Турскиот претседател ги обвини западните земји дека ги прекршиле своите ветувања во Сирија, но и дека директно ги поддржуваат терористичките групи. САД демантираат.
Реклама
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тврди дека поседува докази за поддршката која коалицијата предводена од САД им ја дава на терористички групи во Сирија како што се Исламската држава и курдската милитантни групи ИПГ и ПИД.
„Тие не обвинуваа нас за поддршка на Даеш (Исламската држава. Но сега им даваат поддршка на терористички групи, вклучително и Даеш. Имаме докази, со фотографии и видеа“, тврди Ердоган.
Стејт Департментот експресно ги отфрли тврдењата на Ердоган оценувајќи ги за „апсурдни“.
Ова не е првпат Ердоган да ги обвинува западните земји за поддршка на ИД. Слични обвинувања искажа и во ноември годинава при посетата на Пакистан, дополнувајќи дека ИД користи исклучиво оружје од западно производство.
Ердоган е фрустриран од неуспехот на турските трупи да го заземат Ал-Баб, сириски град на 25 километри јужно од турската граница кој е под контрола на „Исламската држава“. Турската армија започна офанзива во август годинава заедно со про-турски милиции во која досега загинаа најмалку 37 турски војници. Турскиот претседател смета дека изостанала очекуваната западна поддршка во офанзивата. Целта на операцијата е да се оневозможи обединување на курдските кантони во северна Сирија во една автономна област.Турција стравува дека таквиот ентитет би претставувал опасност и за неа поради бројното курдско малцинство.
„Коалициските сили, за жал, не ги исполнуваат своите ветувања“, изјави Ердоган.
„Дали ќе помогнат или не, ние ќе продолжиме одлучно по нашиот пат. Нема назад од патот кој си го утврдивме“, рече турскиот претседател алудирајќи на офанзивата во Сирија.
Алепо: Уништувањето на раскошниот град
Алепо пред војната беше метропола полна со живот, омилена туристичка цел и економско срце на Сирија. Денес источниот дел на градот е разурнат. Фотографиите од пред војната и сега ги покажуваат размерите на уништувањето.
Џамијата Омејади пред војната
Ова е фотографија од 2010 година. Бунтовите во арапскиот свет тогаш не беа стигнати до Сирија и Алепо. Џамијата е изградена во 775 година и е дел од Светското културно наследство на УНЕСКО.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Џамијата Омејади денес
Џамијата беше тешко оштетена во борбите во 2013 година. На 24 март 2013. се урна минарето изградено во 11. век. Денес џамијата наликува на напуштена руина.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Амамот Ел Нахасин пред војната
Во амамот во старото градско јадро на Алепо посетителите уживаат во мирот по направената бања. Фотографијата е направена есента 2010 година.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Амамот Ел Нахасин сега
Шест години потоа амамот не зрачи со мир и спокојство. „Раните“ од војната му се видливи.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Цитаделата на Алепо пред војната
Цитаделата на Алепо е една од најстарите и најголемите тврдини на светот. Голем дел од објектот е изграден во 13. век.
Фотографија: Reuters/S. Auger
Цитаделата денес
Некогашната туристичка атракција е во голем дел уништена и денес како сениште се издига над градот.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Старото градско јадро некогаш
24. ноември 2008 година: Старото градско јадро на Алепо. Луѓе седат во кафулињата, сместени како во рамка од шарени светла.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Старото градско јадро денес
13 декември 2016: Старото градско јадро е престорено во прав и пепел.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Трговскиот центар Шахба пред војната
Божиќни подароци висат закачени на таванот на трговскиот центар Шахба во декември 2009 година. Петкатниот трговски центар беше отворен во 2008 година и се вбројуваше во најголемите во Сирија.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Трговскиот центар Шахба денес
„Трајно затворен“ - оваа информација се појавува на Гугл кога се пребарува поимот „Shahba-Mall“ денес.Трговскиот центар беше тешко оштетен во воздушните напади во 2014 година.
Фотографија: Reuters/A. Ismail
Пазарот Ал Зараб пред војната
Влезот во пазарот Ал Зараб во 2008 година, облеан во топла светлина.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Пазарот Ал Зараб денес
Декември 2016: Влезот во пазарот е уништен речиси целосно.