1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: Прво фер избори и реформи, па преговори

ЕМФ/БГ/europarl.europa.eu10 март 2016

Доколку Македонија го надмине политичкиот ќорсокак, во земјата наскоро се одржат слободни и фер избори и таа се врати на реформскиот пат, нема да има натамошни пречки за почеток на преговори за влез во ЕУ, соопшти ЕП.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Florin

„Земјата е во критичен период - не само што е оставена предолго да чека на вратите на ЕУ како кандидат, туку е соочена и со предизвикот од илјадници бегалци на нејзините граници. Дојде време да се преземе нов чекор во евроатлантската интеграција и да се почнат преговори за приклучување кон ЕУ, доколку изборите се одржат по демократски стандарди“, изјави известувачот на ЕП за Македонија, Иво Вајгл.

За резолуцијата за Македонија денеска гласаа 404 пратеници, 76-мина беа против, а 29 беа воздржани. Во резолуцијата од политичкото раководство на земјата се бара целосно спроведување на договорот од јуни/јули 2015-та и итни реформи. Тоа ќе ѝ помогне на земјата да ја надмине политичката криза, да се подготви за предвремени и фер избори, кои сега се закажани за 5 јуни 2016-та и ќе го трасира патот за почеток на преговори за приклучување во ЕУ, на кои чека веќе една деценија, се вели во соопштението на ЕП.

Европратениците оценуваат и дека Македонија „дејствуваше како одговорен партнер во справувањето со огромниот прилив на мигранти и бегалци“. Во резолуцијата на ЕП се додава дека Европската комисија треба да ѝ пружи на земјата поголема поддршка за управување со границите.

Европскиот парламент исто така изрази загриженост поради широко распространетата корупција во Македонија, особено во државната и локалната администрација, јавните набавки и финансирањето на политичките партии. Освен тоа, ЕП ја повика владата да се бори против корупцијата на неселективен начин.

„Сочувајте ја демократијата или препораката ќе биде одземена“

Во текот на дебатата за Македонија, европратеникот Ричард Ховит вчера испрати драматична порака да се сочува демократијата или „препораката ќе биде одземена“:

Ричард ХовитФотографија: Getty Images

„Испраќаме остра порака до македонските политичари дека не ги исполнуваат своите обврски за кои нема алтернатива. Остра порака која не е насочена против македонскиот народ ,туку за нив, за вашата демократија и за подобра иднина на вашата земја, сигурни сме дека тоа го сакате, а вашите политичари ќе мора да покажат дека и тие тоа го сакаат“, порача Ховит од името на групата на социјалистите во европарламентот. Ховит директно му реплицираше и на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, објаснувајќи дека не е точно оти бил постигнат договор да не се бараат натамошни реформи во медиумите.

Јоханес ХанФотографија: picture-alliance/dpa/Julien Warnand

Комесарот за прошируваше Јоханес Хан оцени дека „прислушуваните материјали покажале дека системот е поткопан со политичко влијание и корупција“. Тој одговори на бројните критики на дел од европратениците дека земја во таква состојба како Македонија не заслужува да добие позитивно мислење за почеток на преговори, со објаснување дека тоа е дел од концептот на ЕУ.

„Критиките кон демократскиот развој на Македонија се издржани, но најголемата потпора на ЕУ за нашите интереси е дека само преку преговори можеме да ги решиме овие недостатоци. Имаме влијание во фазата кога ги отвораме преговорите и особено додека траат преговорите. Како што можете да видите го губиме влијанието по влезот на земјите во ЕУ“, рече Хан.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми