1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган поддржува ново судење за генералите

Б. Георгиевски/афп6 јануари 2014

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во екот на големата политичка криза во земјата, најави пресврт во досегашната политика, отворено поддржувајќи ново судење за воените офицери кои беа осудени за заговор против државата.

Фотографија: picture-alliance/AP

Турскиот премиер, чија влада е погодена од голем корупциски скандал, е подготвен за помирување со воените генерали кои до неодамна немилосрдно ги прогонуваше. Стотици воени офицери, меѓу нив и највисоки генерали, беа осудени изминативе години во Турција под обвинение дека ковале заговор за уривање на исламистичката влада која ја предводи Ердоган.

„Нашата позиција е позитивна. Најпрво мора да се воспостават правни основи за нови судења“, рече Ердоган, дополнувајќи дека се надева оти ќе обезбеди парламентарна поддршка за процесот.

Претходно, група воени офицери поднесоа барање до надлежните судови за повторно отворање на процесите против нивните колеги кои беа судени на масовни процеси во 2012. и 2013. година.

Владејачката АКП на Ердоган веќе неколку месеци е во жесток судир со движењето на муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен, што доведе до отворање на серија корупциски и политички скандали во земјата по кои оставки си поднесоа голем број министри во владата.

Набљудувачите тврдат дека Ѓулен има големо влијание врз полицијата и правосудството во земјата. Ердоган остро го критикуваше однесувањето на полицијата, која ја сметаше за свој сојузник во долгогодишниот судир со армијата. Но, последниот пресврт во неговите ставови, според многумина, говори во прилог на тезата дека Ердоган сега ја менува страната и бара нови сојузници, овојпат меѓу поранешните непријатели.

Фетула Ѓулен и Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: picture-alliance/dpa/AP

Во 2013. година поранешниот шеф на армискиот Генералштаб генералот Илкер Басбург беше осуден на казна доживотен затвор, а високи казни добија и десетици офицери, новинари и адвокати, поради наводна вмешаност во заговорот „Ергенекон“ насочен против владата на Ердоган.

Во 2012. повеќе од 300 активни и пензионирани воени офицери добија повеќегодишни затворски казни поради наводен обид за воен удар. Сега се открива дека зад масовните процеси всушност стоеле Ѓулен и неговото движење, но тие во меѓувреме дојдоа во судир со владата по најавата дека ќе бидат затворени исламските училишта на неговата организација.

Медиумите во Турција ја толкуваат најновата најава на Ердоган како де-факто сојузништво меѓу турскиот премиер и армијата против движењето на Ѓулен.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми