1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еруптираше исландскиот вулкан Бардарбунга

БГ/афп/миа29 август 2014

Метеоролошката служба на Исланд прогласи тревога за цивилниот воздушен сообраќај за авионските летови во реонот близу до вулканот Бардарбунга, по ерупцијата што се случи ноќеска.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Научниците соопштија дека ерупцијата предизвикала излевање на лава, која сега се движи по падините на вулканот кон глечерот Ватнајокул. Веднаш по ерупцијата, исландската контрола на летањето го затвори воздушниот простор над реонот зафатен од ерупцијата, во височина од 1500 метри. Инцидентот се означува како закана за безбедноста во авионскиот сообраќај, посебно ако од кратерот на вулканот почне да излегува вулкански пепел. Засега тоа не е забележано, но авионите на исландската крајбрежна стража од утринава почнаа да го пребаруваат целиот остров настојувајќи да утврдат дали од вулканот избива само лава.

Исланд се наоѓа во северниот Атлантик на важен воздушен коридор за летовите од и кон Америка. Во 2010 година, ерупцијата на вулканот Ејафјалаокул, предизвика исфрлање на големи количества вулкански пепел во атмосферата, предизвикувајќи затворање на коридорите за летање во западните и северните делови од Европа, што го поремети европскиот воздушен сообраќај.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми