ЕУ бара „европски дух“ од Србија
15 ноември 2011Враќањето на дијалогот со Приштина, но и остварување напредок во добрососедските односи и слободното движење на Косово се споменуваат како предуслови за давање на зелено светло на кандидатскиот статус на Србија. ЕУ се надева дека многу скоро ќе дојде до следен круг преговори меѓу Белград и Приштина.
По тој повод претставничката на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон вели дека верува во лидерските способности на претседателот на Србија, Борис Тадиќ, како и дека Тадиќ искрено сака да ја види Србија во ЕУ.
„Се надевам дека следните денови и недели ќе видиме дека таа посветеност се остварува. Не е лесно да се биде на чело на држава, а лидерството во тие услови значи дека тој мора долгорочниот интерес на својот народ, а сметам дека тоа е членството во ЕУ, да го постави како приоритет. Ако тоа може да го направи, ЕУ ќе му помогне“, нагласува Ештон.
Враќање на дијалогот и конкретно поместување
Иако темата за давање на статусот кандидат на Србија за членство во ЕУ треба да се најде на дневниот ред на декемвриското заседавање на Европскиот совет, како на оној со министрите за надворешни работи, така и на тој со лидерите од земјите од ЕУ, сепак во Брисел може неофицијално да се слушне дека покрај „клучниот приоритет“ – обновување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, ЕУ сака да види и конкретни поместувања во правец на отстранување на барикадите и овозможување на слободно движење на северот од Косово.
Кооперација, а не конфронтација
И германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле нагласува дека добрососедските односи се еден од европските критериуми кои Србија мора да ги исполни. Вестервеле уверува дека Германија го поддржува проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, но и дека нема да дозволи никакви „попусти“ на тој пат.
„Сакам јасно да дадам на знаење дека од оние кои сакаат да влезат во ЕУ очекуваме и да покажат европски дух. Тоа значи кооперација, а не конфронтација. Од тоа зависи нашата поддршка и нивниот напредок“, потенцира Вестервеле.
Германскиот шеф на дипломатијата нагласува дека територијалниот интегритет на Косово за Германија е „надвор од секоја дискусија“, како и дека тоа ќе биде земено во обзир за време на носењето на одлуката во декември.
„Територијалниот интегритет не се доведува во прашање, дури ни од страна на оние кои не го признале Косово. Дури и тие што не го признале се согласуваат со нас дека спорот мора да се реши со соработка и преговори, а не со конфронтација“, заклучува германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле.
Автор: Марина Максимовиќ/ Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска