1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: Прекин на преговорите со Турција или засилен дијалог?

Кристоф Хаселбах / Елизабета М. Фиданоска13 јуни 2013

Пратениците во Европскиот парламент реагираат различно на случувањата во Турција - едни бараат замрзнување или дури и прекин на преговорите за приклучување во ЕУ, а други нагласуваат дека треба да се засили дијалогот.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Сите пратенички групи во Европскиот парламент ги осудуваат постапките на турската полиција против демонстрантите. Меѓутоа, размислувањата за тоа какви последици да има ваквата интервенција по европската политика кон Турција се дијаметрално спротивни. Шеф-дипломатот на ЕУ Кетрин Ештон во Стразбур изрази жалење: „Во изминатите две недели бевме сведоци на премногу примери на ексцесивно полициско насилство: употреба на солзавец, водени топови, спреј, гумени куршуми од многу мали растојанија до демонстрантите, кои главно беа мирни.“

Ештон го осуди ограничувањето на слободата на печат и на мислење, но додаде дека демократскиот мандат на премиерот Реџеп Таип Ердоган не се става под знак прашалник. Меѓутоа, премиерот не треба да го злоупотребува мандатот против оние кои не го делат неговото мислење, рече Ештон. Таа се залага за деескалација и за натамошен европски ангажман: „Сега не е момент да се повлечеме од Турција, туку треба да бараме поинтензивен дијалог.“

Кетрин Ештон: Сега не е момент да се повлечеме од ТурцијаФотографија: MacInnes Photography /Department of the Taoiseach via Getty Images

Сила или постапување со свилени ракавици?

Оваа стратегија предизвикува поделеност во Европскиот парламент. Шпанскиот конзервативен пратеник Хозе Игнасио Салафранка го фали курсот на Ештон за Турција, затоа што земјата е важен партнер за ЕУ и НАТО. Тој смета дека во Турција има „голем број реформи“ кои се во тек: „Затоа не можеме да дозволиме дестабилизација на ситуацијата во Турција која би била предизвикана од страна на ЕУ.“

Други пратеници се за поостар курс кон Анкара. Дел од нив се лути, особено поради тоа што Ештон не само што ја повикала турската влада на воздржаност, туку истиот повик го упатила и до демонстрантите. Ирскиот социјалист Пол Марфи одушевено раскажуваше за својот престој меѓу демонстрантите во Истанбул и е вџашен од повикот на Ештон. Обраќајќи и‘ се, тој рече: „Спротивно од Вашиот совет, јас на демонстрантите им велам - не се воздржувајте!“

Ханес Свобода: Ердоган мора да се промени ако не сака да ја оддалечи Турција од ЕУФотографија: picture alliance/dpa

Преговорите за приклучување под мраз

Дебатата во Европскиот парламент стана турбулентна особено по прашањето - како ЕУ да постапува со Турција во ваква ситуација. Брисел и Анкара водат преговори за приклучување неколку години, но тие од 2010 година се под мраз. Официјално, преговорите некогаш треба да доведат до целосно членство на земјата во Унијата, но сомневање во ваквиот пат изразуваат пред се‘ конзервативните пратеници. Тие сметаат дека со најновите случувања нивниот став е потврден.

Ирското претседателство со ЕУ пак, сака да ги заживее повторно преговорите пред истекот на овој месец и да отвори ново поглавје во преговорите, она за регионална политика. Но дури и наклонетите пратеници, како шефот на пратеничката група на социјалистите Ханес Свобода, сметаат дека од тоа нема да излезе ништо. Ердоган „мора да се промени ако не сака да ја оддалечи Турција од Европа“. И шефот на пратеничката група на либералите Ги Ферхофштат е решително „за европска опција за Турција“, но нагласува дека визијата за членство бледее исто онолку колку што Турција „им врти грб на европските принципи и вредности“.

Бернд Поселт бара итен прекин на преговорите за приклучување на Турција во ЕУФотографија: picture-alliance/dpa

Норвешко решение

Германскиот конзервативен пратеник Бернд Поселт, наспроти тоа, бара „итен прекин на преговорите за приклучување“. Тој тоа го бараше и пред актуелните настани во Турција, зашто тој смета дека таа земја едноставно не е европска земја. На ваквиот став енергично се спротивставува Ферхофштат.

Германецот Елмар Брок, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика на ЕП, на работите гледа подиференцирано од Поселт. Според него, обновување на преговорите во овој момент не доаѓа предвид, меѓу другото, „затоа што тоа едноставно би било навреда за луѓето кои се во затвор“. Преговорите би требало „да се одложат малку“.

Според Брок, алтернатива за Турција би можело да биде проширено „норвешко решение“, односно тесна економска поврзаност без политичка интеграција. Тоа, како што укажа и конзервативецот Џефри ван Орден, е идеја за која би можеле да се загреат дури и британските евроскептици. Сепак, во емоционалната дебата за Турција во ЕП вчера (12.06) немаше трезвена анализа на состојбите. Едноставно тоа не беше вистинскиот момент.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми