Ердоган го менува курсот?
2 јули 2016Турција е сѐ уште човечки и политички потресена од нападот на аеродромот во Истанбул, иако аеродромот беше повторно отворен по само кус прекин, иако секојдневието се чини како да зема свој тек. Зашто во толку брзото враќање кон привидната нормалност се крие и потиснување. Турција е и останува мета на теророт, како исламистичкиот, така и курдскиот. Внатрешната безбедност на земјата е загрозена, животот е опасен. Последиците можат да се видат.
Најважното: туризмот е на колена. Нема веќе туристи. Со тоа колабира и една од најважните економски гранки на земјата. Погодени се стотици илјади луѓе - ќе ја загубат работата, нема да заработуваат. Тоа го турка во дефанзива и надмениот претседател Ердоган. Турците опуштено прифатија многу негови самостојни потези, сѐ додека на земјата ѝ оди економски добро. Сега сѐ се урива, меѓу другото и интернационалните инвестиции во земјата.
Што знае турскиот безбедносен апарат?
Исто толку важно е - како се всушност поставени безбедносните служби? Колку малку знаат? Тајните служби се во состојба да го идентификуваат секој опозиционерски глас во Турција и странство. Знаат ли навистина малку? Или сакаат да знаат само толку малку? Или досега сакале да знаат само малку? Овие прашања се наметнуваат итно.
Се чини неочекувано, но можеби неопходно, неделава дојде до два вчудовидувачки пресврти на Анкара на надворешнополитички план. Претседателот Ердоган го поправи односот со Израел. И, Ердоган се извини кај рускиот престедател Владимир Путин за уривањето на рускиот авион и убиството на пилотот на копно. Со тоа Ердоган направи обид да се ослободи од својата сѐ поголема надворешнополитичка изолација. Сега два фронта се поправени. Освен тоа, тој бара разговор и со египетскиот претседател Ал Сиси, за повтотрно да ја зајакне традиционалната „банда“.
Со тоа Турција прави први чекори на враќање кон својата улога на сериозен надворешнополитички фактор на немирниот Блиски Исток. Зашто, најважниот проблем на Турција се наоѓа пред нејзината врата, директно на границата. Тоа е сириската граѓанска војна. Турција прими милиони бегалци. Меѓутоа, Ердоган од првиот ден на крвопролевањето инсистираше на тоа дека крај на војната е можен само без Асад. Подобри односи со Москва може да значат и обид за земање збор во Сирија, евентуално дури и со Асад.
Вадење на земјата од теснец
Ердоган сака да се ослободи од дипломатската изолација. Неговите цели го принудуваат на тоа да ги ревитализира старите алијанси. Тоа јасно става до знаење дека Ердоган е попрагматичен отколку што многумина веруваат. Тоа може да се покаже и во односите со Берлин, кои би можеле да бидат детоксифицирани. Тоа би било за добро на двете земји, за добро на многуте Турци кои живеат во Германија и кои последните испади против Германија ги проследија со вџашеност, исто како и многумина претходно резолуцијата за Ерменија во германскиот Бундестаг.
Ердоган прави обиди да ја извади земјата од надворешнополитичкиот теснец. Но, исто толку е важно и да ги смири Турците дома. Тоа значи враќање кон политичко решавање на конфликтот со Курдите. Тоа значи враќање кон слободата на медиумите и на мислењето. Тоа значи враќање кон турската демократија. Тоа исто така значи ставање крај на обидот Турција да се претвори во автократија. Опасноста од исламистичкиот терор, за жал, ќе остане и покрај сето тоа.