1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердогановата листа за отстрел?

Гезал Ачер
28 декември 2017

Новинари и политичари кои на некој начин се замериле со режимот на Ердоган, тврдат дека им се подготвуваат атентати. Долгата рака на Ердоган стигнува сѐ до Германија, полицијата води истрага.

Deutschland Vorbereitungen zum 36 evangelischen Kirchentag
Фотографија: picture alliance/dpa/R. Hirschberger

Академици, новинари и писатели кои во текот на владеењето на конзервативната партија АКП на Реџеп Таип Ердоган побегнале во Европа,  посебно во Германија, можно е да бидат мета на атентати. Тоа го тврди ерменскиот пратеник на прокурдската Демократска партија на народот (ХДП), Гаро Пајлан. „Од различни извори добив информации дека платени убијци, управувани од Турција, планираат напади во Европа и постојат посебни листи за одстрел“, изјави Пајлан неодамна на прес-конференција во парламентот во Анкара.

Од каде му се тие информации? Пајлан во разговор за Дојче веле тврди дека бил известен од странска тајна служба, но не смее да го каже точниот извор. „Но, можам да кажам дека информациите се потврдени и потекнуваат од сигурни извори.“ Политичарот тврди дека на таа листа се познати имиња, во Германија и во другите европски земји веќе ставени под посебна заштита. Според него, не станува збор само за опозициски политичари, туку и за претставници на верски и национални малцинства, како алевити и Ерменци. 

Повеќе на темата: 

Турски политичар поврзан со боксерска банда во Германија

Шпионирани турски баратели на азил во Германија

 

Турски националисти активни во Германија

Слични информации добил и Јилмаз Караман од Федерацијата на алевитски здруженија на Германија. Тој наведува дека дека неговото здружение двапати, еднаш пред една година, вториот пат пред шест месеци, од различни канали дознало за постоење опасност од атентати. Тогаш, раскажува Караман, го известиле и германското Министерство за внатрешни работи, кое ветило дека ќе спроведе истрага.

Веќе се забележани напади на молитвените домови на алевитите во Германија, во покраината Баден Виртемберг, исто така и на Културниот центар во Емерих во Северна Рајна Вестфалија, се испишуваат погрдни и заканувачки графити на ѕидови. Сето тоа е пријавено во полиција, но сторителите никогаш не се фатени. Според Караман, напнатостите од Турција се прелеваат во Германија и алевитите се на мета на ултранационалистички групи луѓе со тирско потекло. Алевитите се разликуваат од сунитите по потолерантното толкување на исламот. Според проценките, околу 13 проценти од услиманите кои живеат во Германија се алевити.

Бандата мотоциклисти, т.н. „Османи“ (Osmanen Germania), според едно истражување, има врски со опкружувањето на Ердоган Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Staniek

Нашите соговорници не тврдат дека зад наводните листи стојат директно турската држава или владејачката АКП, но врските се очигледни. Се споменуваат групи активни во Германија, како „Османи Германија“, за која новинарите неодамна открија дека е финансирана од пратеници на АКП и Метин Кулунк, човек близок на Ердоган, за што Дојче веле неодамна пишуваше.

Чем Ездемир, лидер на германската Партија на зелените, и самиот со турско потекло, за Дојче веле вели дека нема конкретни информации, но заплашувањето на политичките противници спаѓа во Ердогановиот репертоар. „Германија мора да биде свесна за тоа и треба пред сѐ да води сметка овде да не настанат паралелни структури. Тука мислам на онаа чудна банда мотоциклисти, т.н. 'Османи', но и на Унијата на европско-турските демократи“, вели Ездемир. Таа унија се смета за лобистичка организација на партијата АКП во Европа.

На полицијата состојбата ѝ е позната

Ездемир вели дека злоупотребите на турскиот режим почнуваат уште и со потерниците преку Интерпол. „Време е на сите да им стане јасно дека информациите од Турција не се информации од една нормална земја, туку од авторитарно општество. Сите тие информации треба да се примат со резерва, доколку не е можна нивна независна проверка“, додава германскиот политичар.

По неуспешниот обид за пуч од јули 2016. година, илјадници луѓе беа принудени да ја напуштат Турција за да го избегнат одмаздничкиот бран апсења и монтираните процеси. Еден од нив е и ерменскиот новинар Хајко Багдат кој живее во Берлин. И тој го потврдува она што веќе го чувме, и до него стигнале информации за можни атентати, а во врска со тоа соработува со институциите: „Турција би требало да преземе сѐ за да ги заштити своите граѓани.“

Полицијата на една германска сојузна покраина, која не ја наведуваме во интерес на истрагата, на прашање на Дојче веле потврди дека се во тек истраги за планирање атентати. „Степенот на опасност е познат и затоа со неопходно внимание вршиме проверки и ја оценуваме безбедносната ситуација. Ве молам, имајте разбирање дека не можеме да се впуштаме во детали за мерките кои ги преземаме“, изјавија од полицијата за Дојче веле.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми