1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

ЕУРО 2020: Што треба да се знае за турнирот

Јенс Крепела
11 јуни 2021

Паневропска фудбалска смотра среде пандемија? Многу нешта на ова Европско првенство се збунувачки. Преглед на најважните прашања - почнувајќи од тоа дали во УЕФА знаат да бројат.

Fußball UEFA Euro 2020 Logo Vorstellung
Фотографија: Reuters/M. Rehle

Нели би требало да се вика ЕУРО 2021?

По сета логика на нештата, да. Но, УЕФА останува на ознаката ЕУРО 2020. Причина се комплицирани маркетиншки права, но има и еден практичен аспект. Имено, сите билети, декорации за стадионите и секој најмал маркетиншки производ кои веќе биле отпечатени за минатата година, би требало во тој случај да се фрлат и да се произведат одново. А, тоа би било неодржливо, еколошки погледнато.

Каде ќе се играат натпреварите?

11 од претходно утврдените 12 градови останаа  на листата на домаќини на првенството откако УЕФА пролетоска направи притисок. Имено, организацијата инсистираше на неотповиклива согласност дека - и покрај пандемијата - ќе се дозволи публика на стадионите. Таквото барање наиде на многу критики. Властите во три града, меѓу кои и Минхен, не сакаа да се обврзат. Минхен сепак остана локација за ЕУРО 2020, а Даблин и Билбао отпаднаа. Натпреварите планирани за главниот град на Ирска ќе се одиграат во други градови, а натпреварите од Билбао ќе се одржат во Севиља. Ќе се игра и во Рим, Баку, Санкт Петерсбург, Будимпешта, Букурешт, Амстердам, Глазгов и Копенхаген. Двете полуфиналиња, како и големото финале кон кое се стремат сите тимови, ќе се одиграат на стадионот Вембли во Лондон.

Кој смее да биде во публиката?

Секако не секој што има билет. УЕФА веќе сторнираше влезници и ги информираше фановите. Полн стадион изгледа дека ќе има само во Будимпешта. Властите дозволија влез на 68 илјади гледачи на стадионот Ференц Пушкаш. Како и во Лигата на шампиони претходно, така и сега унгарските власти се покажаа исклучително либерални. На сите други локации се разликуваат ограничувањата и може и да се променат во зависност од ситуацијата со короната. Минхен на пример има разработено три различни сценарија: со помалку од седум илјади фанови, со 14.500 или со 27 илјади гледачи. Глазгов за Хемпден Парк дозволува половина од капацитетите, значи околу 13 илјади гледачи. Слично е во Лондон. За трите  натпревари од група на англиската репрезентација се дозволени 22.500 гледачи, благодарение на посебна дозвола како исклучок од инаку строгите правила. Сѐ уште е неразјаснето колку луѓе ќе може да бидат на трибините на полуфиналињата и на финалето кон средината на јули. Англиската фудбалска федерација и УЕФА се надеваат оти ќе има релаксирање во ситуацијата со коронавирусот и во согласност со тоа и многу повеќе гледачи за финалето на ЕУРО. Картите за сите игри УЕФА ги продава по систем на случајно извлекување.

Повеќе:Еуро2020: И коронавирусот се радува на фудбалскиот саем

Во каков модус ќе се одвива ЕУРО?

Учествуваат 24 тимови. За прелиминарните натпревари тимовите се поделени во шест групи од по четири екипи. По одиграните меѓусебни натпревари, првите два тима од група се квалификуваат за осмина финале, во кое ќе влезат и четирите најдобри меѓу трето рангираните од групите. Потоа започнуваат елиминациските натпревари. Нема да има борба за трето место. Покрај очекуваните екипи, пласман за ЕУРО 2020 за прв пат обезбеди и аутсајдерот Северна Македонија - на огромно изненадување на сите. За прв пат на вака голем турнир учествуваат и Финците со двајца играчи познати од Бундеслигата: Лукас Храдецки од Бајер Леверкузен и Џоел Похјанпало од Унион Берлин.

Кој стои зад успехот на македонската фудбалска репрезентација

05:59

This browser does not support the video element.

Кој ќе победи?

Тоа и под нормални околности е тешко да се претскаже, по сезона тотално во сенка на пандемијата е уште потешко да се процени во каква кондиција се тимовите. Еден пример се Шпанците кои заради повреди нема да имаат ниту еден единствен играч од Реал Мадрид. Тоа никогаш до сега не се случило. За фаворити се сметаат Французите, Белгијците и секако Англичаните, особено што решавачките натпревари се играат на нивни терен. Ако Германија се наметне во групната фаза на силни противници како Франција и Португалија, тогаш достижен е и пехарот во идеален случај на последниот турнир за селекторот Лев. Најголем победник на турнирот според надежите на фановите, треба да биде фудбалот како колективно доживување. По месеци изолација и пандемија да може повторно да се прегрнуваме е со на многумина - дали од тага, или од радост притоа е речиси споредна работа!

Тимот кој дише во еден здив

01:05

This browser does not support the video element.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми