Даниловски: Со бустер доза ќе се избегнат жртвите од Омикрон
ДТЗ
29 јануари 2022
За една недела, повеќе од третина од починатите се вакцинирани. Епидемиологот вели дека Омикрон го заобиколува имунитетот стекнат од вакцините.
Реклама
„Никогаш ниедна вакцина не штитела стопроцентно од смртен исход! Особено не кон варијанта на вирусот што го заобиколува во голема мера имунитетот стекнат од вакцините, како што е Омикрон“, вели епидемилогот, професор Драган Даниловски за ДВ, откако деновиве во здравствените билтени се почесто се забележуваат починати лица коишто имале примено по две вакцини за заштита од Ковид-19. Епидемиологот смета дека ако опфатот со трета (бустер) доза е поголем, би се избегнале непотребни жртви.
Изминативе денови се почесто на дневниот билтен на Министерството за здравство можеа да се забележат податоци за починати лица, коишто биле вакцинирани со две дози, што ја зголеми вознемиреноста кај граѓаните. Па така, од 21 до 26 јануари - 36 лица коишто биле вакцинирани, или повеќе од една третина, се најдоа меѓу стотината граѓани коишто ја изгубија битката со Ковид-19. На 22 јануари од 21 починато лице од Ковид-19 - десетмина 10 биле целосно вакцинирани. Во четвртокот (27.01.2022) од вкупно 27 починати од ковид, кај 24 се регистрирани коморбидитети, а шестмина се целосно вакцинирани. Во петокот пак, од 22 починати лица, седум лица се целосно вакцинирани, а кај 19 се регистрирани коморбидитети.
Заштитата трае само неколку месеци
Даниловски укажува дека заштитата од вакцините трае само неколку месеци, така што кај сите што се вакцинирале од почетокот на вакцинацијата во Северна Македонија, па сѐ до пред 3-6 месеци, заштитата од заразување практично е исчезната, а од хоспитализација и смрт е значајно редуцирана. Неповолен момент, според него, е и фактот што огромен број граѓани беа вакцинирани со кинеските вакцини Синофарм и Синовак, кои речиси не обезбедуваат никаква заштита од Омикрон.
„Истото важи и за имунитетот (хуморалниот – нивото на антитела) стекнат по прележување на ковид. И тој со време се намалува, иако со позабавено темпо, отколку вакциналниот“, дециден е епидемиологот.
Тој смета дека вакцините што се достапни во моментов се дизајнирани специфично за оригиналната „вуханска“ варијанта на вирусот. „Секоја наредна појавена варијанта сѐ повеќе го заобиколуваше стекнатиот имунитет по примарниот циклус на вакцинцијата со две дози. Актуелнава варијанта Омикрон го заобиколува тој имунитет во најголема мера. Практично, вакцините речиси веќе не штитат од заразување со Омикрон. Покрај тоа, Омикрон се покажа и дека е многу попренослив. Како последица, имаме молскавично брз пораст на бројот на заразени“, објаснува Даниловски.
Супер-имунитет
Иако се покажа дека Омикрон предизвикува, во просек, поблага клиничка слика (за околу 50 проценти) и пониска смртност, сепак, на огромен број заразени, бројот на починати не е за занемарување. Мала пропорција починати од голем број заразени, сепак, претставува голем апсолутен број.
Даниловски вели дека поминаа две години од почетокот на пандемијата и година дена од почетокот на вакцинацијата во Северна Македонија. Сите кои беа целосно вакцинирани од почетокот до пред 3-6 месеци, практично, во голема мера или сосема, ги имаат изгубено неутрализирачките антитела. Сите кои прележаа ковид, исто така, постепено ја изгубија и ја губат заштитата.
„Имунитетот после две дози и прележаност (т.н. хибриден имунитет) е најсилен и најдолго трае. Го нарекоа супер-имунитет (но само со Фајзер и Модерна). Во тој случај, нивото на антителата се проценило дека просечно е 1.000 пати повисоко од нивото по две недели од втората доза на вакцина. Веројатно е дека важи и обратното. Но, и таа заштита се намалува со тек на времето“, додава професорот.
Каде е решението?
Тој смета дека решението е во „бустер“ доза на вакцина после одредено време за сите погоре спомнати категории. „Таа го подига нивото на заштита од заразување од Омикрон на околу 50 проценти, од хоспитализација на околу 90 проценти и од смртен исход преку 90 проценти. За жал, кај нас опфатот со трета (бустер) доза е симболичен“, објаснува Даниловски за ДВ.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Последицата од таквата ситуација е што во контингентот умрени недозволиво високо учество имаат вакцинирани со две дози. Епидемиологот смета дека ако опфатот со трета (бустер) доза е поголем, би се избегнале непотребни жртви.
„Инаку, штета е што не се соопштува официјално со кои вакцини биле вакцинирани починатите, ниту колку време поминало од втората доза. Постојат индиции дека во оптек се и лажни потврди за вакцинација. Немам информации дали е откриено колкумина се такви случаи во контингентот умрени“, вели Даниловски.
Спорна методологија
Министерот за здравство, Беким Сали, смета дека бројот на починати од ковид се чини висок затоа што според методологијата на бележење, секој кој починал, а бил позитивен на Ковид-19, се регистрира како починат со коронавирус. „Но, тоа не значи дека смртта била последица од ковид“, вели министерот.
„Можеби сме земја со висока смртност од пандемијата, но не значи дека ние не сме го згрижиле пациентот. Во регионот имаат друга методологија, па не треба да ве залажува бројката што е кај нас 8.000, а кај нив 2-3.000“, вели Сали.