Ердоган се прецени
11 јануари 2014 Реџеп Таип Ердоган сигурно поинаку го замисли билансот на својата работа во 2013. година. Наместо да се зборува за завидната стапка на економски раст, стабилната домашна валута или сѐ поголемо значење на Турција како регионална сила, прашањето кое се поставува повеќе не гласи дали туку кога тој ќе замине од власт. Лидерот на конзервативно-религиозната партија АКП располага со мнозинството во парламентот и уште од својата прва изборна победа во 2002. година, можеше да владее според своја волја, без опозиција која би морал сериозно да ја сфати. Сепак, Ердоган направи грешка, како и многумина други влијателни лидери пред него- верува дека е безгрешен. Со текот на времето сѐ помалку ги трпеше критиките на негова сметка, а новинарите, интелектуалците и политичарите, кои не го делеа неговото мислење, завршуваа во затвор. На долги затворски казни се осудени дури и водечки генерали на турската армија, обвинети дека подготвувале државен удар против него.
Со сила против демонстрантите
Наместо да се развие во голем политички лидер, на крилjата на успехот во Турција и во странство, Ердоган во летото 2013. започна со демонтирање на самиот себеси. Пресметката со демократските сили и со граѓанските организации, до која дојде на истанбулскиот плоштад Таксим, а сѐ поради еден градежен проект, покажаа дека тој веќе одамна ги загубил нервите.
Нервите конечно го издадоа во текот на откривањето на корупцискиот скандал, сѐ уште незапаметен во 90-годишната историја на модерна Турција. Кога обвинувањата за перење пари, шверцување злато, илегални банкарски трансакции со Иран и плаќање мито за добивање градежни дозволи го достигнаа и врвот на власта, Ердоган се обиде да пресече. Сепак, смената на 10 од вкупно 26 министри во владата не успеа да го запре развојот на случувањата. Турската лира падна на рекордно ниско ниво во однос на еврото и доларот. Сега и Врховниот суд му ги замрси конците и го прогласи за правно неважечки декретот со кој тој се обиде да им ги врзе рацете на полицијата и на правосудството, така што ги обврза дека мораат на претпоставените да им ги јавуваат сите детали за истрагите кои ги водат.
Нема силна опозиција
Ако Ердоган стане политичка жртва преценувајќи се себеси и ако замине од власт, алтернативите кои се нудат не значат ништо добро за оваа држава од НАТО сојузот. Бидејќи не постои веродостојна и силна опозиција. Најсилен противник на премиерот е имамот Фетула Ѓулен кој му се одмаздува на Ердоган поради намерата под сопствена контрола да ги стави училиштата и заедниците на движењето на Ѓулен. Овие училишта се „ковачници на кадри“ на ова движење, а самиот Ѓулен веќе 13 години живее во САД и не се осмелува да се врати во Турција.
Ѓулен е религиски лидер. Неговите цели се нејасни, исто како што на почетокот беа нејасни целите и на самиот Ердоган. Дали тој се залага за воспоставување на „божја држава“ во која Коранот би бил Устав? Сака ли да даде доказ оти религијата и демократијата можат меѓусебно да се надополнуваат и така од Турција да направи модел за останатите исламски држави и заедници?
Оној кој ќе падне во жива кал, никако не би смеел да се обиде самиот да се извлече од неа. Претањето со рацете и нозете само води до натамошно пропаѓање, а акцијата за спасување ја прави потешка. Ердоган прета веќе со месеци. Акцијата за негово спасување, која би му озовможила да остане на власт, така станува сѐ потешка.