1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ерусалим, главен град на Израел?

Керстен Книп
6 декември 2017

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја премести амбасадата на САД во Ерусалим, со што ќе го признае Ерусалим како главен град на Израел. Потегот со сигурност ќе го загрози кревкиот мир меѓу Израел и Палестинците.

Israel verschärfte Sicherheitsvorkehrungen am Tempelberg in Jerusalem
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Coex

Арапската лига, како и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се повеќе од јасни: преместувањето на американската амбасада во Ерусалим и со тоа и фактички признавање на Ерусалим за главен град на Израел, би предизвикало нова експлозија на насилство на Блискиот Исток. „Ништо не го оправдува овој потег“, оценува генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Геит и додава дека е жално што некои не ја согледуваат опасноста на ваков чекор. „Тоа за муслиманите би претставувало пречекорување на црвената линија“, се надоврза турскиот претседател Ердоган. Палестински Хамас најави нова верзија на Интифада.

Трамп со овој потег, смета Александер Бракел, директор на ерусалимското претставништво на конзервативната германска фондација „Конрад Аденауер“, ќе ги прекрши меѓународните спогодби.  „САД со ваква одлука би се простиле од консензусот кој владее во меѓународната заедница“, смета Бракел. Мнозинството земји се придржува кон оваа конвенција која налага, сѐ додека не се реши израелско-палестинското прашање, амбасадите да бидат држани во Тел Авив и околината, а не во Ерусалим, кој де факто е главен град со парламентот и седиштето на владата. Едностраната одлука на Трамп би го иззела прашањето за Ерусалим од сите идни разговори за решавање на блискоисточната криза.

Израелски војник пред Ридот на храмовитеФотографија: picture-alliance/dpa/M. Illean

Град и на небо и на земја

Ерусалим е град околу кој се водат бројни битки: политички, културни, верски. „Ерусалим е татковина на единствениот Господ, главен град на два народа, светилиште на три религии и единствен град кој постои како на земјата, така и на небото“, напиша своевремено историчарот и публицист Симон Себаг Монтефиоре. Поради тоа околу градот со толкава симболика и се водат толку жестоки битки. По Првата арапско-израелска војна 1947/1948, западниот брег на Јордан и источен Ерусалим му припаднаа на Јордан. Во Шестдневната војна во 1967. година Израел го окупираше источниот дел од Ерусалим, речиси целосно населен од Арапи, а неколку години подоцна, во 1980. година, го спои со остатокот од градот кој го прогласи за своја метропола. Оттогаш борбата за контрола над Ерусалим и неговите светилишта дополнително се заостри.

Може да се очекува нова палестинска Интифада Фотографија: APImages

Една прошетка и последиците

Тензичноста на ситуацијата најдобро се отсликува по еден политички настан од 2000. година, кога тогашниот израелски премиер Ариел Шарон, по пропаднатите мировни преговори во Кемп Дејвид, се прошета на Ридот на храмовите, со што ја предизвика втората Интифада (палестинско востание). Таа траеше четири години и резултираше многу жртви на обете страни. Поради тоа прашањето на Ерусалим и неговиот статус во суштина е прашање на идната форма на поделбата на израелската и палестинска територија. „Секоја промена на ерусалимското прашање е јасно одредување во поглед на идната форма на државите. Тука се преплетуваат политички и верски прашања“, вели Александар Бракел. 

Со својата одлука, Трамп ризикува загрозување на макотрпно изборениот и ранлив мир помеѓу Израелците и Палестинците. Реакцијата на Палестинците на одлуката за преместување на американската амбасада во Ерусалим може да се насети ако се фрли поглед на настаните во јули годинава, кога Израел по убиството на двајца полицајци, го ограничи пристапот кон Ридот на храмовите, место каде се наоѓа важно муслиманско светилиште - Омаровата џамија. Следеа жестоки протести и нереди меѓу ерусалимските Арапи. Притоа, населбите кои се наоѓаат источно од ѕидините на стариот ерусалимски град и онака не му значат ништо на мнозинството Израелци. Тоа се населби во кои Израелците не влегуваат речиси воопшто . „Најтешко ќе биде дефинирањето на идниот статус на Ридот на храмовите и Ѕидот на плачот“, заклучува Бракел.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми