1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: одговорноста е сега на политичките лидери

Б. Георгиевски21 април 2016

Од канцеларијата на ЕУ комесарот за проширување Јоханес Хан попладнево потврдија дека е откажан состанокот во Виена на кој требаше да се разговара за излез од македонската криза.

Europaflaggen vor dem Hauptquartier der Europäischen Kommission in Brüssel
Фотографија: Reuters/Y. Herman

„Жалиме што планираната лидерска средба планирана во Виена на 22 април нема да може да се одржи“, соопштија попладнево од Европската комисија за Дојче веле.

Портпаролката Маја Коцијанчич потврди дека средбата е одложена, но и дека тоа е последица од „прекршувањето на Договорот од Пржино“.

„Постојано велевме дека прекршувањето на Договорот од Пржино ќе има сериозни последици за земјата. Длабоко ќе жалиме доколку се случат некои ретроградни чекори во Скопје кои натамошно ќе ја оддалечат земјата од нејзините аспирации за влез во Европската Унија“.

Политичките партии во Македонија уште претпладнево брифираа дека состанокот е откажан. Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев вчера соопшти дека неговата партија нема да оди на состанокот доколку не се исполнат два услова: претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече аболицијата и да се одложат изборите закажани за 5 јуни.

Од ЕУ за ДВ велат дека „остануваат на располагање“ да им помогнат на партиите и сега и во иднина.

„Но одговорноста да се обезбеди демократскиот напредок и да се направи исчекор на евро-атлантскиот пат сега останува на самите партии, од името на граѓаните на нивната сопствена земја. Тие мора да го исполнат своето“, вели Коцијанчич за ДВ.

За вечерва во Скопје и во други градови низ Македонија најавени се паралелни протести на движењето #протестирам, но и контра-протести на приврзаниците на провладината ГДОМ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми