Не очекува налудничаво експериментално Европско првенство- логистички хорор, премногу екипи и премалку возбудувања, барем во групната фаза. Коментира Андреас Штен-Цимонс, уредник во спортската редакција на ДВ.
Реклама
За навивачите на Велс и Швајцарија Европското првенство можеше да биде и помалку стресно. Најпрво, двата навивачки табори треба да се сретнат во Баку, Азербејџан каде што нивните тимови играат едни против други. Но, за разлика од Велшаните кои и вториот меч го играат во Баку, Швајцарците мораат во Рим, а потоа уште 3.000 километри назад до Азербејџан. Во воздух можат да им отпоздрават на Велшаните кои летаат до Рим за третиот меч.
Оној кој ќе заврши трет во групата, игра осмина-финале повторно во Баку- а можеби и на друго место- а второпласираниот секако игра во Амстердам, но ако мине во четвртфинале оттаму ќе мора повторно во Баку. Многу логично. Оние што ќе стигнат до полуфиналето, остануваат во Лондон.
Распоредот на натпревари не е многу одржлив, а толку летање не е ни климатски неутрално- и сето тоа во време на пандемија кога министрите за здравство низ Европа повикуваат годишниот одмор да се организира дома. На радост на вирусот, од прекумерно патување за време на првенството не се погодени само Велшаните и Швајцарците. На пример, Македонците и Австријците во Групата Ц патуваат меѓу Амстердам и Букурешт, Полјаците и Словаците во Групата Е меѓу Севилја и Санкт Петербург. Сите останати, со исклучок на шесте „шефови на групи“ Италија, Данска, Холандија, Шпанија, Англија и Германија, исто така мора да патуваат барем еднаш во прелиминарната рунда.
Кој навивач може сето тоа да го проследи во живо? Кој воопшто може тоа да си го дозволи? И дали пандемиските правила теоретски дозволуваат да се испочитуваат сите тестирања или карантини?
Досега европските турнири се играа во една или најмногу две земји и далечините не беа толкави. Местата каде што се играше беа собиралишта на бројни навивачи. Сега тие само ќе навраќаат.
Но, како што може да видиме, интересите на навивачите воопшто не се во прв план. Многумина мораа да ги вратат влезниците поради ограничените капацитети на стадионите, додека УЕФА и натаму нуди некои ексклузивни и скапи билети и им дели карти на спонзорите. Вистинскиот навивач нека седне во фотелја, оттаму рекламите и онака подобро се гледаат.
Инаку, одговорноста што ЕУРО се игра во толку земји ја сноси бившиот шеф на УЕФА, Мишел Платини. Официјалната причина за експерименталниот формат е 60. роденден на европските првенства. За волја на вистината, УЕФА имаше потешкотии да најде и земја домаќин. Никој не се осмелуваше да ја преземе организацијата откако Платини го „надува“ бројот на учесници од 16 на 24 за да им направи услуга на помалите сојузи и да ги добие нивните гласови во новата трка за претседател.
Не сакам да го расипувам уживањето- одлично е што ќе учествуваат Северна Македонија, Финска и Северна Ирска, кои тешко би влегле меѓу 16 учесници во нормални околности. Но трупањето тимови ја намалува возбудата, а првата рунда, по која испаѓаат само 8 од 24 тимови, спортски е речиси безвредна.
За утеха е што паневропското првенство треба да биде само експеримент. Првенството во 2024 треба да го организира само Германија. Тука од еден крај на земјата до друг, со воз, може да се стигне за шест часа. Не знаеме колку би му требало на возот од Баку до Рим.
Кој стои зад успехот на македонската фудбалска репрезентација
05:59
Стадионите на ЕУРО 2021
За првпат во историјата на Европските фудбалски првенства, турнирот ќе се одржи во 11 градови домаќини во 11 различни земји. Еве пригоден водич за стадионите кои ќе бидат домаќини на натпреварите ова лето.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Лондон - Стадион Вембли
Финале во Лондон! Со 90.000 места, обновениот стадион во Вембли ќе биде најголемата арена на Еуро 2021. Дури и ако го нема историскиот сјај на „Стариот Вембли“, неговата замена исто така е импозантна. Покрај три натпревари од групите и еден осминафинален натпревар, тука ќе се одиграат и полуфиналните мечеви, како и финалето.
Фотографија: Getty Images/M. Hewitt
Минхен - Алијанц Арена
Алијанц Арената е гордост и радост на Бајерн Минхен. Изграден како чисто фудбалски стадион со капацитет од 67.812 места, тој ги исполнува највисоките стандарди на УЕФА. Вреди да се види осветлената надворешна обвивка на стадионот. За време на првенството, Минхен на ЕУРО 2021 ќе биде домаќин на трите натпревари на германската репрезентација во групата, плус на едно четвртфинале.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Рим - Олимписки стадион
Олимпискиот стадион во Рим има 72.700 седишта, но има потреба од реновирање. На овој стадион се одржаа Светското првенство во атлетика во 1987 година, како и фудбалскиот Мундијал во 1990 година. Ова беше место на успесите на германската фудбалска репрезентација на ЕП во 1980 и на СП во 1990. Три натпревари од групната фаза и едно четвртфинале на ЕУРО 2021 ќе се играат во Рим.
Фотографија: Bongarts/Getty Images
Баку - Национален стадион
Новиот Национален стадион на Азербејџан, кој беше отворен во март 2015 година, собира 69.870 гледачи. Го замени малиот стадион „Тофик Бахрамов“ како домашен терен на репрезентацијата на Азербејџан. Во 2019 година, токму на овој стадион Челси победи во финалето во Лига Европа против Арсенал. На ЕУРО 2021, Баку ќе биде домаќин на три натпревари од групите и на едно четвртфинале.
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Kirk
Санкт Петербург - стадион Кретовски
Стадионот „Кретовски“ во Санкт Петербург, познат и како „Газпром Арена“, е изграден за Светското фудбалско првенство во 2018 година. Арената собира 69.000 гледачи и стои на местото на стариот стадион Киров, кој беше урнат во 2006 година. Трошоците за изградба беа огромни, околу 930 милиони евра. Арената ќе биде домаќин на три натпревари од групната фаза и едно четвртфинале на годинешново ЕП.
Фотографија: Alexander Demianchuk/TASS/dpa/picture alliance
Копенхаген - Стадион Паркен
Дом на данскиот гигант ФК Копенхаген, Паркен е еден од најмалите стадиони на ЕУРО 2021 со околу 38.000 седишта. Импресивната инфраструктура на градот и модерниот лик на стадионот се адутите на Паркен. На инаугуративниот натпревар на стадионот во 1992 година, Данска загуби со 2-1 од Германија во пријателски натпревар. Овојпат се предвидени три натпревари од групната фаза и едно осминафинале.
Фотографија: THIBAULT SAVARY/AFP/Getty Images
Амстердам - Арена Јохан Кројф
Арената со капацитет од 52.960, именувана по славниот холандски број 14, е еден од најиновативните стадиони на Европското првенство. Арената има покрив што се собира и е опремена со специјални светла кои го контролираат растот на тревата. Веќе беше домаќин на натпревари на ЕУРО 2000. 21 година подоцна, Амстердам ќе биде домаќин на три натпревари од групната фаза и на едно осминафинале.
Фотографија: Dean Mouhtaropoulos/Getty Images
Букурешт - Национален стадион
Новиот романски национален стадион е изграден од 2008 година наваму, на истото место со стариот Национален стадион, изграден во 1953 година. Има капацитет од 55.600 и е домаќин на меѓународните натпревари на репрезентацијата на Романија. На ЕУРО 2021, овде ќе се играат три натпревари од групната фаза и едно осминафинале.
Фотографија: Getty Images/Afp/Barbara Sax
Севиља - Олимписки стадион
Бидејќи двата најголеми фудбалски клуба во градот - Реал Бетис и Севиља - имаат свои стадиони, фудбалски натпревари ретко се играат на „Естадио Олимпико“. Собира 57.619 гледачи. Билбао првично беше планиран како место за одржување на ЕУРО 2021, но беше отфрлен од УЕФА бидејќи регионалната влада на Баскија не можеше да гарантира присуство на гледачи поради пандемијата на коронавирусот.
Фотографија: Daniel Gonzales Acuna/dpa/picture alliance
Будимпешта - стадион Ференц Пушкаш
Стадионот, именуван по еден од најдобрите унгарски фудбалери, е местото каде унгарската фудбалска репрезентација ги игра повеќето од своите домашни натпревари. Во последниве недели, стадионот честопати беше заменска локација за натпревари во Лигата на шампионите. На Европското првенство овде ќе се одиграат три натпревари од групната фаза и еден осминафинален меч.
Фотографија: Tibor Illyes/AP Photo/picture alliance
Глазгов - Хемпден Парк
Арената со капацитет од 52.500 седишта беше најголемиот фудбалски стадион во светот се додека не се отвори Маракана во Рио де Женеиро во 1950 година. Хемпден Парк, во кој обично игра репрезентацијата на Шкотска, ќе биде домаќин на три натпревари од групната фаза и едно осминафинале на ЕУРО 2021, иако натпреварот на Шкотска против Англија во групата ќе се одигра на Вембли.