1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерата на Курц почнува: Длабок јаз меѓу Австријците

Кристијан Бартлау
18 декември 2017

Себастијан Курц денеска положи заклетва за нов премиер на Австрија. Стапувањето на должност на неговата десно-десничарска влада е проследено со протести и раскол во австриското општество.

Österreich Vereidigung der neuen Regierung in Wien
Фотографија: Reuters/L. Foeger

31-годишниот Себастијан Курц стана најмладиот премиер во историјата на Австрија. Досегашниот министер за надворешни работи положи свечена заклетва пред сојузниот претседател Александер ван дер Белен. Курц со јасна десничарска политика на својата Австриска народна партија (ОВП) дојде до изборна победа и до коалиција со десничарските популисти од Слободарската партија на Австрија (ФПО). Оваа десно-десничарска коалиција, како што ја нарекуваат австриската левица и либералните медиуми почна да го поларизира општеството уште и пред да започне со работа. Протести во земјата имаше како во изминатите денови така и денеска, во прв ред во Виена, каде се пријавени девет протестни маршеви. Околу 6000 илјади луѓе гласно протестираа пред седиштето на сојузниот претседател, каде што се одвиваше инаугурацијата на новата влада. Демонстрантите од левичарската сцена извикуваа пароли „Нацисти надвор“ и „Не сакаме наци-свињи“

Повеќе на темата:

-Десничарска влада во Австрија со европска ориентација

-Слободарската партија има корени во Австрија

-„Орбанизација“ на Австрија?

За разлика од Германија, каде речиси и 3 месеци по изборите сѐ уште е неизвесно како ќе се формира влада, во Австрија сето се одвиваше многу брзо: само 7 дена по изборите, на 15 октомври започнаа коалициските преговори, а веќе на почетокот на месецов имаше вознемирени кога се слушна дека коалицијата ќе дозволи и работно време од 12 часа на ден - мерка која им се допадна на работодавачите, но која не им се допаѓа на старите избирачи на ФПО.

Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/R. Zak

Многу непријатели и пред инаугурацијата

Уште повеќе вознемирени имаше поради други причини, кога преговарачите пред седум дена најавија повлекување на забраната за пушење во угостителските објекти која ја воведе претходната владина коалиција на конзервативците и социјалдемократите. Австриското Друштво за борба против ракот веќе собра 350.000 потписи на петиција на интернет, каде се бара забраната да остане. Другата петиција е посериозна бидејќи се бара австрискиот претседател Ван Дер Белен да ги спречи популистите да ги преземат министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Што значи дека Курц уште пред да положи заклетва всушност имаше многу противници. Меѓу нив се и демонстрантите кои за викендот во Виена скандираа „No Border, No Nation, Stop Deportation!". Протестот беше насочен кон соработката на ЕУ со режимот во Либија и очајната состојба во која се наоѓаат бегалците во оваа африканска земја. На еден натпис беше нападнат и идниот канцелар кого еден говорник го нарече „канцелар за прогон“. „Нема да помине без грди призори, Басти!“, му порачуваа на Себастијан Курц, алудирајќи на реченицата која и самиот ја изговори.

Фотографија: Reuters/L. Foeger

Сега лисица го чува кокошарникот

Многу партии и организации од левицата ги повикаа граѓаните на протести денеска, но многу загрижени граѓани сметаат дека тоа нема да бидат толку големи протести како во 2000 година, кога полицијата мораше да употреби водени топови, а владата мораше да се крие во подземниот тунел кој ги спојува канцелариите на владата и на претседателот. Денеска е работен ден и младите, традиционалната публика на вакви протести против екстеремната десница, се на училиште или на факултет.

Но, планирана е уште една протестна манифестација по божиќните и новогодишните празници, на 13 јануари. Една соговорничка со арапско потекло особено се лути поради заострување на постапката за давање азил каква што планира новата црно-сина владина коалиција, но тоа не е сѐ: „Овие луѓе кои сега доаѓаат во министерството се, исто така, исклучително проблематични.“ Секако мисли на претставниците на Слободарската партија. Самиот лидер на ФПО, Хајнц Христијан Штрахе во минатото беше познат во неонацистичката сцена, иако како заменик-канцелар тој нема да преземе некое министерство. На почетокот сакаше да го преземе министерството за внатрешни работи, но алтернативата и не е многу подобра: идниот министер Херберт Кикел е автор на слоганите како „Татковината пред исламот“. Уште пред една година Кикел зборуваше на конгресот „Бранители на Европа“ пред публика за која и Службата за заштита на уставниот поредок рече оти „внимателно се набљудува“. А сега и самата таа служба спаѓа во надзор на министерот Кикел. Не само тоа: со оглед дека уште еден популист, Марио Кунасек, го презема и министерството за одбрана, ултрадесничарите имаат надзор врз сите вооружени сили и тајни служби во земјата, иако сосема теоретски претседателот на државата, Александер ван дер Белен е врховен командант.

Фотографија: Reuters/L. Foeger

Друг политички свет само неколку постојки понатаму

Но, протестите во центарот на Виена се само еден дел од сликата за австриското општество денес. Доволно е имено да се седне во линијата У3 и за едвај 20 минути да се стигне во Кафе Зизи во предградието Симеринг, па човек да се најде во сосема поинакво опкружување. Сопственичката, Михаела Гоак има 45 години, носи црни очила и маскирна кошула. Стои зад шанкот и пуши цигара. ФПО во оваа населба традиционално постигнува најдобри резултати, а така беше и во октомври кога тука освоија 33 отсто - просекот во Виена беше 21 насто. „Тоа е така бидејќи тука луѓето сакаат повторно нешто да се прави за самите Австријци. А не само за другите“, вели таа, а малубројните гости потврдно нишаат со главите. Таа веќе со години сака слободарите конечно да влезат во владата. Изгледа дека целата програма на новата владина коалиција е создадена во нејзиното Кафе Зизи: никакви пари, туку само помош во предмети за азиланти, остра политика на доселување, повеќе полиција... Сѐ што сака Гоак навистина стои во програмата на црно-сината влада.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми