Ескалација на антивладините протести во Албанија
22 јануари 2011Политичката криза во Албанија драматично се заостри. На вчерашните (21.01.2011) протести против владата на премиерот Сали Бериша најмалку три лица го загубија животот, а десетици се повредени. Околу 20.000 приврзаници на опозицијата пред седиштето на владата во Тирана со часови бараа оставка на кабинетот на Бериша на кого му префрлуваат корупција и изборни манипулации. Демонстрантите фрлаа со камења врз полицијата и запалија повеќе автомобили. Полицијата реагираше со водени топови, гумени куршуми и солзавец. Повредени се најмалку 30 цивили и речиси 100 полицајци, некои од нив тешко.
Владата ја обвинува опозицијата
Премиерот Сали Бериша изрази жалење за смртта на цивилите. Меѓутоа целата одговорност за трагедијата ја префрли врз организаторите на протестите, врз опозцијата предводена од претседателот на социјалистичката партија на Албанија Еди Рама. Бериша нагласи дека одлучно ќе ги штити законот и редот и ги обвини опозиционерите за туниско сценарио во Албанија. „Копилињата на албанскиот Бен Али, инсценираа за вас граѓаните на Албанија уривање на владата по примерот на Тунис. Со часови се обидуваа да го запоседнат седиштето на владата, да го запалат и во Албанија да ја етаблираат моќта на насилството. Во овој судир три граѓани го загубија животот, повеќе десетици полицајци и демонстранти се повредени. Целата одговорност за сето ова паѓа врз организаторите на обидот за пуч според туниско сценарио,“ рече Бериша, според кого типот на огненото оружје, со кое биле убиени демонстрантите не е на полицијата. Тој се заложи државното обвинителстово да поведе истрага.
Опозицијата ја обвинува владата
И водачот на социјалистичката опозиција Еди Рама побара од правосудните органи да ги расветлат „државните злосторства“. Според Рама државата ги пречекорила границите на законот, со тоа што ја ангажирила полицијата против мирните демонстранти. Тој го опомена Бериша сериозно да ја сфати пораката на демонстраните. Рама апелираше до неговите приврзаници да го зачуваат мирот и најви дека нема да се повлече се’ додека не биде најдено решение. „Цела Албанија го гледа варварскиот однос на полициските сили, кои и покрај нашите напори да ја смириме ситуацијата, делуваше против невини луѓе. Екстремната злоупотреба на полициска сила е недозволлива. Начинот како беа испровоцирани мировните демонстрации и како беа тепани демонстранти кои само држеле плакати со пароли во рацете ја оправдува нашата борба.“
Меѓународната заедница бара воздржаност
Албанскиот претседател Бамир Топи се обрати до политичките табори и побара неодложен дијалог. Албанија мора да ги излечи своите рани, не и‘ се потребни нови. Амбасадите на ЕУ, САД и ОБСЕ во заедничкото соопштение се заложија за „мир и воздржаност“, како и респект пред демократските институции на земјата.
Антивладините протести на опозицијата се кулминација на тензиите меѓу владата и опозицијата, која по парламентарните избори во 2009 година перманентно го бојкотира парламентот и блокирше важни закони. Неодамнешната оставка на министерот за економија и заменик-претседател на владата, Илиер Мета, обвинет за корупција, им даде нов поттик на планираните протести на опозицијата.
Автор: Аурон Доди/ Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска