Ер Берлин, крај на еден лет во височина
13 октомври 2017Кој поседува акции на Луфтханза веќе има добар ден. Само што се појави информацијата дека се потпишува договорот за преземање на делови од Ер Берлин, вредноста на акциите порасна на највисоко ниво во последниве 17 години. Сметката е следнава: повеќе пазарна моќ за Луфтханза, помалку конкуренција на внатрешните летови: тоа повлекува повисоки цени. Сепак, има и простор за сомнеж.
Лош ден е за повеќето од 8-те илјади вработени на Ер Берлин. Луфтханза презема покрај 81 авион и 3000 вработени, но останатите 5000 се пред неизвесна иднина. Се уште не е јасно за што и дали уште е заинтересиран вториот конкурент Изиџет. Едно е јасно: вработените од базата мораат повторно да ги плаќаат цеховите на менаџерите.
Визијата на Хунолд
Ер Берлин пред сѐ беше пропаднатиот сон за една полетна приказна. Во 1978-ма ја основаше американски пилот за да лета до Западен Берлин, што во тоа време им беше дозволено само на победничките сили од Втората светска војна. По падот на Берлинскиот ѕид, се ослободува патот и авиопревозникот станува познат како „Мајорка шатл". Амбициите на новиот шеф Јоахим Хунолд се огромни. Претходно избркан од позицијата маркетинг директор во ЛТУ, тој во Ер Берлин почнува да припојува повеќе авиокомпании и мрежата расте и расте. Целта на Хунолд: Луфтханза („со која летаат старците") да се бутне од престолот. Најголем триумф му е преземањето на ЛТУ: кога некој кој добил отказ успеал да ја купи фирмата што го избркала од работа? Но, неговиот најголем триумф воедно е и почетокот на крајот.
Ер Берлин е конгломерат кој секаде се меша по малку, ама никаде како што треба. Резултатот е: од 2008-ма авиокомпанијата само еднаш може да забележи мал плус од околу 7 милиони евра. Само во 2016-та минусот изнесува 782 милиони евра. Под притисок на акционерите, Хунолд пред шест години се повлече и од тогаш пет различни менаџери се обидоа да ја извадат компанијата од калта. Безуспешно. Кога последно големиот акционер Етихад, кој и самиот е во финансиски потешкотии, го прекина дотурот на средства, беше јасно дека приказната е завршена. На 15.08. Ер Берлин поднесе барање за стечај.
Дали е квази монопол на повидок?
Истовремено се објавува дека владата гарантира за кредит од 150 милиони евра за привремено справување со кризата. Тоа отвара многу прашања, уште кога Луфтханза веднаш се појавува како спасител, а министерот за транспорт зборува за „национален шампион" кој итно ѝ е потребен на Германија. Дали веќе имало тајни преговори за да се исклучи непосакуваната конкуренција како Рајанџет или Изиџет?
Па со оглед на тоа дека токму на внатрешно- германските линии ќе има квази монопол, се раѓа страв и од повисоки цени. Но, тоа не би смеело да се случи. Чуварите на лојалната конкуренција во Брисел многу внимателно ќе го следат процесот од една страна, дотолку повеќе ако заинтересираната компанија Изиџет сега се повлече од преговорите. Тогаш е извесно дека Луфтханза која повеќето дестинации ги опслужува со ќерката фирма за евтини летови Еуровингс, ќе мора и да предаде дел од правата за полетување и слетување. Тогаш би можеле сепак да дојдат 5-те минути на Рајанер и сличните на неа. Но, човек треба и искрено да се запраша дали навистина го сакаме Рајанер: летови за 19 евра се можни само ако правата на работниците се на минимум и пилотите се лошо платени. Резултатот од тоа на шефот на Рајанер Мајкл Олири му е пред нос: илјадници откажани летови, дупки во агендата - изгледа Ирецот прв пат чувствува отпор и во сопствените редови.
Користете возови!
И на крајот на краиштата постои и друга конкуренција: Германската железница. Кој во иднина сака брзо да стигне од Берлин во Минхен од декември ќе има и корисна алтернатива на шини, зашто од едниот до другиот град така се стигнува за околу 4 часа.
За Луфтханза и шефот Карстен Шпор договорот со Ер Берлин е само попатна станица на долго патување. Иако компанијата со галебот припаѓа меѓу најголемите играчи во браншата, сепак на светско ниво има удел од само три проценти. Затоа и не е чудо што Шпор веќе ги пушта своите пипци до следниот кандидат за преземање: инсолвентната Алиталија. Оти тоа што реално е потребно не е национален, туку европски шампион. Чистењето на пазарот продолжува.