1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУЛЕКС нема да толерира никаков облик на насилство

30 јули 2011

Шефот на ЕУЛЕКС, Ксавије Бу де Марнак денеска изјави дека ЕУЛЕКС го поддржува воспоставувањето на царинска контрола на целата територија на Косово. Ситуацијата во северно Косово е мирна но напрегната, соопшти КФОР.

Шефот на ЕУЛЕКС, Ксавије Бу де МарнакФотографија: European Union 2010

Де Марнак на пресконференција во Приштина со косовскиот премиер Хашим Тачи истакна дека го почитува уставот и законите на Косово кои предвидуваат царински контроли на целата територија. Според него нападите врз КФОР и ЕУЛЕКС се неприфатливи и нема да биде толериран никаков облик на насилство.

Шефот на Еулекс истакна дека нема да биде толерирано никакво ограничување на слободата на движење на Косово. Тој изрази вознемиреност поради ситуацијата на граничните премини Јариње и Брњак и ги повика граѓаните на Косово да го сочуваат редот и мирот:

„Сметаме дека разговорите се единствен пат за решение. Двете страни со дијалог можат да ги решат отворените прашања“, рече Де Марнак.

Тој уште наведе дека денеска разговарал со командантот на КФОР Ергард Билер со кој договорил КФОР и ЕУЛЕКС да работат заедно за обезбедувањето на слободата на движење и оти отпорот против тоа е нелегален и нема да биде толериран.

Билер: Наредниот пат КФОР ќе употреби сила

Командантот на КФОР , германскиот генерал Ерхард Билер (десно) во преговори со српска делегација кај селото РудареФотографија: picture alliance/dpa

Претходно трупите на КФОР се повлекоа од блокадата на патот во близина на селото Рударе, во северниот дел на Косово, крената од Србите
Косовски Срби вчера кренаа барикади на двата главни пата во северно Косово, што водат кон Србија, откако завчера силите на НАТО во Косово (КФОР) ја презедоа контролата над двата гранични премини на границата со Србија, пренесоа агенциите.
Блокадите на патиштата го прекинаа движењето во двата правци. Командантот на КФОР Ерхард Билер синоќа во Митровица изјави дека последен пат одлучил да ги повлече припадниците на КФОР и да не употреби сила, за што има овластување. Билер за Радиотелевизија Косово рече дека доколку блокадата на патот продолжи, ќе биде принуден да ги искористи тие овластувања.

Седница за Косово на парламентот во Белград

Силите на КФОР на Косово повторно пред искушенијаФотографија: dapd

Српскиот парламент попладне, по барање на Владата, ќе одржи специјална седница за ситуацијата на Косово. На сајтот на српскиот Парламент се наоѓа Предлог декларацијата, во која се вели дека српската влада треба да преземе мерки за доследно признавање на Резолуцијата 1244 од Обединетите Нации и да воспостави рамка за делување на државните органи и другите учесници во одбраната на суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Србија. Во текстот се наведува дека Меѓународните сили на Косово го кршат статусот
на неутралната рамка од Резолуцијата 1244, со кои се загрозува опстанокот на
српската популација и интересите на Србите во покраината.

Министерот за Косово и Метохија, Горан Богдановиќ и шефот на преговарачкиот тим на Белград во дијалогот со Приштина, синоќа околу полноќ го преминаа административниот премин Јариње и влегоа во централна Србија.

Косовскиот премиер Хашим Тачи денеска изјави дека нема преговори за
безбедноста и територијалниот интегритет на земјата и оцени дека
претставниците на Владата на Србија илегално се наоѓаат на Косово.

Автор: СН/ АТ/ бета/ макфакс/ миа

Редактор: Александра Трајковска



Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми