1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ вети 100 милијарди евра против економската криза

Дојче веле21 март 2009

Самитот заврши со компромис, ЕУ ќе го помогне Меѓународниот монетарен фонд со 100 милијарди евра за борба против кризата, а двојно ќе го зголеми сопствениот фонд за помош на источно и средноевропските држави членки.

Охрабрувачки резултати од самитот во БриселФотографија: AP

Државите од ЕУ се уште чекор посплотени во борбата против економската криза. Тие се договорија ММФ да добие двојно средства од оние 250 милијарди долари, со кои сега располага, за да може да им помогне на најпогодените држави, а Унијата е подготвена и самата да учествува со до 100 милијарди евра. Но, и во ЕУ треба да биде зајакнат постојниот фонд за помош на земјите надвор од еврозоната, и тоа за половина, од сегашните 25 на 50 милијарди евра. Зашто, на некои држави од источниот дел на ЕУ им се заканува банкрот. Австрискиот претседател Вернер Фајман ја истакна посебната одговорност на ЕУ во овој случај:

„Мислам дека не може да се зборува само за шансите на пазарот кога тој расте, кога развојот оди нагоре, а кога ќе се појави криза, тогаш едноставно да ги заборавиме погодените луѓе. “

Шефовите на држави и влади на 27 земји членки на ЕУ претходно се усогласија околу заеднички финансираната конјуктурна програма на Европската комисија, вредна пет милијарди евра. Овие пари треба да се употребат за изградба на енергетска мрежа како и широкопојасна интернет мрежа. Тие ќе се земат од тековниот буџет на Унијата, но под строги критериуми.

Барањата за натамошни национални конјуктурни програми беа одбиени. Германската канцеларка Ангела Меркел, како и повеќемина други, сметаат дека прво треба да се сочека резултат од донесените мерки.

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола СаркозиФотографија: AP

До каде да оди помошта

Уште пред самитот владееше голема дилема: дали ЕУ треба да им помага на фирмите, да ги штити работните места и да ги реформира финансиските пазари: Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо ја растера дилемата:

„Финансиските пазари, економијата и работните места, тие не се одделни области. Не можеме да ја поставиме економијата наспроти социјалата, мораме да делуваме на сите фронтови.“

Шефовите на држави и влади на ЕУ имаат заеднички став за повеќе теми, како што истакна францускиот претседател Никола Саркози:

„Сите се единствени во прашањата како постоењето даночни оази, ХЕЏ-фондовите, платите на менаџерите, нужноста од регулирање на пазарот.“

Врз сите финансиски актери, производи и пазари треба да постои надзор, смета ЕУ.

Во Брисел практично беше направена и подготовка на Светскиот финансиски самит, кој ќе се одржи на почетокот на следниот месец во Лондон. Таму ЕУ сака да настапи со единствени барања во однос на совладувањето на економската криза.


►◄




Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми