1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Естонија бара постојано присуство на НАТО

М. Книге/И. Стојкова3 септември 2014

Во пресрет на НАТО самитот шефот на естонската дипломатија Урмас Пает за ДВ објаснува што очекува неговата земја од САД и од собирот на Алијансата

Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Со ескалацијата на кризата во Украина, посетата на американскиот претседател Обама во Естонија е знак за американската поддршка, особено за источните членки на НАТО. Но, што конкретно Естонија очекува од Обама покрај симболичната порака за поддршка?

Пает: Прво, посетата во Естонија само еден ден пред самитот во НАТО праќа јасна порака. Второ, од политички аспект е исто така важно исходот од посетата на Обама, но и од НАТО самитот да биде јасно залагање за нивото на безбедност да биде еднакво за сите членки на НАТО, без притоа географијата или историјата да играат улога. И трето, се разбира, потребни се конкретни мерки. Би сакале со одлуката да остане сѐ како што е, но би сакале да видиме и дополнителни мерки.

ДВ: Шефот на комисијата на германскиот парламент за надворешни работи предупреди од преостар одговор кон Москва поради однесувањето во Украина. Од една страна тој поддржува распоредување на сили за брза интервенција, но отфрла дополнителни мерки, велејќи дека Русија не е закана за земјите-членки на НАТО. Кое е вашето мислење за ова?

Пает: Јасно е дека никој не претпоставуваше дека во 21 век во Европа ќе дојде до ситуација во која една земја ќе изврши инвазија врз друга и со сила ќе ги менува границите. Но, тоа се случи и не треба да заборавиме дека Крим беше анектиран и окупиран. Сите овие случувања драматично ја менуваат безбедносната ситуација во Европа. Со инвазијата врз Украина, Русија покажа дека не го почитува договорот со НАТО од 1997 година. Сите овие настани во Украина имаат директни импликации и влијание врз многу меѓународни легални инструменти и документи.

ДВ: ЕУ најави дека ќе воведе дополнителни поостри санкции кон Русија. Се предлага и исклучување на Москва од СВИФТ, меѓународниот систем на трансфер на финансиски податоци. Дали вие го поддржувате овој потег, кој сигурно ќе ја осакати руската економија?

Пает: Ние го поддржуваме крајот на украинскиот конфликт. За жал гледаме дека политиката и дипломатијата до сега не дадоа никакви резултати. Па дури и санкциите немаа големо влијание, така што јас не гледам друг излез освен преземањето дополнителни мерки и санкции кои ќе го запрат дејствувањето на Русија во Украина. Иако не сум сигурен дека дури и тоа би имало веднаш влијание врз ситуацијата, но друга опција нема.

ДВ: Мислите ли дека на Западот му преостана уште некоја опција со која би можело да се влијае на Русија?

Пает: Единствениот начин е да се влијае преку економијата. Во тој поглед, најсилното влијание би можело да биде во секторите кои имаат најголем придонес во рускиот буџет, како што е енергетскиот сектор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми