1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го зголемува притисокот врз Лукашенко

Бернд Ригерт
18 август 2020

Неделава шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ сакаат да изнајдат излез од кризата во Белорусија. Да посредуваат, казнуваат или да поттикнуваат - тоа се опциите на маса.

EU-Sondergipfel zur Bewältigung der Corona-Wirtschaftskrise
Шарл Мишел ги свика шефовите на држави и влади да се состанат утре за да извршат поголем притисок врз претседателот на БелорусијаФотографија: picture-alliance/dpa/AP/Reuters Pool/F. Lenoir

ЕУ ретко свикува вонреден самит заради надворешнополитички теми. Но, во светло на употребата на сила од државата врз демонстрантите во Белорусија, самит со видео вклучувања бил потребен, појасни претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Тој ги свика шефовите на држави и влади да се состанат утре за да извршат поголем притисок врз претседателот на Белорусија, Александeр Лукашенко. „Луѓето во Белорусија имаат право да одлучат за својата иднина и слободно да го изберат својот државен врв”, твитна Мишел. „Насилство кон демонстрантите не е прифатливо и не смее да биде дозволено”.

Шарл Мишел со поканата за самитот им излезе во пресрет на барањата од страна на Полска и Чешка. Двете членки на ЕУ уште минатата недела, на средбата на министрите за надворешни работи околу ситуацијата во Белорусија, бараа самит на првите луѓе за да се даде поголема политичка тежина на изјавите од ЕУ.

Вчера и претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер и францускиот колега Емануел Макрон остро го критикуваа раководството во Белорусија. Штајнмајер во Берлин изјави дека се восхитувал на храброста на луѓето да излезат на мирни протести. „Апелирам претседателот Лукашенко да го избере патот на дијалогот. Не насилство, туку дијалог. Апелирам белоруската војска да не се огрешува со насилство спрема сопствениот народ.“

Повеќе:

Белорусија: Бруталната вистина за демонстрантите во затвор

Тихановскаја подготвена да биде лидер, Лукашенко отфрла нови избори

Изборна фарса на Лукашенко во Белорусија

Контрола на изборите од ОБСЕ?

ЕУ не ги признава резултатите од изборите на 9 август. Лукашенко наводно добил 80% од гласовите. Опозицијата обвинува за изборен фалсификат.

Кандидатот на опозицијата Светлана Тихановскаја мораше да оди во егзил во Литванија и изјави дека е подготвена да ја води земјата.

Некои членки на ЕУ бараат повторување на изборите во слободни и фер услови. Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт изјави дека ОБСЕ треба да игра улога во контролата на изборите.

Во ОБСЕ се и Белорусија, сите земји членки на ЕУ, Русија и САД. Но, ОБСЕ, за разлика од досега, не можеше да испрати свои набљудувачи. Германија во моментот претседава со Европскиот совет и помага во посредувањето. Канцеларката Ангела Меркел изминатиот викенд имаше контакти со многу партнери за да се советува околу ситуацијата, изјави портпаролот.

Канцеларката Ангела Меркел имала контакти со многу партнери за да се советува околу ситуацијата во БелорусијаФотографија: Reuters/F. Lenoir

ЕУ може да побара построги санкции

Досега ЕУ се’ уште нема јасно побарано оставка на белорускиот претседател кој 26 години автократски раководи со земјата. Но, тоа би можело да се случи во среда. Сепак, одлуки на самит се носат со консензус. Унгарската влада, која досега негуваше добри односи со Александер Лукашенко, може да се противи. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто уште минатата недела се заложи за подобар дијалог со Минск.

Францускиот претседател Емануел Макрон, од местото каде одмора на Медитеранскиот брег, изјави дека ЕУ мора да застане зад стотиците илјади Белоруси кои мирно протестираат за својата слобода и суверенитет. ЕУ-дипломати во Брисел се надеваат дека од самитот ќе произлезе силен сигнал за солидарност со опозицијата во Белорусија. „Ситуацијата таму се развива многу бргу поради што беше потребен итен самит“, вели еден ЕУ-дипломат.

Од минатиот петок, по одлука на министрите за надворешни работи, во ЕУ се подготвува листа на можни забрани за патување и економски санкции против одговорните во Белорусија. Таа треба да биде готова до крајот на следната недела.

ЕУ прво мора да идентификува кој е одговорен за можната изборна измама и насилство против демонстрантите, како и произволното апсење и затворање. Дали на оваа листа ќе се најде и белорускиот претседател, се’ уште не се знае. Германската канцеларка може да види поширока група на лица кои би биле опфатени со санкции, соопшти портпаролот Зајберт во Берлин.

Протестите против Лукашенко во Белорусија не стивнуваатФотографија: Getty Images/AFP/S. Gapon

ЕУ не сака да и’ даде изговор на Русија

До 2016. на сила беа ЕУ санкции против 173 лица. Тие беа поништени по тогашните претседателски избор, бидејќи ЕУ виде мало приближување на Белорусија кон Европа. Односите со нејзиниот близок сојузник Русија се сметаа за особено тешки.

Белорусија во изминативе години учествуваше во повеќе програми за соседите на ЕУ, меѓу другото и во размена на студенти преку програмата Еразмус како во еден вид дијалог за владеење на правото. Исто така постои ограничена воена соработка со воениот НАТО сојуз, иако Белорусија е воено тесно поврзана со Русија.

Сега белорускиот претседател Лукашенко ги обвинува Холандија, Полска и Украина дека стојат зад протестите во неговата земја. „Мора да се избегне сѐ што би можело да му даде изговор на рускиот претседател Владимир Путин воено да интервенира во конфликтот. Не ни треба втора Украина“, вели еден европски дипломат од Брисел кој сака да остане анонимен.

Белорусија во понеделникот започна со воени вежби на западната граница. Претседателот Лукашенко изјави дека НАТО ги групира трупите во Полска, Литванија и Летонија за да и’ се закани на Белорусија. Портпарол на НАТО викендов ги отфрли ваквите тврдења. „Мултинационалната присутност на НАТО во источните земји членки не е закана за никого“, рече Оана Лунгеску. „Јасно е дека е дека единствената цел е одбранбена, пропорционална и насочена кон спречување на конфликти и гаранција за мир“, изјави портпаролката на Алијансата. И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во меѓувреме потврди дека Алијансата не спроведува никакво воено вооружување во регионот. НАТО ја поддржува суверена и независна Белорусија, истакна тој во Брисел.

Литванија прима соработници на Тихановскаја

Лидерката на опозицијата Тихановскаја дејствува од егзил, од Литванија која е членка на ЕУ. Поради насилството против демонстрантите во Белорусија, оваа земја ги олесни условите за влез на граѓаните од соседната земја. Таму веќе пристигнаа двајца Белоруси, искористувајќи го правото на влез поради хуманитарни причини кое го усвои владата во Вилнус. Според информациите од балтичката агенција БНС, се работи за двајца соработници на Тихановскаја.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми