1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган во Германија - добредојден или не?

Седа Сердар
27 септември 2018

Германија и Турција сакаат да ги подобрат разнишаните меѓусебни односи. Тоа е целта на посетата на Германија на Реџеп Таип Ердоган. Дали е тоа возможно? Не се скептични само опозицијата во Берлин и Анкара.

Türkei AKP Kongress in Ankara
Фотографија: picture-alliance/AA/K. Ozer

Кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска, (четврток, 27.09) ќе ја започне посетата на Германија, пред сѐ ќе има една цел како што самиот најави:  „фазата на односи кои ги имавме во последниве години целосно да ја оставиме зад нас". Односите меѓу Берлин и Анкара во последниве години постојано се влошуваат. Турската влада им го ограничи пристапот на германски политичари во базата Инџирлик, потоа следеше апсење на германски државјани во Турција и обвинувањата на Ердоган дека германската влада употребува "нацистички методи" - ова се само дел од конфликтните точки. Суштината на тензиите се всушност автократските тенденции на владата на Ердоган. Сега меѓу другото Турција се обидува повторно да ги придобие Германија и Европа. Анкара се надева дека Берлин и Брисел можат да помогнат земјата повторно да се стабилизира, по зголемувањето на тензиите меѓу Турција и САД поради различни ставови околу Сирија, апсењето на американски свештеник во Турција и економските санкции кои следеа потоа.

На Берлин и на Анкара им е важно да ги подобрат обостраните односи и посетата на Ердоган од 27/29.септември би можела да биде првиот чекор.

Германската влада нема големи очекувања. Надворешнополитичкиот портпарол на Унијата, Јирген Хард, сака Ердоган да покаже „дека верува во европските вредности, слободното изразување мислења и независноста на правосудството."

Повторно приближување е само можно ако германските граѓани кои се уапсени во Турција, бидат ослободени. Според информации од германска страна, станува збор за пет лица.

Берлин: Протест против посетата на Ердоган на ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Бојкот на банкетот

Претседателот на Германија Франк Валтер Штајнмајер ќе го пречека турскиот претседател во замокот Белви со сите воени почести. Вечерта таму ќе се одржи и државен банкет, што во Германија контроверзно се дебатираше.

Повеќе високорангирани германски политичари најавија дека нема да учествуваат. Меѓу нив е и Севим Дагделен. „Ако се работеше за дијалог, сега ќе имаше обична работна посета, а не протоколарно највисок дочек за претседател кој затвора новинари, Германци држи во заробеништво, има вистински мафијашки методи во надворешната политика," вели Дагделен за ДВ. „Црвен тепих и сите воени почести и државен банкет за мене е тотално неоправдано."

Шефот на Либералите, Кристијан Линднер, исто така најави дека нема да присуствува на банкетот.

Еден од најголемите критичари на Ердоган во Германија, Чем Ездемир, пак ќе присуствува. Политичарот од Зелените аргументира дека „Ердоган мора него, кој го критикува него и авторитарната политика, да го гледа и издржи."

Политичарот од редовите на Унијата, Хард, смета дека со приемот во Белви не се уважува само Ердоган, туку и Турција. „Мислам дека е во ред ако правиме таков дочек за Ердоган", вели Хард. „Ердоган е еден од нашите најважни партнери особено за безбедност и бегалска политика."

Меркел нема да присуствува на банкетот, тоа самата го кажа во понеделникот. Но, тоа и не е невообичаено, таа само по исклучок оди на такви приеми. Но, за време на престојот таа ќе се сретне два пати со Ердоган.

Повеќе: 

Само Ердоган може да ѝ помогне на Турција

Треба ли Германија да ѝ помогне на Турција?

Турската економија е „преголема за да пропадне“

Турската економија ќе биде главна тема при посетата на Ердоган во Германија. Ердоган држи до ставот дека економијата на неговата земја е доволно силна за да ја преживее актуелната криза самостојно. Слабата валута, јасната инфлација, високата невработеност пак кажуваат друго.

И Германија има интерес турската економија да се опорави. „На некој начин Турција е релевантна за системот, премногу голема за да пропадне, во тоа верува Ердоган”, вели Кристијан Бракел, експерт за Турција на фондацијата Хајнрих Бел. „Турција сака релација која се заснова пред сѐ на економска кооперација во размена за безбедност, начинот на третирање џихадисти повратници од Сирија и Иран. Тоа веројатно е единствениот начин на реалција која во моментов е можна за Турција."

Што треба да се случи за да се подобрат релациите меѓу Берлин и Анкара? Јирген Хард вели дека Турција мора да обезбеди дека германските компании не мора да се грижат за своите вработени таму: „Ердоган мора да прифати дека инвеститорите сакаат правна сигурност и правна држава и дека човековите права мора да им бидат почитувани."

„Знаеме дека турската економија е кршлива и дека има структурни проблеми", вели политичарот од Унија. „Но, на страна од тоа актуелната економска криза е производ на подлабока политичка криза во Турција. Ако Турција економски сака да заздрави и сака поддршка од Германија, мора да се зборува за правна држава, а не за економија."

На банкетот во чест на Ердоган нема да присуствува Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/AA/A. Dumanli

Турската опозиција со критички став кон посетата

И покрај ваквите ставови, критичарите на Ердоган во Турција имаат малку надеж дека германската влада има интерес да ја стави на маса темата за состојбата со човековите права.

„Ердоган доаѓа во посета на Германија, додека тој ги гази човековите права, и е примен на највисоко ниво и покрај ваквата ситуација," вели Гаро Пајлан од про-курдската турска партија ХДП. Со тоа се дава знак дека работите се нормализирааат, дека тоа што го прави е во ред и дека Турција е прифатена како земја во која се прекршуваат човековите права. „Единствената цел на посетата е да се постави тампон зона и земјата да се спаси од колапс."

Говор во џамија на ДИТИБ

Во Германија живеат повеќе од три милиони луѓе со турско потекло. Германско - турската заедница тука е длабоко поделена кога станува збор за турскиот претседател. Имено, две третини од Турците со право на глас гласаа за Ердоган на последните избори, но има голема турско - курдска дијаспора која е особено критички настроена кон Ердоган, а во Бундестагот голем дел од најгласните критичари на Ердоган имаат турски корени, како Оздемир и Дагделен.

Ердоган сака неговата посета да ја заврши во Келн. Таму ќе има говор на официјалното отворање на една џамија финансирана од турското здружение ДИТИБ.  За оваа религиозна организација која е контролирана од турската држава има многу негативни реакции во медиумите.

Политичарката од редовите на левицата, Севим Дагделен во принцип ја отфрла посетата на Ердоган - од државна посета до говор во џамија - „Пропагандната кампања на Ердоган, која тој експлоатира во земјата, за да се прослави како голем државник во Турција, му е овозможена од германската влада".

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми