значи помалку целокупни трошоци и повеќе зелени работни места.

-повеќе на темата: ЕБРД: Загадувањето на воздухот е резултат на старите термоцентрали

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски смета дека е неопходно чекор по чекор да се оди со енергетската транзиција. „Ние сите целиме кон реализација на зелено сценарио, односно производство на електрична енергија од сонце, вода и ветер, но мора тоа да биде постепено. Во моментов струјата од обновливи извори чини 105 евра за мегават час, додека цената на ЕСМ кон Универзалниот снабдувач е 38,8 евра. Притоа од ОИЕ во нашата земја не може да се произведе базната енергија која е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Обновливите извори се добри и пожелни, но не може енергетскиот систем да се води исклучиво на таквите извори“, вели Бислимоски. 
За да се обезбеди стабилноста на електронергетскиот систем, мора да се задржат неколку термоелектрани кои би работеле на гас, додава Бислимоски.

Претседателот на Регулаторната комисија, Марко БислимоскиФотографија: DW/K. Delimitov

-повеќе на темата: Рекордна година за обновливите енергии

Според најавите, АД ЕСМ планира до 2024 година да го исклучи првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола и наместо него да се изгради когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати, додека другите два блока да се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри. До 2026 година во план е целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење, но и ќе се подобри еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди. Се планира и целосно затворање на ТЕЦ Осломеј и изградба на фотоволтаични електрани на просторот на термоцентралата со инсталирана моќ од 100 мегавати, како и претворање на ТЕЦ Неготино во гасна електрана и зголемување на моќта на ветерниот парк Богданци. Соларни електрани ќе се прават во близина на сите постоечки објекти.

Гасификација

Наскоро во земјата ќе има вкупно 372 километри гасовод од преносната мрежа во државата.Во моментов има три делници кои се во градба. Делницата од Клечовце до Неготино во должина од 96 километри е 100 проценти завршена, делницата од Неготино до Битола од 92 километри е реализирана 94 проценти, а од  Скопје до Тетово и Гостивар се реализирани 75 проценти. До крајот на годинава е планирано да се изградат 274 километри гасовод. Веќе е изработен проектот за продолжување на гасоводот од Гостивар до Кичево, а во фаза на изработка се деловите од Кичево до Охрид и од Охрид до Битола со што целосно ќе се затвори гасоводниот прстен и ќе се обезбеди стабилност на системот. Наскоро треба да се гради и интерконекторот со Грција што ќе обезбеди енергетска независност, а во план се изградба и на интерконектори со Косово и Србија со што преку земјава ќе се транзитира гас ќе придонесе за намалување на цената на гасот.

-повеќе на темата: Бизнисот со струја од сонце привилегија за крупниот капитал

Поддршка за реализација на целите зацртани во Стратегијата за енергетика, Северна Македонија добива и од Обединетото Кралство. „Предизвиците во однос на климатските промени стојат пред сите нас и сите треба да дадеме придонес во намалување на емисиите на ЦО2. Зеленото сценарио ќе овозможи позелена и поодржлина иднина и транзиција кон можностите за искористување на хидроенергијата и енергијата на ветерот и сонцето, кои секаде во светот веќе се економски повеќе прифатливи од индустријата базирана на јаглен, а треба да обезбедат и голем број на работни места“, вели амбасадорката Рејчел Галовеј. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми