ЕУ: Амнестија за изборен криминал не е во интерес на земјата
17 март 2016Европската Унија очекува да се избегнуваат чекори кои ќе бидат во спротивност со Договорот од Пржино, по одлуката на Уставниот суд да ги укине измените во Законот за помилување од 2009 година и на тој начин повторно да овозможат помилување на лица кои, меѓудругото, се обвинети за изборен криминал.
Во Брисел сметаат дека се неприфатливи сугестиите за неказнивост на дела поврзани со изборни нерегуларности.
„Вонредните парламентарни избори, како што е предвидено во Договорот од Пржино, се клучен чекор во реформскиот процес кој треба да ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и да ја извлече земјата од политичката криза. Очекуваме да се избегнува секој потег кој би бил спротивен на оваа цел. Секоја сугестија за неказнивност во однос на дела поврзани со изборите ќе биде во спротивност на напорите инвестирани од земјата и од меѓународната заедница кон овозможување услови за веродостојни избори и враќање на довербата на граѓаните во изборниот процес“, вели портпаролката на комесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, Маја Коцијанчич за ДВ.
Таа потсетува дека евентуалната одлука на Иванов да ги помилува обвинетите за изборни манипулации ќе биде и во спротивност со улогата на Специјалното обвинителство.
„Таквиот потег ќе биде и во спротивност со одлуката на парламентот и на политичките партии да формираат Специјално обвинителство кое треба да ги разгледа и гони прекршувањата, вклучително и делата кои се во врска со претходните избори“.
ЕУ очекува македонскиот претседател Ѓорге Иванов да работи на зајакнување, а не на заслабнување на демократијата во земјата.
„Сега, кога кривичните дела поврзани со изборите можат да се амнестираат, моќта за таквата одлука ќе биде во рацете на актуелниот и идните претседатели на државата. Очекуваме оваа алатка да се користи во насока на зајакнување, а не заслабнување на демократијата“, вели Коцијанчич.