Етапно повлекување од Босна на германските војници
31 октомври 2006„Швебише цајтунг„ што излегува во Лојткирх ова го оценува како исправен чекор:
„Министерот Јунг сега консеквентно најави натамошна редукција на германските трупи. Конечно, можно е војниците да му бидат потребни на друго место. Во меѓувреме, безбедноста во Босна и Херцеговина се гарантира врз основа на сосема нов концепт на ангажман. Мали војнички единици отворија бироа за врски во градовите и селата. Нивна задача е да се воспостави доверба, но и систем за навремено предупредување. Значи, во критични ситуации е можно веднаш да се побара засилување„.
„Ноје Оснабрикер цајтунг„ ова вака го гледа:
„Проблемите што ја оптоваруваат земјата не можат да се решат со воени средства. Војниците не се тие што можат да изнудат идентификација на Босанците со нивната држава. Тие не можат да помогнат против сиромаштијата и пренатрупаноста на управниот апарат. Меѓутоа, кусогледо би било ако министерот бара повлекување од Босна само полесно да ја совлада недоволната финансираност на армијата. Но, ако му е до тоа германските воени мисии конечно да ги поврзе со нивната смила и да ги коригира, тогаш е на вистинскиот пат„.
„Ландесцајтунг„ од Линеберг предупредува пред избрзани решенија:
„Скандалот со сквернавењето во Авганистан и понижувањето од страна на Израел пред бреговите на Либан не се никаква причина, да се смалат силите во Босна и Херцеговина и на Косово. Тие мисии се уште не се исполнети. Ренесансата на Бундесверот како инструмент на германската надворешна политика боледува од недостиг на далекувидост„.
„Кобургер тагеблат„ се согласува и потсетува на минатите времиња:
„Ханс Дитрих Геншер со неговата патувачка дипломатија направи најмалку толку за мирот, колку неговите наследници Фишер и Штајнмајер заедно со нивната политика на трупи за заштита, која ретко имаше успех, ниту пак, за жал, беше добро водена„.