ЕУ бара подобра контрола на границата со Турција
9 март 2012„Сакаме да помогнеме, но главната одговорност е на Грција и тие мора да си ја завршат работата“. Оваа реченица во последниот период главно ја изговараа европските министри за финансии, но од синоќа (08.03) со тој став излегоа и министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ.
На четврточната седница во Брисел се разговараше за управувањето со Шенген сферата, заедничкиот европски систем на азил, одговорноста и солидарноста на 27-те земји-членки на ЕУ кога е во прашање заедничката безбедност. По минатогодишната криза со илегалните имигранти од северот на Африка, ЕУ со загриженост ја следи состојбата со мигрантите кои од Блискиот исток, преку грчко-турската граница влегуваат во Шенген-зоната.
„Извештаите говорат за загрижувачка состојба. Постои одреден напредок, но мора уште многу да се стори. Имаме многу препораки за грчките власти и ќе работиме со нив за да им помогнеме“, изјави комесарката за внатрешна политика на ЕУ, Сесилија Малстром.
Внатрешни Шенген-контроли
Германија и Австрија побараа од Грција да ја заостри имиграциската контрола на своите граници, преку кои, од Турција неделно влегуваат преку две илјади имигранти. Иако последните податоци укажуваат на пад на таа бројка, Австрија и Германија предлагаат мерки за евентуално повторно воведување контроли внатре во Шенген-зоната за да се запре натамошното ширење на бранот илегални имигранти.
„Доколку се забележат константни недостатоци кај една земја во обезбедувањето на нејзините граници, а по примената на сите останати мерки на помош - финансиска, техничка, човечки ресурси... постои можност земјите-членки кои ги делат границите со таа земја привремено да воведат контроли во рамки на Шенген“, изјави портпаролот на Европската комисија, Микеле Черконе.
Дали ѕидот е решение?
Грција минатиот месец најави изградба на 10-километарски ѕид на еден дел со границата кон Турција, која пак се протега на вкупно 200 километри долж реката Еврос. Во ЕУ може да се чуе дека „ѕидовите се решенија од минатото“ и дека Грција претставува отворена врата за натамошен влез во Шенген-зоната. Европската комисија порачува дека ќе помогне во подобрувањето на загрижувачката хуманитарна состојба со имигрантите во Грција, но нема да учестува во изградбата на грчкиот ѕид.
Иако седум земји-членки бараат изработка на „акционен план“ за запирање на приливот на илегалните имигранти во ЕУ, меѓу членките, но и во европските институции се‘ уште нема консензус кога е во прашање можноста за воведување внатрешни гранични контроли во рамки на ЕУ.
Автор: Марина Максимовиќ/БГ
Редактор: Е.М. Фиданоска