ЕУ ги продолжи анти-дампинг царините за Кина
2 декември 2013Двегодишните казнени царини ќе бидат во сила веќе од 6. декември. Оваа мерка ЕУ ја воведува за кинеските претпријатија кои во соларната бранша, според мислењето на Брисел, нудат соларни модули по недозволено ниски цени. Освен тоа, ЕУ сака да ги казни и производители кои профитираат од субвенциите на кинеската држава.
Уште во јуни Европската комисија донесе одлука за воведување привремени заштитни царини, но со важност од шест месеци. Сега анти-дампинг царините се продолжени на две години. Европејците ја обвинуваат Кина дека соларните модули и нивните компоненти ги извезува под цената на производство и со тоа ги истиснува европските производители од нивните домашни пазари. Со своите дампинг цени кинеските производители ги руинираа европските производители на соларни ќелии.
Конфликтот во јуни се закануваше да прерасне во трговска војна. Но, во јули беше спречена ескалација кога Кина и ЕУ се спогодија за компромисно решение. Тоа предвидува минимална цена на кинеските соларни модули од 57 центи по ват и максимален увоз од седум гигавати годишно.
Од пролонгираните заштитни царини е погодено малцинство од кинеските фирми, соопшти Европската комисија. Најголем дел од фирмите не потпаѓаат под казнените мерки, зашто се придржуваат кон условите за извоз договорени летоска. Во 2011. година Кина извезе соларни модули во вредност од 26,6 милијарди евра, од што околу 60 проценти во ЕУ. За возврат, Кина увезе соларни производи и суровини во вредност од 7,5 милијарди долари.