1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција сериозно планира инвазија на Сирија

Херман Рајнер
12 август 2019

Турската инвазија на Сирија, се чини, е прашање на време. Но, новата воена офанзива може да има самоуништувачки последици за владата на Реџеп Таип Ердоган, смета Рајнер Херман

Türkei Grenze Syrien Artilleriebeschuß Operation Olivenzweig
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Kilic

Турција не е земја која ги игнорира заканите. Веќе двапати, Анкара го исполни ветеното откако ги објави плановите да изврши инвазија врз Сирија. Првата беше операцијата „Штитот на Еуфрат“ од август 2016 до март 2017, а потоа и втората офанзива „Маслиново гранче“, во првата половина на 2018. Оттогаш, Турција контролира 2 отсто од сириската територија.
Опиена од својот успех, Турција сега сака значително да ја прошири контролата во источниот дел на северна Сирија со трета инвазија. Кога ќе заврши муслиманскиот празник Курбан Бајрам, операцијата би можела да започне источно од реката Еуфрат. Се чини дека воените подготовки долж границата се завршени, а условите се чинат поволни.

Никој не може да ја спречи Турција

Што се однесува до меѓународната политика, никој не е расположен да ѝ застане на патот на Турција. Откако претседателот на САД, Доналд Трамп на почетокот на годинава се закани дека „ќе ја уништи“ турската економија, Реџеп Таип Ердоган одеднаш замолкна. Но, деновиве Вашингтон веќе не зборува за можни санкции како реакција на турското купување на рускиот противвоздушен систем С-400. Уште еднаш, Ердоган добро ги одигра своите карти: Со заканата да ја нападне Сирија, тој го зголеми притисокот врз САД во обид да спречи уште еден судир.
На домашната сцена, условите за претседателот се поволни. По поразите на неговата партија на локалните избори, на Ердоган му е потребна заедничка цел за да ја обедини нацијата зад себе. Конфликтот со Курдите секогаш добро ѝ служи на оваа цел. Откако Турција уби висок функционер на Курдската работничка партија (ПКК) на 27 јуни, ПКК одговори со атентат врз турски дипломат во северен Ирак на 21 јули- и со тоа стариот кофликт повторно се распламти.
Дополнително, расте и бесот кон сириските бегалци меѓу турското население. Со таа цел, Ердоган може да ја оправда операцијата како чистење на просторот за нивно враќање во северна Сирија.
Но, третата турска инвазија во Сирија може да доведе и до едно од двете можни самоуништувачки сценарија: турските и курдските борци поддржани од САД би можеле да се најдат во директен судир. Притоа, доколку американските трупи не им помогнат на Курдите, тие би можеле да го повикаат на помош Башар ал Асад- чекор кој на сирискиот режим ќе му овозможи да ја поврати контролата врз тој дел од својата територија. Во таков случај, Вашингтон ќе мора да се откаже од своите бази во курдскиот регион, а Турција ќе мора да се соочи со Асад на другата страна од границата. Во меѓувреме, милитантите на Исламската држава би можела да го искористат вакумот за да добијат на сила.

Рајнер Херман е коментатор на Франкфуртер алгемајне цајтунгФотографија: Helmut Fricke

Секој против секого

Стратезите во Анкара се доволно мудри за да ги разберат обете сценарија: затоа се надеваат дека максималниот притисок ќе ги натера САД да се согласат на далеку поширока и подлабока бафер-зона од актуелната. Но, во таква тампон-зона, Курдите нема да имаат право на глас, а сириските Курди веќе соопштија дека нема да се повлечат пред Анкара, ниту пак ќе се откажат од барањата за автономна влада.
Актерите во конфликтот се соочени едни против други. Во осмата година од војната во Сирија, новиот бран насилство чука на портите. Историјата нѐ учи дека заканите на Турција мора да се земат сериозно.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми