Етапна победа на теророт
29 мај 2011Авганистански претставник соопшти дека при воздушен удар на НАТО убиени се 14 лица, сите се жени и деца, а при нападот во провинција Хелманд биле повредени и шест лица.
Нападот е изведен доцна синоќа во областа Навзад, соопшти портпаролот на провинциската управа Давуд Ахмад. Според него, цел на ударот биле бунтовници талибанци, но наместо тоа, НАТО авионите бомбардирале две куќи на мирни жители, при тоа убивајќи две жени, пет девојчиња и седум момчиња.
Според портпаролот, воздушниот удар следел по бунтовничкиот напад врз база на американски маринци во Навзад.
Портпаролот на НАТО, мајор Тим Џејмс соопшти дека сојузнички и авганистански единици го истражуваат случајот и објаснувања ќе дадат подоцна.
Напад врз високи офицери и политичари
Командантот на силите на НАТО во северен Авганистан, германскиот генерал Маркус Кнајп, кој пак го преживеа вчерашниот самоубиствен напад на канцеларијата на гувернерот на провинцијата Тахар, се чувствува добро и ќе продолжи да ги извршува своите обврски по заздравувањето.
Нападот, за кој одговорноста ја презедоа талибанците, беше извршен во градот Талокан во северен Авганистан и во него загинаа најмалку седум лица, меѓу кои двајца германски војници, како и началникот на полицијата во северен Авганистан Мохамед Дауд Дауд.
Двајцата загинати германски војници имаат високи чинови, едниот бил мајор, а другиот главен наредник во воената полиција, потекнуваат едниот од Рајнланд Пфалц, другиот од Долна Саксонија.
Нападот бил извршен за време на советување на Германците и Авганистанците околу безбедносната ситуација, а барем еден од напаѓачите носел полициска униформа.
Германија не се откажува од мисијата во Авганистан
Германскиот министер за одбрана Томас де Мезие во реакцијата по инцидентот потенцира дека соработката на Бундесверот со авганистанските безбедносни сили нема алтернатива: „Атентаторите и нивните наредбодавачи се криминалци-убијци и саботери на мировниот и процесот на развој. Не смее да се дозволи да го имаат последниот збор. Ние нема да го напуштиме патот на партнерство се‘ додека Авганистанците не бидат во состојба самите да ја преземат одговорноста за безбедноста во свои раце“.
Автор: ЖА/ АТ/ дпа/ миа
Редактор: Александра Трајковска