1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„ЕУЛЕКС и натаму ќе го поддржува Косово“

Бахри Цани/Жана Ацеска14 јуни 2014

Правосудната и полициската мисија на ЕУ во Косово, ЕУЛЕКС, од 14 јуни има нов мандат. Шефот на мисијата, Бернд Борхарт во интервју за Дојче веле објаснува што ќе значи тоа за најмладата држава во Европа.

Фотографија: DW/B. Cani

Дојче веле: Што ќе се смени со новиот мандат на ЕУЛЕКС по 14 јуни?

Бернд Борхарт: Нашиот егзекутивен мандат се менува во однос на тежиштето: ние ќе ги завршиме до крај тековните случаи што ги имаат започнато нашите обвинители, но самите нема да отвораме нови случаи. Се разбира, може да се случи Косоварите да не‘ замолат да преземеме некој случај, ние исто така можеме да им се обратиме со укажување дека радо би обработиле некој случај. Но, квалитативната разлика е тоа што одлуката се наоѓа во рацете на косовските институции. Второ, во иднина сите важни институции од областа на правосудството ќе ги водат Косовари, а не соработници на ЕУЛЕКС, на пример Обвинителството за тежок криминал и Службата за форензичка медицина. Трета важна промена е што во косовските судови досега во мнозинство беа судии од ЕУЛЕКС. Сега тоа се менува.

ДВ: Кој ќе го води планираниот Специјален трибунал во Косово, кој треба да ги расветлува воените злосторства од времето на косовската војна и во што се состои притоа улогата на ЕУЛЕКС?

Бернд Борхарт: Организаторски, Трибуналот ќе го опслужуваме ние, но сите судии ќе работат сосема независно, исто како и Специјалното обвинителство кое за судот ги истражува обвинувањата од т.н. Извештај на Марти. Дик Марти од Советот на Европа поднесе извештај за нападите и свирепостите од времето на косовската војна. (Меѓу другото, Марти во извештајот од 2010. година обвинува дека некои команданти од УЧК, Косовската ослободителна армија, биле вклучени во трговија со органи од српски затвореници, н.з.)

Специјалниот суд треба да работи врз основа на косовскиот закон, доколку тој е применлив. Но, не може да се осуди некого врз база на закони донесени по извршувањето на делата. Овој суд, покрај во Косово, ќе има седиште и надвор од земјата, посебно заради поедноставување на изјавите на сведоците.

ДВ: Дали имате проблеми со заштитата на сведоците?

Бернд Борхарт: Заштитата на сведоците е крупна тема. Класичната заштита на сведоци во големите држави се состои во тоа сведоците по потреба да добијат нов идентитет и да се преселат во друг дел од земјата. Во мала земја како Косово, според наше искуство, има малку луѓе кои се подготвени на тоа. Тоа значи, треба да се најде поинаква заштита на сведоците, а кога се работи за вистински брутални закани, тоа е тешко. Исто така, мала е и подготвеноста на луѓето да заминат во странство, каде треба да живеат нов живот, сосема одделени од семејството.

ДВ: Имате ли план како да се реши овој проблем во случај на сведоци кои се сослушувани во врска со извештајот на Дик Марти?

Бернд Борхарт: Поголемиот дел од сведоците од оваа област не се од Косово, туку од други држави.

ДВ: Кога се очекуваат првите обвинувања од Специјалниот трибунал за воени злосторства? Има ли некои сознанија?

Бернд Борхарт: За да се подигне обвинение, треба прво да постои суд. За таа цел во Косово се нужни правни чекори, потребен е и договор со земјата која делумно ќе го прифати овој суд. Затоа, тешко е да се каже кога тој ќе биде подготвен да профункционира.

ДВ: Дали, според Вас, институциите во Косово се веќе подготвени да се справат со големите проблеми во земјата, на пример, огромната корупција?

Бернд Борхарт: Ако членките на ЕУ оценеа дека Косово самото може да ги реши сите задачи, тогаш немаше да ја има веќе мисијата ЕУЛЕКС. Но, членките на ЕУ се цврсто убедени во неопходноста од нудењето поддршка на Косово преку мисијата.

Германскиот дипломат Бернд Борхарт од февруари 2013 година ја води мисијата на ЕУ во Косово, ЕУЛЕКС со над 2000 меѓународни и косовски соработници. Мисијата, по независноста на Косово од 2008 година ги надгледува, поддржува и советува правните институции, како судството, полицијата и царината.


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми