1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган се потпира на цврста рака

Сенада Соколу/ Жана Ацеска17 јуни 2013

Откако турската полиција со сила го расчисти паркот Гези во Истанбул, премиерот Ердоган натамошно ја подгреа тензијата во земјата. Тој ги нарече демонстрантите „терористи“ и „отпадници“.

Фотографија: Reuters

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган само кратко време ги држеше своите критичари во надеж дека ќе ги запре бруталните акции на полицијата, кои траат повеќе од две недели. Во минатата недела тој покажа спремност за дијалог, среќавајќи се со претставници на протестното движење „Солидарност за Таксим“, навестувајќи дури и референдум со кој народот ќе реши што понатаму со паркот Гези.

Протестите првично почнаа поради најавите да се гради трговски центар во паркот, но потоа прераснаа во бунт против конзервативно-религиозната влада во Турција.

„Како во војна“

Но, безобзирната акција на полицијата во саботата вечерта (15.06) покажа колку е турската влада далеку од мирно решение на конфликтот. Полицајците беа побрутални од кога било, фрлаа бомби со солзавец дури и во хотелите и кафулињата кои на демонстрантите им служеа како засолништа, употребија водени топови. Не беа поштедени ниту постарите луѓе и децата.

„Во меѓувреме полицијата употребува и хемикалии во водата, мои пријатели мораа да одат во болница поради тоа“, раскажува 24-годишниот Алпер Бајсан за Дојче веле.

„Ова е како во војна. Тие ги бркаат луѓето низ улиците и целно гаѓаат со гранати со солзавец врз луѓето“, сведочи и шефицата на Партијата на зелените во Германија, Клаудија Рот, која се наоѓаше во паркот Гези.

Полицијата апсела демонстранти, но и лекари кои сакале да им помогнат на повредените, како и новинари кои не можеле да покажат новинарска турска легитмација.

Турската полиција употреби гранати со гас, водени топови и солзавец против демонстрантитеФотографија: Reuters

„Говор на омраза“

И покрај насилното расчистување од страна на полицијата, вчера повторно се собраа илјадници луѓе на плоштадот Таксим, кој беше обезбедуван од стотици полицајци. Истовремено премиерот Ердоган со својот најавен говор подбуцнуваше стотици илјади свои приврзеници, кои со автобуси беа транспортирани од целиот регион на големиот собир. Ердоган ги обвини меѓународните медиуми за завера против него и неговата влада:

„СиЕнЕН, Ројтерс, остануваа сами со своите лаги“, изјави Ердоган, повторно остро напаѓајќи ги демонстрантите:

„Вие не сте вистински Турци, вразумете се, оној кој работи против Турција, ќе се тресе од страв“. Тој им се закани и на хотелиерите кои ги заштитуваат демонстрантите.

Приврзениците на Ердоган со автобуси беа носени во ИстанбулФотографија: Reuters

Новинарот и публицист Ченгиз Актар гледа голема опасност во реториката на Ердоган:

„Луѓето кои го служаат само својот премиер и читаат весници блиски до владата, не разбираат за што се работи“, вели тој за Дојче веле. Ердоган постојано настапува лут и ги подгрева тензиите во земјата, истакнува новинарот:

„Ако продолжи вака, тогаш на земјата и‘ претстои уште поголема криза. Тој постојано долева масло во огнот“, критикува Актар.

Јаман Акдениз, професор по право на универзитетот Бигли, е шокиран од полициската акција во паркот Гези:

„Ова е неприфатливо во демократско општество. Во нормални услови, јас би очекувал истрага за полициската акција. Постојат толку докази за полициската бруталност на Твитер и на телевизиите“. Тој забележал и некои полицајци без идентификациски број на шлемовите:

„Тоа е противзаконски, тие луѓе мора да можат да бидат идентификувани“.

И по насилното празнење на плоштадот Таксим, демонстрантите не потклекнааФотографија: AFP/Getty Images

Новинарот Ченгиз Кандар е уверен - Ердоган не може да се справи со протестното движење со употреба на полициска сила:

„Штом полицијата ќе се повлече од Таксим, неговата окупација од страна на демонстрантите ќе продолжи“, вели новинарот за Дојче веле.

Тој е загрижен од сегашниот општествен развој во земјата: „Стравувам дека Ердоган веќе го подели општетсвото“. Авторитарната политика на премиерот го отежнува единството во земјата.

Поделбата е водена од врвот, истакнува и Алпер Бајсан, член на протестното движење:

„Меѓу демонстрантите има многумина кои гласале за партијата на Ердоган, но тие демонстрираат со нас, зашто ја согледуваат потребата од поголема демократија. Власта корумпира. Сега се работи само за неговото его“, смета тој.

Еден друг демонстрант сака да каже само едно: се срами поради својата земја.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми