1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

ЕУ во дилема за Сирија

Бернд Ригерт
10 октомври 2019

Ситуацијата во Сирија со навлегувањето на Турците станува уште покомплицирана. ЕУ стравува од нов терор, но нема единствен став и има само ограничено влијание. Од Брисел известува Бернд Ригерт.

Türkei Militär an de Grenze zu Syrien
Фотографија: Getty Images/B. Kara

Врвот на ЕУ се воздржа од официјални реакции по почетокот на турската офанзива во курдските региони во Сирија. И часови откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја оствари својата закана и САД ги повлекоа своите сили, комесарот за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини не зазема став. И треба долго време за да дојде до единствен став со 28те земји членки на ЕУ.
Само еден портпарол вчера општо изјави дека „вооружаните конфликти не го засилуваат само страдањето на цивили и доведуваат до масовни протерувања", туку ги загрозуваат и дипломатските напори за смирување на ситуацијата во Сирија. Германската влада исто така преку портпарол предупреди од ескалации.

Макрон е солидарен

Само францускиот претседател Емануел Макрон во средата самиот зеде збор и во Париз се сретна со претставници на курдските милитанти против кои Ердоган презема воени дејствија. Макрон вели дека е „длабоко загрижен" за можната воена интервенција. На портпарол на курдската „Сириска демократска армија" Макрон му гарантирал дека Франција е и натаму солидарна со Курдите. Франција и Велика Британија сакаат специјална седница на Советот за безбедност на ООН. Следниот понеделник министрите за надворешни работи на ЕУ сакаат на редовниот состанок во Луксембург да ја дебатираат темата за најновиот развој во Сирија.

Фотографија: Reuters

Повеќе:

-Офанзивата на Турција во Сирија започна со отоманска музика

-Губитници се повторно Курдите

-Дали САД повторно ги „предадоа“ Курдите?

ЕУ изминатите осум години се обидуваше да ги ублажи хуманитарните последици од војната во Сирија и да соработува во изнаоѓање политичко решение на конфликтот со ООН. За воена интервенција на копно Европејците, на негодување на САД, не беа подготвени. Само Франција и Велика Британија изведуваа воздушни напади врз позиции на радикално-исламските милитанти во Сирија.

„Нема заедничка политика на ЕУ"

Могерини постојано посочува на тоа дека ЕУ организирала три донаторски конференции за Сирија и дека обезбедила околу 11 милијарди евра за хуманитарна помош. Сепак во случајот со Сирија не може да се зборува за единствена политика на ЕУ, смета Јасмин Ел Гамал од тинк-тенкот „Атлантски совет" во Брисел. Потребна е конзистентна и кохерентна политика на ЕУ, која не постои. Зборуваме секогаш за тоа што ЕУ би требала да направи. Но, ако поединечно ги погледнеме земјите членки, се гледа дека има различни ставови. Едните се борбени, другите сакаат да почекаат. Не постои единствен став за тоа како да се третира режимот на Асад. На темите враќање на борци од Сирија или третирање на бегалците секоја земја од ЕУ има свое мислење." Ако најбитните земји не се единствени во ставот колку ќе сакаат да се ангажираат во Сирија, според Јасмин Ел Гамал за ДВ, постои опасност гласот на Европа воопшто да нема тежина.

Фотографија: Getty Images/AFP/D. Souleiman

Договорот за бегалци со Турција има предност

Според експертот за надворешна политика на конзервативната фракција во Европскиот парламент, Михаел Гелер, ЕУ веќе го достигна тој момент. Европејците со години стоеа на страна во сирискиот конфликт, критикува Гелер во изјава за Дојчландфунк. „Како резултат на тоа сега речиси и да немаме никакво влијание“, вели тој. Дури и влијанието на Европската унија врз Турција која со години е земја кандидат за членство, е ограничено. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е “глув„ на барањата да не презема акција против курдските милиции во Северна Сирија. На ЕУ и е потребен договорот кој пред три години го склучи Турција за спречување на премин на бегалци кон Грција. Претседателот Ердоган постојано се заканува дека ќе испрати повеќе бегалци доколку ЕУ не го исполни финансискиот дел од договорот. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер во понеделникот предупреди од нов бегалски бран кон ЕУ доколку ситуацијата во Сирија ескалира. Поради тоа ЕУ мора да биде подготвена со единствена заедничка политика за азил и миграција, побара Зехофер. Сепак тој призна дека до тогаш “ќе треба да се вложат големи напори за тешката задача која ни претстои."

Фотографија: Imago Images/Agencia EFE/J. Mendez

Нови закани од тероризам?

До сега курдските милиции ги држеа под контрола борците на таканаречената „Исламска држава“, откако воено ги победија. Турскиот претседател Ердоган го осигура американскиот колега Доналд Трамп дека Турција ќе ја преземе оваа одговорност. Но, Џулиен Барнс – Декеи, експерт за Сирија од „Европскиот совет за меѓународни односи“ од Брисел не верува баш во ова ветување. „Човек мора да е реален и да види дека Европејците не се подготвени да се справат со репатријацијата на борците од ИСИС. Американците извесно време вршеа притисок врз Европејците да им ги повлечат државјанствата. Европејците го отфрлија тоа," вели Барнс-Декеи за ДВ. Сега прашањето гласи дали претседателот Ердоган навистина има воља и е во состојба да спречи обнова на тероризмот од ИД. „Има многу сомнежи во однос на ова кога ќе се земе в предвид дека тој би се занимавал само со Курдите," вели Џулиен Барнс – Декеј. Идниот шеф на надворешната политика на ЕУ, поранешниот шпански министер за надворешни Јозеф Борел, кој на почетокот на ноември ќе ја наследи Федерика Могерини, во Европскиот парламент изјави дека Унијата мора конечно да научи дека мора да зборува со единствен “глас на моќ“. Што би значело ова во однос на конфликтот во Сирија, не појасни. Борел ги критикуваше САД за дозволата на Турција, предвреме да изврши интервенција во Сирија.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми